Home Cпонзорирано Игра на Тронови – Културно наследство на 21 век

Игра на Тронови – Културно наследство на 21 век

5,882 views
2

Колкумина од вас сте посакале да бидете дел од некоја вонвременска приказна? Приказна во која вашата фамилија е запишана во историјата, затоа што и самата ја создавала истата таа историја.

Некаде во јуни 2011 заврши првиот дел од новата мега серија на HBO насловена како Game of Thrones (Игра на Тронови) која истовремено со светската премиера, имаа можност да ја следат и гледачите на оваа компанија претплатени на нивниот канал во Македонија. Се работи за екранизација правена според серијалот на книгите ‘A Song of Ice and Fire’ на George R. R. Martin, структуирана на начин според кој дејствието на настаните може лесно да се следи. Концепцијата е базирана на родословните стебла на неколку владеачки фамилии кои се борат за кралскиот трон, додека сижето е водено од мноштвото на карактери кои за подобар преглед, сепак се сконцентрирани на неколку човечки судбини преку кои имаме увид во целата приказна.

Светот во ‘Игра на Тронови‘ е епска фантастика, која како категорија се сместува во поджанрот на научната фантастика заради измислените светови и заплетите кои се базираат пред се’ на магија и натприродни елементи како основа околу која се плете приказната. Во редот на некои од најпознатите претставници на овој жанр како што се Џон Р. Р. Толкин, Тери Брукс, Роберт Џордан, К. С. Луис, Тери Прачет, Нил Гејман, Клајв Баркер и Стивен Кинг, се сместува и современиот американски писател R. R. Martin.

Но по гледањето на првиот серијал од 10 епизоди, ќе се сложите дека пред себе имаме дело со нетипична епска фантастика. Се работи за приземјена драма која и покрај тоа што е сместена во еден псевдо-европски среден век, воопшто не е оптеретена со маѓепсници, вештерки, змејови и магии и не наликува на ниту една друга екранизација од овој тип која сме можеле да ја гледаме досега на малите екрани и на кино.

Вовед

Прва сцена од овој серијал ни го претставува Ѕидот од мраз висок 200 метри и долг 500 км вдолж кој е влогорена Ноќната стража, неутрално братство, кое ги штити Седумте кралства од дивјаци, одметници и од оние другите, живи мртовци за кој никој не верува дека постојат оти кој ги видел и самиот умира(л) или станува(л) дух како нив.

Налик на многу досега видени екранизирани верзии, пред нас испливува едно феудално општество со доминантен патријархат сместено во Западните земји на Седумте кралства, со кој владее еден крал. Главното дејствие на серијата е сместено во Westeros, измислена земја во која летата може да траат со децении, а зимите со поколенија, па доста често е цитирана поговорката ‘The winter is coming in Westeros’. Со Westeros во моментот владее кралот Robert Baratheon како главен на седумте кралства, кој седи на Железниот престол направен од мечовите на сите кои се претходно поразени во борбата за тронот. Во обид да го зачува својот трон, тој ќе го повика неговиот долгогодишен пријател Нед Старк за да му помогне.

Историјата на Седумте кралства

Веднаш штом ќе ги видите трите навидум фосилизирани јајца од змејови уште во првата епизода, станувате сомничави дека тие еден ден ќе се испилат. Но таа недоумица ќе ве држи буквално во неизвесност се до крајот на последната епизода, кога ќе помислите дека ова е само обична и реална приказна за едно средновековно општество која би можела да се случи некогаш и некаде на планетарниот систем, лишена од било каква вонземна фикција. Но дали е навистина така?

И покрај тоа што серијата изобилува со многу личности, сепак е претежно сконцентрирана на богатиот сталеж и на борбата за власт над Westeros, поради која ќе завојуваат неколку владеачки фракции. Историја на Седумте кралства не води скоро 10 000 години наназад, во времето кога на земјата доминирале змејовите за кои се смета дека се најмалку барем пред 300 години изчезнати.

