Home Антропологија И јас сум (В)МРО

И јас сум (В)МРО

4,463 views
3

Оставам запис за едно време кога минатото не само што не се почитува, туку се изобличува до непрепознатливост .Јас и мојот брат работиме токму на делот од минатото кој не треба да се оживува, туку треба да се надживее. Но за да го надживееме, најпрво треба да го запознаеме, за да можеме да го надраснеме. А пред тоа, треба да го запишеме. Оти историјата памети само записи чија перцепција е многу различна, во зависност од седиштето на нејзиниот најмен ангажиран историчар. Пркосам на погрешните написи кои некои медиуми во Македонија сакаат да ги остават за одредени случаи, како впрочем многу пати претходно, внесувајќи забуна во историските записи. Во таа смисла разберете го и овој текст. Зошто незапишано-неслучено.

Таа кобна 1948 година фамилијата на мојот дедо засекогаш се распрчка по светот. Од шест браќа и две сестри, повеќето не ги виде никогаш во животот. Некој замина во далечната Австралија, некој само до Белград, а двајца од нив ги сокапаа своите коски 20 години по заднаните на тогашна Грција.

Кога на почетокот од 21 век падна ембаргото за сите оние Македонци кои се родени во егејскиот дел на Македонија, мојот дедо посака да отиде да го види своето родно село Ајватово, крај Солун, денеска прекрстено во Лити. Со месеци му велев на мојот татко дека тоа треба да се изведе мошне умно, па прво појдовме до Грција да го фотографираме селото и околината, а подоцна се вративме со камера барајќи да снимиме барем еден жив човек од неговата генерацијата. Во тоа време веројатно и не можев да го сфатам бремето кое со генерации тлееше во генетскиот код на мојата фамилија. Но гледајќи го дедо ми, сега веќе кревок старец, како липта пред снимките, ги доживеав товарот и болката со кој тој безгласно живееше толку многу години. И одеднаш се прекршив. Имав чувство како сето тоа да било моја лична историја, иако никогаш не сум ја преживеала, ниту пак сум била дел од неа. Историја која молкум е запишана во свеста на сите минати и идни генерации, а никогаш на хартија. Како отсекогаш да сум била вовлечена во таа безвременска приказна на мојот дедо кој се обидуваше да ни го пренесе на мене и на брат наследство на Македонскиот етнос што како хард-диск со текот на вековите апсорбирал кодови и ги вткал во сопствениот фолклор.

Се уште не знам зошто не отидов на тоа патешествие со татко ми и чичко ми во родниот крај на мојот дедо. По кажувањата знам дека во моментот кога пристигнале во атарот на селото, тој клекнал и почнувал да ја бакнува земјата ронејќи ги грутките низ прстите и топејќи ги со своите солзи. Татко ми потоа долго повторуваше дека стоеле скаменети со чичко ми не знаејќи како и самите да се справат со емоционалниот шок кој го преживеале. Ниту пак јас знаев да се справам со некои работи од типот зошто моите вујни и чиковци кога ќе им појдевме на гости во Солун не смееја да зборуваат на македонски јазик, па поради тоа како мала научив да го зборувам грчиот јазик течно. Оти тоа да ти било единствениот начин да се разбереме самите ние – во фамилијата. (за повеќе во врска со ова види го текстот Проколната земја).

И ден денеска одам во Грција, во Солун и во селото Ајватово каде живее дел од мојата фамилија, а живеат и огромен број на Македонци. И постојано посетувам една стара трошна куќа, која чиниш секој момент ќе се распадне. Но таа со децении одолеала на времето и стои гордо во средсело како споменик кој постојано ме потсетува на мојата семејна историја. Тоа е куќата во која се родил мојот дедо Ѓорѓи, неговиот татко Сотир, неговиот татко Андон итн. Колкумина од вас можете да си го наброите на прсти вашето семејно стебло до седмо колено по име и презиме знаејќи што работеле, а тоа да не било сеење и жнеење? Во истата куќа, во истата соба во која се родил мојот дедо, која денеска е во сопственост на нашата фамилија со тапија од турскиот султан, се родил и неговиот дедо, т.е. мојот прадедо Андон Димитров кој е еден од основачите на Македонската револуционерна организација во историската 1893 година. И тоа на 23 Октомври, кој е воедно и мој роден ден!

