Home Археологија Случајот Фаланга – Зошто се тврдеше дека не постои илегална трговија со...

Случајот Фаланга – Зошто се тврдеше дека не постои илегална трговија со антиквитети во Македонија

3,764 views
4

Последната недела дена наместо категоријата култура, најчесто ја листам Црната Хроника, бидејќи таму наоѓам нови информации за случајот Фаланга. Во акцијата Фаланга што беше спроведена од страна на МВР, беа пронајдени стотици илјади археолошки артефакти прибавени по нелегален пат, вклучувајќи ги и оние што се од 18 век, кои беа означени како етнолошки предмети. Ќе остане тајна кој ја направил и ја објави во медиумите нивната материјална валоризација само неполн ден по пронаоѓањето, ако се знае дека Управата за заштита на културното наследство не била известена за акцијата, ниту пак претходно бил консултиран некој друг ентитет од областа на културното наследство. Оти нели, Фалангата била тајна операција!

Нејсе. Имав голем проблем кога во 2007 година работев како дел од секторот за документација на археолошкото ископување Скопско Кале, каде одредени ентитети сакаа да ги ‘отстранат’ артефактите од 16-20 век, велејќи дека сето тоа е етнологија. Никако не ми беше јасен пристапот кон тие и те како вредни предмети, бидејќи она што за моите колеги е божемна етнологија, во светот се вреднува како антиквитет. После овој ангажман решив да паузирам неколку години од теренските истражувања во Македонија. Причините беа лични – се додека не се променат перцепциите на некои мои колеги што е тоа археологија, подобро беше своето искуство да го калемам надвор од Македонија каде оваа наука ја третираат правилно, а односот кон археолозите е на многу високо професионално ниво, секако со одлични хонорари и без нивно доцнење од 3 месеци.

Прво би сакала да одговорам на прашањето – што е тоа антиквитет? Се што е мен мејд – се нарекува артефакт. Тоа значи дека секој предмет во минатото и се она што го употребувате во моментов во своите домови, спаѓа во рангот на артефакт. Секој артефакт кој е постар од 100 години, уникат е, или повеќе не се произведува, претставува антиквитет. Па така антиквитет се и најстарите камени алатки од Одлувај, антиквитет е и првиот кондом, но и првиот мобилен телефон. И оф аман, аман веќе од ‘експерти’ кои не знаат елементарни работи, а излегуваат да даваат изјави во медиумите!

Секое тргување со антиквитетите, спротивно од Законот на Република Македонија, спаѓа во криминогени дела и аналогно на тоа следат правни санкции. Нашиот Закон за културно наследство за прв пат по осамостојувањето на Република Македонија како држава, освежен е во 2004 година, а претходно многу долго се користел оној од 1973, па нормално е да има пропусти кои треба да се надокнадат. Ако мене ме прашате, јас немам милост кон ниту еден човек кој си игра со културното наследство на една земја, и казна затвор од неколку години сметам дека е дури и преблаго. Оти кога кај некого е настаната грешка во ДНК кодот, тука нема (п)оправање.

Класичното водење за бројот на кражби и предмети во МВР постои од 1972 година па наваму, што значи дека пред тоа сите случаи се водат како застарени. Многу малку информации има да се прочитаат на сајтот на МВР во делот за Безбедноста на артефактите. Имено, го споменуваат РЗЗСК (Републичкиот завод за заштита на спомениците на културата), кој како институција не постои од 2004 година. Таа година од него се одвои Управата за заштита на културното наследство, а РЗЗСК беше ребрендиран во Национален конзерваторски центар. Мислам дека тие треба и те како да поработат не само на случајов Фаланга, ами и на својот сајт.

Од друга страна на сајтот на Интерпол воопшто не може да се најдат информации за откраднати предмети од Република Македонија. Тоа значи дека Македонија не си ги бара одземените реликвии!?, инаку би требало до сега да има огромна архива како документација. Без документација, не можеме да побараме ниту еден предмет да биде вратен во државата по легален пат, бидејќи првото нешто кое треба да го докажете е земјата на потекло. Според ова, немаме право да го бараме Кратерот од Демир Капија кој моментално се наоѓа во приватна збирка во САД, зошто немаме никаков видлив доказ дека тој потекнува од селото Корешница.

Би сакала да укажам на тоа дека терминот Археомафија е погрешен. Кога имате мафија, тоа е организација со хиерархиска структура (како Коза Ностра и сл.) и наместо Археомафија многу е полегално и правно и социјално да се употребува фразата – нелегална трговија со антиквитети, со посебен акцент да не се меша со терминот артефакти, оти видовме дека всушност сите предмети околу нас спаѓаат во рамките на оваа дефиниција.

Во изминатите години некои од медиумите во Македонија сериозно се позанимаваа со оваа тематика. Тука пред се мислам на написите на весникот Време (1,2), потоа колумните на д-р Марија Станковска Ѕамали во Дневник (1,2), но повремено и некои други ТВ или печатени медиуми беа заинтересирани за оваа тема. Своевремено во 2007 година особено бев вознемирена од написот на Дневник ‘Свештеничка сабајле најдена, вечерта продадена во Грција‘ каде овој дневен весник дознава од извор близок на настанов не само што е откопано (откако го нема на локалитетот Марвинци), туку им ја знае и процедурата на криминалците. Тоа значи дека нивниот информатор или добро ги познава методологиите при ископувањата или самиот бил дел од екипата (1, 2) при нелегалното ископување.

Посебно се интересни и некои написи од весникот Вечер. Во еден од нив се тврди дека Археомафија во Македонија постои и експлицитно се кажува дека се знаат дури и имињата на луѓето (имајте во предвид дека е ова статија од 2006 година), а во друг напис истовремено се тврди дека Археомафијата во Македонија постои и не постои.

А јас се чудам ако вака организирана група на илегална трговија со антиквитети во минатото не постоела, од каде сега изникна случајот Фаланга?! Кажете ми,  кој се треба да се стави под истрага на МВР  и да му се испита криминогеното минато, за да можеме конечно да си ги протегнеме нозете подолго од чергата?!

4 COMMENTS

  1. Можно е „операцијата да била во тек“ па затоа сите здушно н`е уверуваа дека нема криминал со артефактите, кога и врапците знаат дека се копа и со булдожери и со 3Д радари и со триста чуда?

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here