Дома Археологија Патувам за Хаг на EAA 2010

Патувам за Хаг на EAA 2010

2,894 views
1

Пред некој ден добив известување со кое ми го потврдија учеството на годинешната конференција на European Association of archaeology која ќе се одржи во Хаг на почетокот од септември. Темата со која се пријавив на годинешниот симпозиум носи наслов: From transition to antiquisation, through and beyond the new media in Republic of Macedonia, и претставува делумно преработен и освежен текст на истоимената презентација со која настапив на конференцијата Glocal во Скопје.

Ова не е мое прво учество на најголемиот (и најмасовниот) собир на европски и светски археолози, а како годините минуваат се повеќе млади археолози од Македонија се пријавуваат за настап со свои теми, што ми е особено драго.

Инаку ЕАА (European Association of Archaeologists) е една од најсериозните организации во сферата на археологијата. Од своето основање во 1994 година, таа за само неколку години стана значаен субјект во друштвено-политичкиот живот на Европа, што го наведе Советот на Европа да ја признае како свое официјално советодавно тело за археологија. Заслугата за спасувањето на бројните археолошки локалитети ширум Европа се должи токму на ангажирањењто на ЕАА.

Еден од основачите на оваа организација и член на официјалниот борд, проф. д-р Предраг Новаковиќ, го присвоив како незваничен ментор кога во 2007 година добив стипендија од Министерството за наука на Република Словенија за истражувачки престој во Љубљана. Моето должно почитување кон професорот Новаковиќ се состои во разговорите на тема археологија –> политика, бидејќи тој е одличен стручњак на наведенава тема и многу ми помогна од еден поинаков аспект да го согледам овој панаѓур на суети полиен со национализам и поткрепен со археолошки артефакти. Ги читав неговите критички осврти, го слушав на предавањата на факултет, а бев присутна и во Задар (во рамките на симпозиумот на ЕАА) каде имаше прилично солидно излагање на дебатата Does the “Archaeology of Europe” exist?.

Повторно ја изложувам пред очите на јавноста состојбата со македонската археологија, продолжувајќи ја епопејата во серијал, бидејќи претходниот пат настапив со темата Transitional archaeology in a Transitional Country (врска 1, 2). Како што имам повеќепати до сега напоменато, се заблагодарувам на последната (се уште моментална) гарнитура на Владата на РМ која со своите постапки во полето на археологијата ми остави материјал кој би ми бил доволен да пишувам научни трудови и да се шетам по симпозиуми до крајот на животот. А доколку платат трошоци, во некоја референца може и да ги споменам со име и презиме. 😉

Ретко пишувам на темата политизирање на македонската археологија, и тоа е најчесто во форма на веќе сублимирано мислење или истражување, а ситуацијата ми е олеснета со тоа што ниту сум во институција да трпам опструкции, ниту пак во партија да извршувам нечии туѓи директиви. И веројатно сум една од ретките што одам за Хаг, а не сум ни криминалец ни политичар. 😀

1 КОМЕНТАР

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Внеси го тука твоето име