Токму така, добро читате и не ве лажат очите. Јас и мојот потесен круг на фамилијата сме директни крвни наследници и во своите вени ја носиме крвта на еден од најголемите борци за македонската кауза, а воедно и еден од најголемите Македонски револуционери кој е запишан во сите историски читанки. Официјалното име и презиме на Андон Димитров е Андон (Антон) Димитров Филахтечев. Двете гранки од мојата фамилија го носат соодветното презиме, Димитро(вск)и во Македонија и Филахтови во Грција.

Мојата фамилија и во Македонија и во Грција е аполитична и во современ смисол на зборот не-фотељашки ориентирана, а јас сум апсолутно оперирана од политиката која во Македонија воопшто не постои, зошто сметам дека е тоа наука на високи интелектуалци. Познати се јавно моите ставови дека не ги ‘трпам’ македонските политичари кои доколку сакаат да ги слушам што говорат, ќе мораат да ми платат за изгубеното драгоцено време кое можам да го искористам за поумни работи како наука и истражување на своите корени. Не ме интересира ниту една идологија или партиска припадност, зошто мојата религија е мојата археологија, и не отстапувам во напорот да го истражувам и да го запишувам минатото. Мојата фамилија има дадено многу жртви низ историјата (како впрочем и многу други фамилии), но најголемата е тоа што цел живот морам да се борам и да докажувам дека сум Македонка, неправда што не може да ја исправи ниту една политичка партија во Македонија која чека само да дојде на власт.

За сите овие изминати 20 години откако постои независна Македонија, ниту една партија со привремена референца на организација МРО никогаш не не’ побарале мене или моите блиски да не контактираат, чисто од историски аспект да имаат референца за својата активност дека се обидуваат да остварат некаква врска со минатото. Штом не го сториле тоа до сега, отсега натаму веќе им е доцна, зошто се многу смешни кога се удираат во гради за нашата историја. Јас работам со минатото, ама олкаво непочитување кон истото тоа минато кое е издигнато на ниво на државна религија, до сега не сум доживеала.

Затоа немојте да се занесувате со некакви претставки дека ТИ СИ (В)МРО, вие кои во ланецот на еволуцијата ги поминувате моментите од партиски пиончиња, лепачи на плакати, делачи на флаери до фотељашки гребатори, зошто не го заслужувате тоа. Не заслужувате ни буква од оваа организација, зошто единствено прифаќам да се борам за каузата на Македонците во Европа или во светот, ама не прифаќам тоа да го сторам помеѓу самите Македонци во мојата сопствена држава.

Јас моето културно-историско фамилијарно наследство до сега не го распознав во ниту една партија со претставка (В)МРО. Ниту пак во било која друга политичка партија. Мојот дедо се обидуваше да ни го пренесе на мене и на брат ми наследството кое вткаено во кодот на македонскиот народ провејуваше со стотици години. Тогаш можеби не го сфатив бремето кое требаше да се понесе. Но од крв очигледно не се бега. Јас станав археолог, а мојот брат етнолог, со што ја споивме релацијата помеѓу недопирливото и опипливото културно наследство која и онака е нераздвојна. Чинам дека и двајцата гордо го понесовме фамилијарниот ‘товар’. Чиј товар носиш ти?

3 COMMENTS

  1. Прабаба ми Магда од Злетово учествувала во грабнувањето на Мис Стон со четата на Јане Сандански, така да Васе, и јас сум (В)МРО! Поздрав Васе, одличен текст!

  2. Г-ѓо или Г-ѓице Димитровска,прекрасна ви е статијата но сепак од еден ваш став сум разочаран.Го разбирам вашиот револт од тоа како сте заборавени од државата,па и од секоја партија што го има префиксот ВМРО иако сте потомок на оснивач на создавањето на ВМРО.Тоа го имат доживеано и многу други потомци на борци на каузата за ВМРО чии претци имат изгниено по затворите.Но сепак не ми се допаѓа вашиот став за тие што се партиски определени,како за пример при оснивањето на ВМРО-ДПМНЕ многу од тие потомци на ВМРОвците за да ја продолжат каузата на своите предци а една од нив беше и независна Македонија токму се приклучија на оваа политичка опција во делувањето на партијата бидејќи не беше возможно независно да се делува поради репресиите на режимот од СФРЈ,па така здружени многу Вмровци се активираа во оваа партија.Јас како потомок на борец за Независна Македонија(вмровски идеали)и како потомец на борец за човекови и социјални права во Егејска Македонија,внук на партизан во ДАГ(социјалистички идеали) иако тогаш дете се определив да тејствувам со своите активности во ВМРО ДПМНЕ.Самата таква ситуација беше невозможна да дејствуваш во државата и комуната без да не си определен.

