Home Антропологија Од вулканска бомба до мелница

Од вулканска бомба до мелница

2,123 views
2

Вулканска бомба е масата на стопена карпа која може да има различна тежина и форма, а се создала кога вулканот исфрла најразлични фрагменти од лава за време на својата ерупција. Пред да стигнат на земјата, тие се ладат во цврсти фрагменти и на тој начин се обликуваат. Во светот има најразлични вулкански бомби, но ретко кои од нив имаат совршена форма на топка како оние од Кратовско-злетовската област која е позната и како регион што изобилува со вулкански карпи.

Според српскиот истражувач Душан Миловановиќ, тие биле создадени пред 20-30 милиони години, во времето кога еруптивната магма избивала на површина. Од вжештената лава, со температатура од 1.000 степени, исфрлената течна маса се разладувала за време на летот и од неа се создавале тела со совршена форма на топка, познати како лапили. Се среќаваат од големина на јаболко, па се’ до пречник од 80 сантиметри, а жителите велат дека можат да тежат и до 200 килограми.

Извор ‘Дневник

Стојам со вулканска бомба во раката, а зад мене е локалитетот Цоцев Камен, с. Шопско Рударе, Кратовско

Овие вулкански бомби кои можат да се сретнат во околината на Кратово, имаат толку симетрично заоблена форма што покрај вметнување во архитектонската конструкција на куќите и употреба за украси, несомнено одиграле голема домаќинска улога кај предисториските заедници кои го населувале овој крај. Тие можеле да се употребуваат за гмечење, толчење, дробење/ситнење на минерали, житарици и многу други работи, без дополнително да бидат обликувани за таа намена. Некои од овие бомби наликуваат на и горните делови од статичните мелници и авани кои се сретнуваат од мезолитот до железното време (па и подоцна), а нивната денешна функција е заменета со новата технологија. Бидејќи долго време за занимавам со проучувањето на оваа област, можеби во некои од моите идни истражувања ќе ги вклучам и овие природни ‘екофакти’, за да се истражи преку нивните траги на употреба дали тие се употребувале и како артефакти. Особено оние вулкански бомби кои се сретнуваат на или во близината на предисториските локалитети.

 

Алатки од мазнет камен (рачна мелница и аван), пронајдени на Цоцев Камен

А на вас драги читатели ви останува да појдете сами или да си уплатите преку некоја туристичка агенција, за да ги видите природните и културните убавини со кој изобилува Кратово и неговата околина. Верувам дека ќе се вратите со прекрасни импресии. 🙂

2 COMMENTS

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here