Home Антропологија Карневалот во Венеција

Карневалот во Венеција

2,154 views
1

Венеција е градот-бајка. Градот на вода и бисерот на Јадранското море. Градот во кој однапред знаете дека во исто време ќе ви биде и убаво и романтично, единствено и неповторливо. Град кој ако не постоел, тогаш би требало одново да се создаде.

1 032 (Medium)

Венеција е едно од најпознатите и најпосетените места на светот. Градот кој се заглавил во својот изглед уште од времето на ренесансата, или ќе ви се допадне или не. Но секако никој до сега не останал рамнодушен на градскaта општина составена од преку 120 мали острови и над 400 мостови кои ги поврзуваат. Практично кога минувате од мост на мост, вие одите од остров на остров. Во Венеција секогаш има атракции, разни случувања, занимливости, но најмногу од се има туристи со кои е преплавена во секој период од годината. Кога и да решите да појдете, нема да згрешите. Ова е дестинација која би требало секој љубител на убавината да ја посети. Најмалку барем еднашка во животот.

1 070 (Medium)

На плоштадот Св Марко(Piazza San Marco) пред истоимената базилика (Basilica di San Marco). Во позадина е камбанаријата, од лево и десно се Прокуратите (Procuratie), кои на десната страна продолжуваат во библиотеката Marciana. Во горниот лев агол е ренесансна кула (Torre dell’Orologio) коja покажува време и месечеви фази, а во горниот десен агол е Дуждовата Палата (Palazzo Ducale).

Еден од популарните настани во светот кој ви дозволува да бидете личност за која само границите на фантазијата се лимит, а притоа да останете анонимни, е Карневалот во Венеција. Маските, кои се традиционално поврзани со овој фестивал, секоја година не воодушевуваат со фантазија во креацијата при нивната изработка. Не постои човек на планетата кој не би сакал со маска на лице да се најде во Венеција за време на одржувањето на карневалот кога плоштадот Св. Марко е облеан со огромни разнобојни огномети. Луѓето низ уличките и безбројните канали шетаат во прекрасни костими и уживаат во сите благодети и волшебности кои им ги пружа настанот, додека градот наликува на сценарио од некоја приказна.

1 076-2 (Medium) 1 097 (Medium)

Според историските документи, карневалските свечености се организираат од 1268 година, кога сенатот на градот решил да се прославува како празник денот пред почетоткот на Големите пости. Во текот на своето постоење карневалот претрпел најразлични промени и ускладувања. Во 1339 година било забрането маскарадите да се случуваат навечер, а во 1458 година бил донесен закон со кој мажите не смееле да се маскираат во жени заради зачувување на моралот кај населението. На два пати (1699 и 1718) било забрането да се носат маски и наметки за време на постите и другите религиозни свечености кои се случувале за време на карневалот.

Хранам гулаби на плоштадот Св. Марко во Венеција

Средиштето на карневалот во Венеција се маските. Во минатото имало маски за секакви прилики. Онаа која ја носеле жените кога ги посетувале манастирите била изработувана од црн баршун и се нарекувала “морета”. Маската која е целата бела, потсетува на дух и исклучиво се носи со наметка, се нарекува “ларва”. Баута пак е маска за целото лице, но без уста и со многу позлата.

1 162

Луѓето кои ги создаваат маските се mascherari, или изработувачи на маски. Најраното споменување за нив е од 10 Април 1436. Маските ги изработувале од гипс, а при сликањето им помагале уметници т.н. “targheri” кои ги сликале лицата на гипсената површина и внимавале дури и на најситните детали. Claudia Pandolfo, една нова фабрика за маски од Венеција, своите производи ги извезува во Јапонија и Германија. Тие се на мислење дека владата треба да ги забрани ефтините имитации од пластика и гипс, со што ќе ги заштитат производителите на маски во Венеција како занает кои тајните ги носи со себе веќе стотици години.

 Duzdeva palata

Меѓутоа, Карневалот во Венеција е само еден од илјадниците карневали кои се одржуваат на територијата на Европа секоја година, веќе со столетија. Нив ги има насекаде во светот, вклучувајќи го и Балканот каде најчесто се поврзуваат со култот на предците, на умрените, на инкарнацијата на нивните души кои според народното верување, еднаш годишно ги посетуваат живите потомци. Многумина проучувачи во обичајот на носење на маски во Македонија гледаат континуитет на античките баханалии и дионизии, подоцна византиските анастенарии и бурмалии, додека пак трети се на мислење дека обичајот со маска има тракиски и антички корени.

1 088-a

Покрај карневалите во Рио и во Мексико посветени на Денот на мртвите, веројатно еден од напознатите е оној во Венеција кога во времетраење од две недели улиците се преполни со костимирани и маскирани домашни и странски туристи, кои се забавуваат со разновидните програми организирани покрај брегот и каналите на градот.

 1 109

На една од точките каде се одржува Биеналето во Венеција и каде што има известување за настаните кои се одржуваат во рамките на овој фестивал.

Дали би сакале еден ден од животот да го поминете под маска? Да шетате така низ градот, неговите улички, да седнете на кафе на плоштадот, да се измешате со илјадниците луѓе и да флертувате без да бидете препознаени. Карневалот во Венеција може да ви ја пружи таа удобност. Ако се уште не сте ја посетиле Венеција за време на фиестата, оваа година мислам дека се уште имате совршена прилика да бидете дел од еуфоричната прослава која се одвива насекаде низ овој прекрасен град. Се претпоставува дека Карневалот во Венеција не е разуздан како што бил во старите времиња. Но ако ве поканат на настан кој го носи на пример мистриозното име “Опасни врски”, однапред знаете дека ви се ветува забавно попладне исполнето со многу музика, јадење, танцување и опасни игри од средниот век.

Venecija-pristaniste-2

*     *     *

Изменета и прилагодена популарна верзија на овој текст беше објавена во Јануарскиот број (2010) на списанието Травел Инфо, единствениот месечен информатор во Македонија за патувања, одмор и забава.

1 COMMENT

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here