Home Антропологија Со своја нуклеарка по своја глава

Со своја нуклеарка по своја глава

3,186 views
1

Топ бр.1 тема на социјалните медиуми веќе 2 дена е изградбата на нуклеарна централа во Мариово, која доаѓа веднаш по случувањата во Јапонија, каде по земјотресот и цунамито, се заканува и нуклеарна катастрофа од оштетените реактори на централата Фукушима. За ситуацијата со Јапонија е загрижен целиот свет, освен Македонците. А зошто ние би биле загрижени кога Јапонците се толку далеку од нас и се неупотребливи во политички цели, па веста за земјотресот едвај се најде на насловните страници од некои медиуми, за да многу брзо се заборави во предизборната трката за политички поени.

http://press24.mk/story/makedonija/doniraj-za-japonija

Донирај за Јапонија | press24.mk via kwout

Скоро неверојатно е како може земја како Македонија на која Јапонците по земјотресот од 1963 година многу и помогнале (тие и уште 86 други нации), да биде толку пасивна. Секоја чест за вивисекцијата во текстот ‘Последните самураи на Фукушима‘. Не е кажано ништо ново, ама барем е кажано јавно во некој медиум! И зошто навистина нема ниту еден споменик, улица или топоним кој ќе го носи името на Кензо Танге? Човекот кој го замисли, го проектираше и почна да го гради новото Скопје. Истото она во кое живееме и денеска.

Прва се организираше независната музичка сцена на Македонија која ќе одржи добротворен концерт во МКЦ во среда на 23. март 2011. на тема – Срце за Јапонија! Мобилните оператори откако цела недела поминаа во латентна состојба, од вчера изјавија дека конечно им проработе релацијата со Црвениот Крст на Република Македонија, па сите заинтересирани граѓани (поединци, организации и компании) имаат можност за донација за настраданото население во Јапонија.

Градот Скопје, градот на солидарноста вети дека ќе донира цели 25 000 евра, но советниците ќе имаат седница дури на крајот од месецот. Како што можевме да забележиме од фотографиите на интернет, Јапонците се консолидираа, и почнаа да ја обновуваат својата земја. Додека стигне помошта од Скопје, веќе нема ни да им биде потребна. По притисок од јавноста, Владата на РМ одлучи да донира 100 000 евра за настраданите во Јапонија. Од што многу сакав математика, се запишав на Филозофски факултет. Ќе треба да причекате да пресметам колку пари се тоа, ако само за еден споменик во Скопје се трошат пола до 1 милион евра?! Да не бевме мизерни како нација, оваа наша лична трагедија ќе беше всушност многу смешна.

Испративме сочувство до Јапонија, но не сме спремни на ниту еден друг начин да и помогнеме на нацијата бр.1 во светот. Со тоа што не превземаме ништо, мислам дека само им помагаме на Јапонците. Замислете да им пратиме некој од нашата јавна администрација. Дури тогаш ќе ги фати паника и агонија.

Да се вратам сега на изградбата на нуклеарната централа во Мариово. За да го сторат тоа, иницијаторите прво ќе мора да се договорат кога да се одржи првиот состанок, па да ги спроведат сите ставки од проектот според Рамковниот договор, а згора на се’ , сигурно уште 20 години ќе ни треба да изградиме пат до неа. Можеби некогаш и ќе имаме нуклеарка, ако според Маите светот не заврши во 2012 година. Уште пред илјадници години кога им снемало камењата за клесање на календарот, Маите знаеле дека немаат време да не чекаат нас Македонците. Ниту капацитет, ниту квалитет имаме како луѓе и народ, ниту ниво на култура, знаење и технологија, за да изградиме нуклеарна централа. Ние за 20 години независност една фабрика не изградивме (сите ги затворивме), не па нуклеарка. Бесцелно трошење на време и енергија е да се објаснуваме зошто сме неспособни за такво нешто.

*     *     *

Јапонија се помести за 2,4 метри со земјотресот. Се помести и Македонија, ама за еден чекор наназад. Традиционално, исто како во народните ора!

1 COMMENT

  1. Василка, не ги буцкај за нуклеарка те молам. Имањето на нуклеарка не е престиж, туку е playing with the devil – можеби ова е еден од ретките примери кога е добро што сме такви какви што сме.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here