Дома Археологија Вандализмот како популизам, по археолошките локалитети во Македонија

Вандализмот како популизам, по археолошките локалитети во Македонија

1,988 views
0

Секој дипломиран археолог, по закон, доколку сака да посетува археолошки локалитети (независно каква е намената), треба да си побара и да добие за својата активност дозвола од Управата за заштита на културното наследство. Како што е ред. Во спротивно, секој поединец или група може да се движи непречено низ повеќе од 5000 археолошки локалитети во Македонија, бидејќи професионалните археолози немаат ни легитимација со која би ја докажале својата професија. Но факт е дека археолошките локалитети не ги посетуваат само археолозите.

Во последните неколку години археологијата во Р. Македонија доживеа медиумска експанзија. Тоа придонесе поголем процент од граѓаните толку многу да се избезобразат, па не само што се вообразија дека се Индијана Џонс, туку почнаа и самите да трагаат и да роварат по локалитети барајќи или уништувајќи артефакти. Секој артефакт изместен од контекст губи научно, и веројатно материјално, зошто штетата е непроценлива.Акцијата Фаланга делумно исфрли на површна некои од баговите во системот на заштита на нашето богато културно наследство, но тоа најверојатно најмногу се покажа во случајот со уништувањето на археолошкиот локалитет Баргала кај Штип од страна на малолетници.

[youtube]Dx7c4lmF6GY[/youtube]

Вандализам е постапка која е предизвикана намерно, и при која се губат и оштетуват археолошките локалитети. Тоа не лишува и нас и идните генерации на можноста да ги прибереме сите расположиви информации од локалитетот, како повеќестрано би го доживеале историјатот на овие специјални места. Не постои значаен и најзначаен локалитет за археолозите. Сите локалитети се значајни, посебни, уникатни и неповторливи. Секое нивно уништување доведува до губење на драгоцени податоци за минатото, за цивилизациите, за луѓето кои населувале одредена област, каде преку предметите е втисната нивната материјална и духовна култура.

Факт е дека ни пропаѓаат сите значајни византиски цркви и џамии, но најмногу на удар се арехолошките локалитети кои се напаѓаат поради тоа што ги имаме премногу и е невозможно сите да се заштитат. Поточно, прашање е дали воопшто може и оние неколку ископани, конзервирани, валоризирани и промовирани локалитети да се заштитат, зошто постапката, процесот, човечките ресурси и технолошката опрема за вакви намени се прилично скапи. Затоа, колку повеќе јавно достапни информации постојат за вандализмот по археолошките локалитети, толку побрзо ќе се дојде до решение за нивната превенција.

[youtube]JDTfG9Y3EBQ[/youtube]

А како до решение против вандализмот на археолошките локалитети, кои не е присутен само во Македонија, туку во сите земји во светот? Големите стратегии обично се сублимирана концепција од повеќе методи кои вклучуваат: засилено обезбедување, едукациски програми и инволвирање на локалната заедница во заштита и промоција на истите. Постоеше една програма во Македонија (се уште ја има во рамките на Балканот) насловена како Живо Наследство која официјално се затвори во 2007 година. За потребите на инволвирање на локалното население во проектите кои го опфаќаа природното, културното и духовното наследство, особено во руралните региони, се создадоа еден мал милион невладини организации. По завршување на проектите и на оваа програма, поголем дел од нив згаснаа, но верувам дека се уште има такви кои постојат борејќи се за своето локално наследство, иако не им се знае точниот број. Не си спомнувам дека од постоењето на нашата независнот некој се обидел да го поврзе овој невладин сектор во мрежа која би зајакнала, борејќи се помеѓу другото и со вандализмот по археолошките локалитети.

Секако, распонот против вандализмот треба да почнува од правните норми, за да заврши со едукација. Многу луѓе во Македонија се сложуваат дека граѓанинот најдобро учи, ако го удриш по џеб. По можност неколку пати по ред, па можеби високите казни ќе го принудат да ги преиспита своите постапки. А јас јавно прашувам, ако за фрлање пикавец на улица казната е 50 евра (3 100 мкд), колку тогаш чини вандализам на археолошки локалитет и уништување на светско културно наследство?

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Внеси го тука твоето име