Дома Антропологија Музејот на холокаустот во Еврејското маало

Музејот на холокаустот во Еврејското маало

9,372 views
5

На 10 март 2011 во Скопје свечено беше отворен Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија, кој по Израел, Вашингтон и Берлин е четврт таков од овој тип во светот. Со сите почести како што доликува на еден ваков настан, со гардиска придружба и воена церемонија, беа пренесени трите урни од Штип, Битола и Скопје во кои се наоѓа пепелта од Евреите со потекло од Македонија, а кои биле погубени во Треблинка за време на Втората Светска војна.

Оваа приказна е дел од нашата современа историја и се уште постојат живи луѓе кои се сеќаваат на настанот од 1943 година кога ноќта на 11 Март точно 7.144 македонски Евреи или 98 % од еврејската популација што дотогаш живеела во Македонија, се депортирани и убиени во нацистичкиот логор Треблинка, во Полска. Во овој логор се смета дека се погубени околу 850.000 Евреи за време на WW II, а според информаците на кустосите од музејот, само 10 луѓе успеале да се вратат во Македонија. Во спомен на сите нив, новата музејска зграда посветена на Холокаустот и спонзорирана од Владата на Република Македонија, никна на местото од старото Еврејско маало, каде претходно беше извршена денационализација на имотите, бидејќи Македонија е една од ретките земји која ги има решено имотно-правните односи на Евреите.

Во моментот кога ќе го поминете Камениот мост во Скопје, па се до почетокот на Старата скопска чаршија, делот под Скопското кале со децении бил познат како Еврејско маало. Ова маало се наоѓало во продолжение на Пајко маало, за што сведочи еден натпис кој се уште постои на зградата во која денеска е сместен Факултетот за музичка уметност. Никогаш не ја разбрав мојата баба која го паметела како изгледа еврејското маало пред Втората Светска војна, дали куќите на Евреите се познавале по тоа што во дворот имало, или пак немало засадено дуња?!

Еврејското маало со текот на вековите постепено го менувало својот изглед, дополнувајќи го екстериерот со кафеани со бавчи, голем број приватни куќи, училиште, а помеѓу 1921-1927 на брегот од Вардар се гради Народниот театар кој за жал ќе падне за време на земјотресот од 1963 година и моментално е во реконструкција. Жителите на Скопје кон маалото минувале преку неколку моста. Главен бил денешниот Камен мост, како и т.н. дрвен мост кој според сегашната местоположба бил лоциран помеѓу Камениот и мостот на Гоце делчев, т.е. директно излегувал на театарот. По настанот од 1943 година, Еврејското маало полека замира и го губи својот идентитет, кога неговите жители се депортирани во Полска. Подоцна целото место е комплетно урнато и Скопјани за време на социјализмот оваа маало го паметат по тоа што тука се наоѓаше прчварницата од меѓуградска автобуска станица, на чие место во 2011 год. се изгради Музејот на Холокаустот.

 

Меморијалниот центар на холокаустот
на Евреите од Македонија, Скопје

Музејската зграда на Холокаустот именувана како Меморијалниот центар, е составена од две крила со по три спрата, од кои за почеток беше отворено само левото, додека другото крило е се уште во изградба. Во него е сместена постојана изложба со детален приказ на долгата историја на еврејскиот живот на целиот Балкан, вклучувајќи ја и Македонија. На приземјето, веднаш откако ќе влезете, поместени се фотографии на депортираните Евреи во интересно музејско опкружување, еден агол од просторот е отстапен на урните со пепел од Треблинка, а во продолжение се наоѓа сала за проекции и сувенирница. Како сеќавање на трагичното патување во логорот на смртта Треблинка во едно катче од приземјето, поставен е еден од железничките вагони со кои биле одведени во смрт околу 7200 Македонски Евреи. Вагонот е оригинален, донесен од Софија, и служи како сведоштво да не потсети на една злокобна мартовска ноќ во 1943 година.

Првиот спрат од музејот е посветен на животот на сефардските Евреи по нивниот прогон од Шпанија во средниот век и нивниот придонес во општеството, како и воопшто на севкупниот  духовен и културно-уметнички живот во кој еврејската заедница како една од најбогатите, била вклучена насекаде во Европа. Вториот спрат е исклучиво посветен на Холокаустот, од моментот на депортацијата се до случувањата во Треблинка, но и воопшто на настаните во Полска каде постоеле вкупно 7 нацистички концентрациони логори во кои животот го загубиле неколку милиони луѓе.

Поставката за сега е скромна, претежно составена од панели на кои се наоѓаат мапи, фотографии и информации, кои дополнително може да се добијат и од неколкуте испечатени каталози. Со оглед на тоа што Евреите на територијата на Република Македонија се споменуваа во античките извори како една од најмоќните заедници на Стоби, уште многу работа им претстои на кустосите од музејот додека ги пополнат сите историски периоди со артефакти кои им припаѓале/аат на оваа заедница.

Како дополнување на амбиенталниот простор, на вториот кат се наоѓа интерактивен простор каде посетителите можат да добијат информации за Евреите и Холокаустот, детско катче со сала за проекции и симпатично кафуле кое гледа кон Вардар, театарот и Еврејското маало. Во позадина оди пријатна и ненападна еврејска музика низ целиот комплекс. Веројатно најимпресивен за помнење е огромниот проект кој се наоѓа во средината на музејот, протегајќи се од таванот до приземјето, а за кој посетителите мислат дека е лустер. Се работи всушност за една инсталација во која се наоѓаат 7200 нитки како асоцијација на бројот на убиените Евреи, а кога ќе се погледнат овие нитки нанижени со разнобојни перли оддалеку, во средина се препознава портокаловиот вечен оган и печатите од бројки со кои биле жигосувани Евреите во Треблинка. Меморијалниот центар е простран, добро организиран, осветлен и за разлика од морничавото чувство кое ќе го добиете на влезот со самата помисла на Холокаустот, од музејот си заминувате со една гордост за богатото културно наследство кое потекнува од територијата на Македонија.

Заклучок

Во споредба со другите полуизградени музејски згради наоколу, според мене, би рекла дека Музејот на Холокаустот е најоправданата институција бидејќи зборува за Еврејската популација која ја населувала територијата на Македонија со милениуми и оставила богато културно наследство зад себе. Зборуваме за наследство кое е инкопрпорирано во современиот свет што напати и не го препознаваме во себе оти се слеало со многу култури и обичаи, а сепак успеало да го задржи и својот сопствен идентитет. Многу работи од светските војни до сега се простени, но не се заборавени. Секој народ насекаде во светот има своја болка, која смета дека е најтажна и најголема. Но факт е дека некои болки ќе останат бесконечни. Веројатно најтешки се оние кои човештвото ги носи инкорпорорано во својата колективна свест, за да послужат како пример на идните генерации.

5 КОМЕНТАРИ

  1. Прекрасен пост. Покрај големиот емотивен набој кој го предизвикува поставката, има нешто мошне мистериозно во оваа култура.

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Внеси го тука твоето име