Home Антропологија Палеолит (1) – зошто пештери и поткарпи?

Палеолит (1) – зошто пештери и поткарпи?

2,400 views
4

Вовед

Пред да се запишам на факултет се занимавав малку со алпинизам, планинарев и одев по пештери. Неколку години бев спелеолог и член на спелеолошкото друштво ‘Пеони’ од Скопје. Но како што велат на запад, се разделивме поради ‘irreconcilable differences’ и продолжив сама по својот пат. На тие терени директно имав допир со археолошките локалитети, дури и на некои необични места од типот на пештерни цркви. Подоцна хобито некако се надогради со факултетот и прерасна во професија. Се уште планинарам, одам по пештери и имам прилично добра кондиција за во природа, трагајќи по најстарите остатоци од палеолитот кои дрвните луѓе ги оставиле на територијата на Република Македонија. Своето искуство во однос на ископување на овие специфични локации го калев надвор од Македонија уште додека бев студент. После толку време, мислам дека е редно да го применам знаењето во обука на младите генерации, за да можат што повеќе луѓе да бидат запознаени со една научна гранка која се учи како основа на секој факултет во светот, но не и на Катердата по археологија во Скопје.

Уште како студент учествував во ископувањето на
пештерата Козарника, СЗ Бугарија

Пештери и поткарпи

Археолошките локалитети од праисторијата, во глобала може да се сретнат во две варијанти, како подводни и како копнени. Копнените пак, исто така се диференцирани според својата местоположба и можат да се најдат на отворено, во пештери или во полупештери. Покрај тоа што пештерите претставуваат геоморфолошки формации на природата, тие исто така во минатото му послужиле на древниот човек како место за: престојувалишта, логори (кампови), работилници или живеалишта.

Пештерите, според геолошкатата дефиниција, претставуваат подземни карстни облици кои од отвор на површината од земјата, одат кон нејзината внатрешност во вид на хоризонтални, т.е. благо искосени ходници и сали. Образувани во карбонатни карпи (претежно во варовници) кои се испукани и чии пукнатини ја олеснуваат циркулацијата на подземната вода, се делат на т.н. суви и влажни. Во влажните пештери обично има присуство на проточна вода, а сувите пештери можат да бидат богати со пештерски накит и травертински наслаги. Поткарпи или полупештери (eng. rock shelter | fr. abri), се кратки пештери во кои потполно продира дневната светлина. Обично се со должина до 20 м, а поретко и до 50 м.

На подот од секоја пештера и поткарпа се депонираат најразлични седименти и материјали кои таложени во текот на поголеми временски периоди, во себе можат да содржат фосилни остатоци од ‘рбетници и траги од праисториски култури (палеолит, мезолит, неолит па и подоцнежни). Пештерските седименти спаѓаат во еолски наслаги, што значи се состојат од ситни честички кои во пештерата се депонирале (биле донесени) со помош на ветрот. Но можат да бидат составени и од материјали кои преку влезовите на пештерите и поткарпите како и дупките на кровот, биле донесени не само преку ветрот, туку и со помош на вода, животни или луѓе. Постојат повеќе начини за одредување на нивната старост. Тука пред се игра улога геологијата со своите методи и пропратни науки како: петрологија, минералогија, седиментологија, геохемија и др. Потоа науки како: палеонтологијата, биологијата, климатологијата, педологијата, палеоантропологијата и секако археологијата.

На терен со колегите од Белград во Сврљишка котлина кај пештерата Велика Баланица, околина на Ниш, Србија

Дисциплината која ги проучува и истражува пештерите и поткарпите се нарекува спелеологија, а областа од спелеологијата која која ги проучува археолошките остатоци во пештерските седименти е т.н. спелеоархеологија.

За археолозите овие карстни облици се од особена важност бидејќи во нивните седименти можат да бидат депонирани многу културни слоеви, вклучувајќи ја и карпестата уметност на ѕидовите од карпите.

Продолжува …

4 COMMENTS

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here