Еден од главните ликови во првиот дел од овој серијал е кнезот Eddard (Нед) Stark, гувернер на Северот и подоцна кралски намесник (The Hand). Тој живее во замокот Winterfell (Суроземје) со својата сопруга кнегињата Catelyn Stark (од куќата Tully) и нивните деца Robb, Sansa, Arya, Bran, Rickon како и Jon Snow, единствениот вонбрачен син на Stark.

Вториот карактер Tyrion Lannister, џуџе, е син на кнезот Tywin Lannister и брат на Cersei Lannister, сопругата на Кралот Robert Baratheon. Тој нискиот раст го надокнадува со интелегенција, наспроти својата љубов кон виното и курвите, бидејќи заради својот хендикеп е буквално игнориран од својата фамилија за која претставува своевидно ‘копиле’.

Третиот карактер околу кој се врти дејствието е принцезата Daenerys Targaryen, наследничка на престолот Targaryen, кој всушност треба да му припадне на нејзиниот постар брат, кралот Viserysa. Но за да му обезбеди војска на својот брат во борбата да го врати изгубениот престол на својот татко, таа е принудена да се омажи за кралот на Дотраките, племе кое многу наликува на дамнешните евроазиски монголски номадски народи.

Сцените со насилство и секс

Средниот век дури и во културната Европа бил период исполнет со војувања, сечења на глави и набивање на колци од страна на фините, но агресивни и алчни за моќ принцови и лордови. Ниту територијата на Mакедонија не била ислучок од овие чинови. Сцените со насилство се прилично експлицитни, што е проблематично за продукција како HBО која претежно важи за фамилијарен канал. Истото се однесува и за сцените со секс и нашироко практикуваниот doggy style во кралството Westeros, но кој не ги гледал сериите Spartacus и Camelot, нема да ја забележи разликата дека нивната функција во ‘Игра на Тронови‘ е во склоп на дејствието, а не да го одвлечат вниманието на гледачот од приказната.

Хералдика

Она коешто мене од професионален апект ме воодушеви, е одлично разработената стратегија за поделба на фамилиите, секој со своја иконографија наследена со генерации. Се разбира дека не можеме да очекуваме од еден писател на средновековна фикција да биде и хералдичар, бидејќи тоа е една многу сложена наука. Хералдиката (покрај тоа што е третирана како помошно-историска) е наука за грбовите. Секоја држава, град, општина, фамилија или фирма, политичка партија итн.. може да има свој грб. Дизајнирањето, спојувањето, наследувањето, како и блазонирањето (опишување, читање) на грбовите има свои правила, исто како што секој грб има свои составни делови, т.е елементи.

Затоа нема потреба да се прашувате дали грбовите и знамињата на фамилиите во ‘Игра на Тронови‘ ги исполнуваат хералдичките критериуми! Aвторот на книгите за да може и визуелно да ги раздвои фамилиите, сепак се обидел да следи некои основни хералдички правила и во детали да ги опише сите семејни грбови со нивните слогани, кои во книгите имаат и свој пандан во колор ислустрации. Таа своевидна хералдика е пресликана на севкупиот екстериер, извира насекаде од сцените … од облеката, оружјето, штитовите, војничката опрема, наметките, прстените, знамињата, прекривките на коњите … и едноставно го окупира окото на гледачот да внимава и на најситните детаљи.

Кастинг

Актерот Sean Bean (познат и како Боромир од Господарот на прстените) кој го игра кнезот Eddard Stark, во буквална смисла со својата појава доминира на екранот. И останатата палета на ликови кои се помалку или повеќе застапени во серијата се одлично креирани, портретирани и одглумени, па би рекла дека скоро и да не постои промашување во однос на изборот на актери при кастингот.

