Дома Cпонзорирано Цоцев Камен (Cocev Kamen) – извештај од теренско рекогносцирање

Цоцев Камен (Cocev Kamen) – извештај од теренско рекогносцирање

11,946 views
4

На 03.08.2010 г, го посетив локалитетот Цоцев камен, кај мештаните познат и како Пештера, кој се наоѓа на 25 км од Кратово, во месноста Шопско Рударе. Самата карпа ги има следните географски координати: N. 42o.05’. 024’’ и E. 021o. 59’ и 227’’, а се наоѓа на надморска висина од 481м.

Пристапот кон локалитетот е овозможен од неколку правци, но најдостапен е преку асфалтниот пат кој води за Коњух, вдолж кој од левата страна се забележува карпа која по својата структура и облик се издвојува од околината.

За да се стигне до самата локација потребно е да се поминат околните ораници, како и исушеното речно корито на реката Врлеј, од каде преку нивите со житарици до самиот локалитет се простира во геолошки смисол на зборот првата речна тераса со квартерна старост на која се сретнуваат фрагменти од праисторијата до доцниот Рим. Во оној момент каде завршува култивираната површина, па се до карпата Цоцев Камен, теренот е покриен со ниска грмушеста вегетација од слаб интензитет, без видливи антропогени пореметувања.

Во археолошка литература овој локалитет се сретнува под името Трон ‡ Пешта, како населба од неолитското и доцноантичкото време. Во седумдесеттите години кога било вршено рекогносцирање на теренот од Апостол Ќерамитчиев, тој забележал дека на 1,5 км северно од маалото Цоцевци се издига висока карпа што доминира над околниот терен. На западната страна, под карпата се протега тераса со димензии од 70 х 60 м, на која има фрагменти од неолитски керамички садови со фина и груба фактура, со сива и црвеникава боја. Наоди се среќаваат и во подножјето на терасата, особено во нивите каде што се наоѓало подградието. Биле откопани неколку питоси и римски монети.

Наоди од фрагментирани керамички садови на Цоцев Камен

Древните луѓе обично својот изборот на живеалиште го бирале покрај вода. Иако современата хидрографска состојба околу Цоцев Камен ни укажува дека најблиската река – Крива река се наоѓа на неколку км од локалитетот, сепак речното корито на исушената река Врлеј, севкупниот релјеф во околината, како и наодите на керамика и камен во култивираните површини упатуваат на изборот на живеалиште кои првенствено го направиле луѓето од Неолитот/Енеолитот или евентуално Бронзеното доба. Насекаде се сретнува обилството на кремени делкани орудија, дополнети со керамички фрагменти од садови. Во многу мала концентрација може да се забележат фрагменти од питоси од римскиот период, како и парчиња на искршена глеѓосана керамика која била во употреба по 15 век.

Самиот топоним Цоцев Камен е локалитет на отворено, кој поради својата основа на карпа од вулканско потекло, обединува уште два типа на локалитети, пештера и полупештера/поткарпа. Локалитетот е изложен на ветер, на сонце и на атмосферски падежи. Најверојатно тоа е причината што не се живеело во – туку околу него, додека самата локација се употребувала повремено од страна на жителите во праисторијата, а постои веројатност тоа да се случувало и во подоцнежните периоди. Сепак, во одредени делови, како процепи на карпите или места обраснати со вегетација, се уште може да се пронајдат керамички фрагменти со најразлична старост.

Вдлабнатини во површината на карпата од Цоцев Камен

Преку стрмните вдлабени скали кои ги има на сите страни низ локацијата, се стигнува до повеќе рамни платоа каде се забележуваат интензивни зафати во камената структура. На едно од повисоките платоа постојат базени издлабени во карпата во кој се собира поголемо количество на вода. На двете страни од карпата има пештери (мештаните ги нарекуваат Мала и Голема) и поткарпи, а насекаде по оние површини кои имаат хоризонтална поставеност видливи се вдлабнатини со големина на колец, кои најверојатно ја имале таа намена и функција. Во едниот дел од карпата до кој се стигнува многу тешко, има поткарпа со полуовална форма и димензии од 5 x 1,5 x 2 m, каде со црвена боја се исцртани симболи со антропоген карактер.

Околу локацијата Цоцев Камен на блискиот рид, се забележуваат исправени камења кои би можеле да се толкуваат како мегалити, доколку геолозите го дадат своето стручно мислење дека се тие делкани и поместени од својата првобитна локација за да формираат одредена архитектонска целина. Само во тој случај науката би можела да говори во правец Цоцев Камен да се третира како опсерваторија, за што сепак се потребни дополнителни астрономски истражувања од најмалку барем 2-3 независни светски институции.

Цоцев Камен и неговата вредност ги открил уште во 1971 година д-р. Душко Алексовски, професор по француски јазик и основач на Центарот за карпеста уметност во Кратово. Неговите изјави дека Цоцев Камен е единствен локалитет во светот кој на едно место обединува светилиште, жртвеник и опсерваторија ќе предизвикаат контроверзии во македонската археологија кои и денеска се предмет на дебата. Но за жал не се и предмет на научна опсервација оти само неколку археолози, вклучувајќи ме и мене пошле на лице место да го видат овој локалитет, а никој од нив не се изјаснил јавно во релевантна публикација од било каков вид.

Заклучок:

Локацијата Цоцев Камен нема историјат на истражување во поглед на археолошко ископување. Сите анализи во овој извештај се изведени со еднодневна проспекција на регионот и околината со екипа која вклучи водич и палеонтолог.

