Дома Археологија Непостоење на туристичка полиција, ја извитоперува историјата на Скопје

Непостоење на туристичка полиција, ја извитоперува историјата на Скопје

2,487 views
0

Во петокот дадов изјава за Тв Сител. Причината беа недоамнешните случувања во нашиот туризам кога странци доаѓаат да ја посетат Македонија и притоа се или малтретирани, или истепани, или украдени. Или евентуално се увредени од нашиот однос кон нив како некој кој инвеститал во својот одмор и дошол да го види нашето богато културно-историско наследство, а по по инволвирањето во некој немил настан, не верувам дека ќе не препорачаат на своите пријатели како пожелна туристичка дестинација. Прилогот којшто е вгнезден подолу во текстот е малку подолго интервју, но извлечени се само фрагменти од разговорот.

Се надевам прилогов ќе стигне до надлежните институции во државава, бидејќи на дело со камерата на ТВ Сител е снимен странски државјанин како на црно ја води својата група во сред Скопје, без да има покрај себе македонски лиценциран водич. Што, од каде и колку може да знае еден јужнокореец за нашата историја и на кој начин ја прикажува е многу проблематично прашање?! Од друга страна, на странците им е јасно дека во Македонија не е регулиран ниту еден закон за туризам и дека нема кој да ги казни, па се дрзнуваат самите да организаираат, да менаџираат и да водат тури, свесно кршејќи го истиот тој закон. Според законот за туризам, казната за овој јужнокореец и за агенцијата за која води од Јужна Кореја е неколку илјади евра и забрана за работа во Македонија, ама како што видовме од прилогот, на плоштадот немаше ни кој да го сопре, а не пак да му пише казна.

[youtube]E5Q7Zi7q8KI[/youtube]

Втората многу важна работа и голем проблем за Скопје е една група на Роми која џепароши на потегот од Старата чаршија, се до Камениот Мост. Не би сакала да се добие погрешен впечаток од прилогот, дека се работи за тоа оти не срамат малцинствата пред туристите. Секаде во светот може да ви се случи да бидете украдени. И Македонци крадат, а не само Роми. Но Ромите за кои зборувам се малолетни, и освен тоа што крадат, многу се агресивни, дури и премногу. Јас лично секој пат кога сум со туристи, со доза на страв поминувам на потегот од стариот дел на Скопје, преку Еврејското мааало, се до плоштадот, зошто никогаш не сте сигурни каков екцес ќе направат. Апелирав да се заложат за нив социјалните институции бидејќи им се веќе познати, но можеби тој дел од разговорот ќе отиде во некој друг прилог.

Ова што го гледате на прилогот е многу пострашно во живо, директно на терен. Сепак, и покрај сите напори кои ги вложуваме јас и моите колеги, надлежните институции не превземале ништо со години! Сето ова се случува затоа што градот Скопје предолго се кемка да создаде туристичка полиција и веќе еднашка да го спречи девалвирањето и лошиот имиџ на македонскиот туризам. Очиглено на некој му одговара ваквата ситуација во домашниот туризам, за да може да лови во матно. Познат е фактот дека Стопанската комора за туризам и Здружението на професионални водичи и придружници на Република Македонија веќе 3 години се борат за создавање на туристичка полиција во Скопје, нешто налик на веќе постоечката во Охрид, но целата процедура до сега не вродила со успех. Непостоење на туристичка полиција, покрај се друго, ја извитоперува и историјата на Скопје. Затоа немојте да се чудите кога другите имаат погрешна перцепција за нашата историја. Едноставно, со свој камен по своја глава си ставаме сопки и предолго ги оставаме нерешени проблемите во сопствениот двор.

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Внеси го тука твоето име