    Сакам да кажам дека не ми се допаѓа вашата иронија кон тие што се партиски определени,а на поштен начин работат и творат во својата држава.Токму овие партиски лигушки ви овозможија вам и на многу други интелектуалци да творите и се изразувате во слободна средина во која што порано не беше возможно да кажеш нешто камо ли да напишеш доколку не помине низ цензура на тогашната владеачка партија СКМ или КПЈ.Верувајте дека секој поштен граѓанин кој што дејствува во некоја партија се бори против оние кои што токму ги нарушуваат идеалите на ВМРО па и внатре во својата матична партија.Затоа како што немате право да поделите дали некој е ВМРО-ДПМНЕ или СДСМ,така немате и право да го делите народот врз основа дали е политички неопределен или пак партиски активист.

    И јас сум агитирал политички за некоја си партија со цел да се остварат некои партиски идеали кои мене ми се допаѓале и сметам дека не наштетиле на никој граѓанин во оваа држава.Па затоа немате вие право да ми кажете дека јас не сум или сум (В)МРО само затоа што според некоја си ваша фикција е лошо да се биде партиски определен.За мене секој граѓанин на оваа држава кој што не прави никаков криминал без разлика дали е партиски или не партиски определен или пак дали е потомок на оснивачи и борци на каузата на (В)МРО (во случајот како нас двајцата) е (В)МРО.

    Јас ја почитувам вашата партиска неопределеност и редовен сум читател на вашиот блог,но сметам дека и вие треба да ги почитувате и тие што се партиски определени,а не со некаква иронија да се изразувате кон нив.

    Инаку и јас сметам дека како вас сум исфрлен од државата, ме немат мене ниту фамилијата исконтактирано за едноставна почит не кон нас туку кон мојот прадедо и дедо кои се бореле за каузата за независна Македонија,но сепак немам горчина кон оној што решил својата борба да ја изразува преку партиите.Уште пред да го објавите овој блог пост јас знаев за вашата фамилијарна поврзаност со основачот на МРО Андон Димитров.Читајќи го овој текст се сетив на нашата единствена средба на Струмичкиот Карневал пред неколку години каде што ние се запознавме преку наши тоест мои и твои пријатели и случајно се најдовме во нивното друштво,а низ муабет за вашата работа во археологијата и за македонската историја вие ми рековте дека вашиот прадедо е оснивач на МРО.Зарем нема поголемо признание да се памти некој случаен муабет за вашиот прадедо и неговата борба за македонската кауза,муабет запомнет од еден обичен граѓанин,од еден обичен смртник отколку некој партиски подлизурко ви дојде и ви даде онака некое фамилијарно признание макар да биде со една обична нивна посета.Идеите на (В)МРО во текот на историјата проникнувале од интелектуалци,но ги спроведувале обичниот народ.Така и денес овој овие идеи се спроведуваат од обичниот народ без раслика дали е партиски обоен или не обоен.

  3. Текстов ти некако… Да ми простиш…

    Секој од нас има некој дедо, прадедо, вујко, татко кој има загинато или лежено во затвор. Дали бугарски, српски, македонски, грчки… Денес по се изгледа човек е херој без разлика во чиј затвор лежел или чии куршуми го дупеле.

    А тоа што дедо то ја основал ВМРО – секоја чест, ама не мислам дека ти имаш било што со тоа или дека било што заслужуваш или имаш право на нешто повеќе.

    Дедо ми загинал како партизан, прадедо ми цел живот го поминал по Македонските планини како комита.
    Што јас заслужувам поради тој факт?
    Мислам дека ништо, а и не очекувам нешто…

    Она што го очекувам се потпира на она што сега го правам.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here