Home Антропологија Вандализмот по археолошките локалитети во Македонија (2) – случајот со Виничко Кале

Вандализмот по археолошките локалитети во Македонија (2) – случајот со Виничко Кале

2,153 views
0

Ако не ви е познато Виничкото Кале или можеби не сте имале никогаш прилика да појдете во Виница, тогаш сигурно ви се познати теракотните релјефи со христијански мотиви, во светот прославени како Винички икони. Археологот кој во 1978 ги пронашол овие ‘икони’, до сега научно не се изјаснил за нивното потекло, иконографија и толкувања. Tоа го сториле други стручњаци чие мислење можете да го прочитате на веб сајтот на Виничкиот музеј, во одделот посветен токму за овие артефакти. Овој локалитет започнал да се ископува од 1985 г и неконтинуирано се истражува се до денеска. Повеќето од наодите до 2006 г. се депонираат во Музеј на Македонија, а потоа за Виничко Кале е задолжен Музеј Теракота од Виница, како локална институција која се грижи за културно-историските споменици и археолошки локалитети во својата општина.

Виничко Кале е утврдена населба од доцноантичко време, но стратиграфијата покажува долг временски период на населување, од енеолитот па според архитектонските остатоци, се до крајот на VI -от век. Се наоѓа југозападно од градот, лево од Грдечка Река, на рид со неправилен облик, а остатоците од утврдувањето имаат приближно димензии од 250х150 м, што изнесува околу 2,5 хектара. Според површинските остатоци, населбата се простирала и на падините од ридот, како и на околните рит­чиња, а со својата височина и положба калето доминира над просторот од Виница имајќи добра прегледност и над коритото на Брегалница.

На средината од она што сега го познаваме како локалитет се наоѓаат моше лошо зачувани остатоци од ѕидови на мала средновековна црква, прекопана од ‘диви копачи’ уште многу одмана пред самото кале да влезе во научната литература како запис. Исто така откриен е и истражен богат женски гроб од XII век во кој се најдени 9 стаклени и 4 бронзени позлатени белезици, 11 бронзени прстени (неколку позлатени) и еден предмет од коска (игленица). Резултатите од ископувањата сè уште не се заокружени, и верувам дека во иднина ќе очекуваме публикации со интересни наоди од овој локалитет.

Упатство: Како најлесно до вандализам на археолошки локалитет!

Во рамките на манифестацијата „Ден на дрвото-засади ја својата иднина“, музејот Теракота организираше акција со наслов ‘Виничкото Кале-наше минато и наша иднина’, со цел да се потенцира значењето на овој локалитет за градот. Меѓу активностите кои се спроведоа на локалитетот, се поставија и пробни табли со најразлични пораки коишто имаа за цел да дадат одредени информации до посетителите кои без водич го посетуваат Виничкото Кале. ‘Пробните’ табли претставуваа своевиден тест за граѓаните на Виница и нивната култура и почитување на културното наследство. Доколку тест – таблите би ‘преживеале’ определен временски период, предвиден беше проект со поставување на модерни, двојазични табли.

Но она со кое се соочија вработените во Виничкиот музеј на чија активност можат да и подзавидат и поголемите институции во државава, беше комплетно кршење и уништување на овие информативни табли кои успејаа да преживеат нецели 5 дена од нивното поставување. Коментарот на археолозите за овој вандалски чин беше следен:

За жал, резултатите беа токму како и што очекувавме, дури и полоши. За рекордни 5 дена поголем дел од поставените табли беа остранети и скршени. Ова е еден од моментите кога се прашуваме за кого ние работиме и кому се наменети резултатите од нашите секојдневни ангажмани околу овој и останатите археолошки локалитети. Како да очекуваме признание од надвор кога ние самите меѓусебе не се почитуваме ниту вреднуваме?

Изјава на Магдалена Манаскова, археолог
Музеј Теракота – Виница

Мојот коментар на ова веројатно го знаете. Ваквото однесување на граѓаните кон сопственото културно богатство е недозволиво и мора нешто да се стори за да се спречи губењето на културните ресурси, особено во источниот дел на Македонија кој во поглед на превенција и промоција е доста запоставен и заборавен. Денеска се таблите, утре на удар ќе биде самиот локалитет за кој очигледно луѓето не се грижат доволно, освен секако вработените во музејот. Во новиот бран на заштита со употреба на новите медиуми и социјални мрежи спаѓаат и сите оние граѓани кои свесно и совесно го чуваат и се грижат за нашто природно и културно наследство. На сите нив им благодарам што постојано ме известуваат кога ќе се случи вандализам на некој археолошки локалитет.

*** Фотографиите се сопственост на Музеј Теракота од Виница и објавени се со нивна дозвола.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here