Не секогаш надповршинскиот запис ги рефлектира подповршинските наоди, па без дополнителни археолошки ископувања пропратени со мултидисциплинарни истражувања, ќе остане спорно некогашното користење на овој локалитет, како и староста на археолошките слоеви во неговата близина. Исто така без стручни анализи не може да се тврди дали Цоцев Камен бил древна опсерваторија, но секако дека на самата локација постојат многу елементи кои би можеле локалитетот да го сместат во категоријата на светилиште. Официјално, Цоцев Камен е локација околу која се живеело од праисторијата, преку Римското доба, па веројатно се до средниот век, за што сведочат фрагментите на керамика. Во подножјето на карпата има археолошки локалитет на кој се регистирани наоди од неолит/енеолит/бронзено време и римското доба, а на самиот Цоцев Камен има видливи интервенции на карпите со доволно патина која сведочи за нивната старост и црвенофигурално карпесто сликање со засега непозната датација.

Сметам дека е нанесена огромна неправда во археолошката наука со игнорирање на овој локалитет, а уште повеќе што цела една научна гранка како карпестата уметност е изоставена од интересот и истражувањата на младите археолози, но и во предавањата на Катедрата по археологија во Скопје. Може да се негира нечие тврдење и мислење како нерелевантно, но не може да се негира фактот дека нешто постои, доколку тоа можете да го докажете со факти, во овој случај со артефакти.

Додаток 1 – Анализа на камениот материјал

Површинскиот камен материјал собран во близината, вдолж самиот пат помеѓу некогашното ниво на реката Врлеј и подножјето на Цоцев камен опфаќа камени делкани алатки изработени од калцедон со сива боја (кај народот познат како кремен), непровиден, со конхоидална/школкеста структура и со многу добар квалитет.

Помеѓу артефактите може да се детерминираат едноплатформни пирамидални јадра за добивање на одбитоци и сечила, рејувенациони артефакти и отпадоци. Рејувенационите артефакти потекнуваат од подмладување/освежување на суровинскиот материјал или евентуално од јадрата за добивање на алатки, кои се веќе истрошени. Тие се доказ дека на истата локација на која се пронајдени постоела или работилница или делкањето се одвивало во рамките на самата населба. Хронолошкиот дијапазон на кремениот материјал е неолит/енеолит/бронзено време, со оглед на тоа што овој тип на артефакти без керамика не може со апсолутна точност да посведочи за временскиот период. Во околината на Цоцев камен исто така се пронајдени и артефакти од мазнет камен – мелници и авани кои се изложени во општинскиот центар за карпеста уметност во Кратово.


Алатки од мазнет камен пронајдени на Цоцев Камен
(рачна мелница, тесла и аван)

Додаток 2 – инфо за локацијата

Покрај тоа што е археолошки комплекс, Цоцев Камен е исто така и туристичка атракција која ја посетуваат туристите од Македонија и од светот. Патот до таму е питом и може да се стигне со возило, но самата карпа е прилично опасна за искачување доколку немате кондиција или базични алпинистички искуства. Поради својата локација изложена на атмосферски влијанија, не е препорачлива за искачување  на болни и стари луѓе (посебно оние кои имаат нарушено здравје) и деца!

Апдејт: научниот труд што го напишав по посетата на Цоцев Камен, може да се прочита тука и тука

Цоцев Камен – нешто повеќе од само обична карпа!

ГЕОМОРФОЛОШКИ И ГЕОАРХЕОЛОШКИ КАРАКТЕРИСТИКИ НА ЦОЦЕВ КАМЕН

Цитирање: Милевски И, Димитровска В. 2011, Геоморфолошки и геоархеолошки карактеристики на Цоцев Камен, Географски разгледи (44-45), 5-19 (2011), Институт за географија, Скопје.

4 КОМЕНТАРИ

  1. Sum bil temu 5-6 pati , sekogass si odev so nadezz deka drzzavata kke poccne da se grizzi za nego. Vo okolina na ridovite mozzat da se najdat i drugi “obraboteni” karpi, so najrazliccni legendi. Delovite od posatki se naoggaat vo celata okolina, celi kkupovi na nessto povekke od metar pod zemja. Prassajte go lokalnoto naselenie (iako starcite vo Sopsko Rudare se se pomalku), kke vi pokazzat fragmenti od patissta od rimsko ,improviziran aerodrom i sliccno.
    Me izraduva postov, me potseti na detsvoto…:))) pozdrav

  2. Почитувани,јас не сум археолог, јас сум докотор на медицина многу некомпетентна за археологија и карпеста уметсност. Скоро го посетив локалитетот и покрај целата моја нестручност можев да увидам дека станува збор за нешто многу вредно во Македонија. Имав прилика да видам неколку стари опсерватории меѓу кои Newgrange (http://en.wikipedia.org/wiki/Newgrange) во Ирска,повеќе како светилиште, искрено го чуваат како очите во главата. Кога видов како го „чуваме“ Цоцев камен ми се плачеше. Потегнувам граѓанска иницијатива да помогнеме тоа место да се најде во научните трудови, и да го направиме локалитетот подостапен за луѓето.
    Ги имате моите податоци се надевам дека ќе ме конактирате.
    Со почит Биљана Ѓуроска

Leave a Reply to Natemago

Please enter your comment!
Внеси го тука твоето име