Home Антропологија Резерватот Јасен – животен проект за генерации на невработени археолози

Резерватот Јасен – животен проект за генерации на невработени археолози

4,572 views
2

Пред неколку недели имав прилика да прошетам низ дел од Резерватот Јасен – сега преименуван во Јавното претпријатие за управување и заштита на повеќенаменското подрачје “Јасен” – Скопје, за кое е надлежна државата. Овој простор познат како поранешно воено ловиште, населен со исклучителна флора и фауна, во времето на комунизмот бил забранет за обичните луѓе. Поточно, во минатото им бил достапен само на политичките и воените елити, а од пред 2 години Јасен е достапен за сите граѓани и е прогласен за резерват.

Ова не е моја прва посета на Јасен. Веќе два пати имам појдено во оваа прекрасна дестинација и секогаш сум воодушевена од околната и од недопрена природа. За прв пат влегов во Јасен во 1997/1998 како член на Спелеолошкото друштво “Пеони” од Скопје, кое беше ангажирано од страна на тогашната Електродистрибуција (сега ЕЛЕМ) за да ги евидентира и попише сите пештери и засолништа (поткарпи) во регионот што се планираше да биде потопен со вештачкото езеро Козјак, кое постои денеска во еден дел од резерватот. Една година подоцна се вратив назад со Музејот на Македонија на заштитните и пред се сондажни ископувања на пештерата Голема Пешт, каде за прв пат во македонската археологија по археолошки пат беше пронајдена палеолитска култура, подоцна публикувана и со методот на C14 датирана околу 45/50000 п.н.е. (период на Мустериенот).

Пештерата Голема Пешт, Здуње, сега скоро пред потопување поради нивото на вештачкото езеро Козјак

Овој пат бев гостин на Туристичката комора на Македонија, а преку турата замислена како фото сафари ни се укажа шанса да влеземе и да се прошетаме низ Јасен преку двете (Катланово и Кула) од неговите четири физички порти. Дополнително бевме угостени од страна на вработените во Јасен со исклучителни ручек составен од супа од фазан и месо од фазан во гарнир со зеленчук. Дивечот беше земен од фазанеријата која се наоѓа во склопот на овој комплекс, каде може да се купат фазани, а истите се обезбедуваат и за други ловишта.

Резерватот Јасен покрива околу 32.000 квадратни метри површина најчесто со шума и патишта, како и голем број на пократки не-асфалтирани патeки. Освен од лов, Jасен својата иднина ja гледа во развојот на природните ресурси и на еко-туризмот. Таму секогаш (во зависност од сезоната) можете да појдете на пешачење, планински велосипедизам, кампување покрај езерата Матка и Козјак, на параглајдинг, риболов, спелеологија, алпинизам, или пак само да уживате во бои кои ги сложила природата и во амбиентот кој ви прави да се чувствувате како да сте влегле во некој друг имагинарен свет. Толку далеку, но само на 30 километри од Скопје, главниот град на Република Македонија, Резерватот Јасен ги отвори портите за посетителите пред само неколку години.

На резерватот Јасен му се воодушевуваат сите, но сепак јас се обидов да го погледнам и со малку поинакви очи, како археолог и некој кој се труди на површината да испливаат сите културно-историски вредности од цивилизациите кои ја населувате територијата на Република Македонија. Забранет за јавноста со години, ова е регион во кој човечката нога што стапнала до сега очигледно не била заинтересирана да истражи малку повеќе, отколку своите лични егоистични амбиции за уживање. Со други зборови, поради забраната за влез во времето на комунизмот, Јасен е веројатно едно од ретките подрачја во Македонија каде не стапнала нога на археолог или тоа биле само некои спорадични можности на моите колеги.

За разлика од Катлановското блато кое било исушено после земјотресот во Скопје, кога престојував во Словенија, сфатив дека Ljubljansko barje е регион кој дава непроценливи информации како за археолошките култури кои го населувале во минатото, така и за животната средина која збогатува со нови информации ред други науки. Љубљанското блато не смее да го допре никој оти претставува подрачје заштитено со закон поради своите податливи културни и еко-фактори. А што се случува со Катлановското Блато кое е споменик на природата? Но да, тоа е Словенија. За разлика од нас, таа знае да цени се  што е вредно во рамките на својата држава, да го зачува и да го спакува во форма приемчива за сите.

Катлановското блато додека се уште било пловно, а има такви кои го паметат тоа, било постојано посетувано од луѓето кои тука престојувале и ловеле риба. Многу ме бендиса една фотографија која ја направил познатиот фотограф Благоја Дрнков, веројатно пред сушење на мочуриштето, каде во мал чун еден човек лови риба. Брод, сличен на оние дрвени бродови стари 4000 години што беа пронајдени во Ресен. Поради својата геолокација и природни карактеристики, скоро сум сосема убедена дека над и во околината на некогашното Катлановско езеро егзистирале наколни (тука мислам пред се на праисториски) населби кои оставиле траги во форма на материјална култура.

Бродовите од наколното живеалиште во Ресен, стари 4000 год.

Илјадници неистражени метри квадратни се огромен предизвик за археолозите. Ова е еден од начините да се згрижат со децении сите оние 400 (ако не веќе и 500) дипломирани, а невработени археолози во Македонија. Дури и без ископување, работејќи само на рекогносцирање (теренско препознавање) на овој регион можат да се добијат огромен дијапазон, кванититет и квалитет на информации кои верувам ќе заинтересираат и стручњаци од природните и многу други комплементарни науки. Секако, само ако се има слух за тоа од одредени ентитети во државава.

Во текстот се вгнездени некои од фотографиите кои ги направив за време на посетата на овој повеќенаменски регион. Разновидноста на пејсажот, флората и фауната се неверојатни и секогаш ќе ве однесат поблиску до природата. А зарем природата не беше онаа од која човекот ја црпи својата енергија и ресурсите?

2 COMMENTS

  1. Vasilka, ubav napis. Ke komentiram samo za slikite na t.n brodovi (bi rekol deka povekje se camci t.e. kajaci) stari 4000 godini. Izgledaat vo odlicna sostojba. Megjutoa, prosto ne mozam da poveruvam deka se tolku stari znaejki deka drvoto neverojatno lesno se raspagja i ne trae ni edna cetvrtina od navedenata brojka. Vsusnost na prv pogled t.n. brodovi licat i na poilata za dobitok koi seuste se izrabotuvaat na istiot nacin i uste se vo upotreba vo delovi na Makedonija. Drvo staro 4000 godini sum vidol samo vo piramidite i muzeite vo Egipet, no tamu se zacuvalo zaradi specificnata klima. Vo Izrael imase ostatoci na brod od vremeto na Isus, no vo prilicno losa sostojba, sepak posle otkrivanjeto brodot bese odlicno prezerviran i se cuva vo strogo kontrolirani klimatski uslovi. Ne mi se veruva deka vo Makedonija mnogu se vnimava na takvite ostavstini od minatoto.

  2. […] This post was mentioned on Twitter by Arwena, Arwena. Arwena said: [нов блог пост] Резерватот Јасен – животен проект за генерации на невработени археолози http://bit.ly/99FSKv […]

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here