Би требало да се спомене глумата на децата актери кои во еден ваков серијал на светско ниво може да има опасни последици по буџетот. Според мене поголемиот дел од актерската екипа која ги глуми децата е доста добро избрана, бидејќи секој лош потег во планирањето на еден ваков долгогодишен серијал, може да штети на имиџот на серијата. Од моментот кога ќе ја видите пргавата и умна Arya Stark, сфаќате дека таа ќе биде проблем. Таа е мојот фаворит бр. 1 во овој дел од серијата, толку нежна а сепак машкоданка, која доколку успее да го скроти својот темперамент би ги постигнала сите цели во животот. Пред се, одмазда за нејзиниот татко. 🙂

Од целата серија, сепак би ја издвоила глумата на Peter Dinklage, која во најмала рака заслужува Оскар. Актерот кој го глуми џуџето Tyrion Lannister игнориран од владејачката фамилија како копиле зарди својот мал раст, заслужува секоја почит. Оваа улога како да е создадена само за него. Џуџето од фамилијата на Lannister, патејќи што е отфрлен од светот, развива хумор на своја сметка толку шарманетн и директен, што понекогаш сите околу него се засегнати со повеќеслојните дијалози.

Заклучок

Се додека ја гледав серијата постојано си повторував дека е веројатно рај за очи на сите оние кои ја сакаат, ја студираат или се занимаваат со средновековна археологија. Но од друга страна, и ние тука во Македонија исто така имаме феноменален среден век. Би изглегла фантастична серија, дури и без натприродни елементи во неа. Зошто никој не се нафати да го портретира нашето средновековие? Оти ако не е запишано, исто како никогаш и да не се случило. Каде ли заминуваат сите нераскажани приказни за археологијата?

Игра на Тронови‘ е серијал кој е фикција, но е многу нетипичен за средновековните дејствија, бидејќи отсуствува најважната нитка, борбата помеѓу доброто и злото. Тука секој од карактерите ги исполува човечките особини кои и самите ги поседуваме. Нема херои кои ќе ги пратите од почетокот до крајот на епизодите или на серијалот, бидејќи не знаете во кој момент некој од ‘главните личности’ може да умре или да биде повреден и осакатен. Инспириран од работата на Tolkien, Vance и Williams, авторот George R. R. Martin кој и самиот е љубител на витезите и средновековието, ни пресликува модел на средновековна историја, бидејќи времето во кое се случува дејствието е многу слично на вистинските луѓе и настани од Војната на розите. Исто како во Англија, каде носители на дејствието биле фамилиите од куќите Јорк и Ланкастер, во ‘Игра на Тронови’, носители на дејствието се фамилиите Старкс и Ланистер сместени во временски интервал кој би можел да се именува како пандан на Европскиот ран среден век.

Нема сомнеж дека се работи за еден многу скап серијал каде покрај финансиските, вложени се и многу когнитивни капацитети да се креира севкупниот живот на една земја од средниот век. ‘Игра на Тронови‘ во буквална смисла е културно наследство на 21 век, бидејќи освен книгите, се’ што се појавува во врска со овој серијал за сега е во дигитална форма. Немојте да се сомневате дека голем број на артефактите употребени во серијата ќе се појават и во аналогна форма, на некоја изложба или аукција. Прашање на време е кога суровиот капитализам во буквална смисла ќе го искомерцијализира ова вредно културно наследство кое реално не постои, а сепак нема никогаш да биде уништено.

Да се визуелизираат информациите од светот на археологијата изискува од писателите на 21 век огромни комуникациски способности. Бидејќи медиум, независно од својот формат е всушноста секоја подлога (површина) па дури и амбиент, реален или виртуелен, кој може да пренесе порака. Затоа драги колеги, бидете спремни, не гледаат сите со исти очи, а посебно тоа што ‘секое седиште, има свое гледиште’. И секако, нумериран број во кино салите. 🙂

Специјалистот за оружје Tommy Dunne, со некои од артефактите употребени во ‘Игра на Тронови

2 COMMENTS

  1. Браво … Одлично преточени 10 епизоди во текст кој се чита во еден здив …
    Ме интересира дали книгите на Џорџ Мартин ги има во некоја од македонските книжарници ?

  2. Одличен текст. Книгите ги има во книжарниците на Икона, на англиски јазик. Поздрав

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here