Home Антропологија Карневалот во Вевчани

Карневалот во Вевчани

3,505 views
0

Се може да се одложи, само вевчанскиот Карневал – не! Секоја година на преминот од 13 кон 14 Јануари, на денот кога се дочекува Новата (православна) година, а се испраќа старата, во селото Вевчани се одржува карневал под маски стар повеќе од 1400 години. Карневалот, еден од поголемите во Европа секоја година привлекува илјадници туристи од Македонија, регионов, па и пошироко.

Вевчанскиот карневал во суштина е обичај под маска, кој се нарекува Свети Васиља (Василица) и е посветен на Св. Василиј Велики. Учесниците во него се нарекуваат Василичари. Тоа се маскирани поединци и групи од сите возрасти. Постојат три традиционални маски: зет и невеста, Глупавиот Август и музичари. Останатите маски се помали или поголеми карневалски групи, кои со костумите, гестовите и движењата обично ги исмеваат и жигосуваат појавите и личностите од општествениот живот. Од 1993 година карневалот е член на Здружението на европските карневалски градови.

Вевчани се наоѓа во подножјето од планината Јабланица, 14 километри оддалечено од Охридското Езеро и градот Струга. Има преку 2.500 жители и своја локална самоуправа. Неговите жители кои се познати како врвни мајстори-градители, својата перспектива ја гледаат најмногу во развојот на туризмот. Од културниот туризам, освен Карневалот, надалеку е позната и вевчанската свадба.

Во Вевчани празниците се прославувале на многу специфичен начин. Така освен овој карневал, секоја година се празнуваат и лазарско-ѓурѓовденските обичаи и песни, а Вевчанските Извори се само дел од културното и природното наследство со чија помош ова село опстанува како жив музеј, или музеј на отворено. Исто така можат да се посетат и вевчанските светилишта, меѓу кои е црквата Св. Никола (19 век), трите параклиси на локалитетот кај Вевчанските Извори и природата во околината на Вевчани. Постои зачуван и еден мал дел од макадамски антички пат, но според повеќемина истражувачи, кракот на Via Egnatia не поминувал оттаму и најверојатно се работи за копија на оваа позната траса.

Вевчани ве кани со отворено срце на театарот без граници каде моменталната состојба на духот се движи помеѓу архаичноста, таинственоста и импровизацијата. Каде спојот на паганското и современото се празник за очите и душата кои нудат вистинска слика на современата реалност испреплетена со праисконските корени кои со векови тлеат во свеста на нашиот народ.

Вевчанскиот карневал е наменeт за сите луѓе со добра волја кои знаат да се радуваат на оваа повеќевековна карневалска традиција. Доколу имате можност да присуствувате на овој настан, за време на карневалот не заборавајте да побарате вевчански „пасош” и да смените вевчанска „валута”.

 

Старите велат дека ниту една Василица не смее да се заборави, па затоа секоја следна ваква средба нека биде само еден чекор напред во нејзиното зачувување. А јас сум горда што го носам името на светецот според кој карневалот започнал да се празнува.  🙂

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here