Home Антропологија Акцијата Фаланга на МВР – еден ден по обелоденување на Aрт-е-Фактите

Акцијата Фаланга на МВР – еден ден по обелоденување на Aрт-е-Фактите

2,647 views
6

Вчера вечер на покана од новинарката Лидија Богатинова, заедно со господинот Драги Несторовски, инспектор за културно налседство во МВР (веќе 25 дена во пензија), гостував во емисијата Фактор 5 на Канал 5 Телевизија. Темата беше акцијата Фаланга на Министерството за внатрешни работи, при која беа запленети артефакти кои на нелегален начин биле ископувани, а потоа се тргувало, или се планирало да се тргува со нив. Беше најавен и господинот Паско Кузман, директор на УЗКН и најповикан човек во Република Македонија да зборува за нелегалната трговија со антиквитети, но тој не се појави.

Како што проблемите на македонската археологија се калемат со години, така скокавме од тема на тема и прашањата во врска со случајот Фалнга завземаа широка хронолошка, социјална и културна димензија. Секако дека една дебата од 45 минути (со се рекламите) не може да ги реши сите проблеми и пропусти во археолошките ископувања, публикувања, антиквитетите и колекционерите, законите, нелегалната трговија итн., но сепак отвори доста теми кои се надевам дека ќе продолжат да се развиваат подетално во иднина преку медиумите. Би било убаво при јавните дебати да се инволвираат што е можно повеќе археолози, стручњаци и луѓе кои работат со културното наследство. Поради професионалната природа на својата одговорна работа, археолозите се должни и имаат обврска да излезат во медиумите со јасен став во однос на некое случување. Она што ја отсликува македонската археологија во последните години е безбедното стоење по страна без ниту еден сопствен став или коментар за културното наследство кое ги засега сите, а најмногу нас како професионалци. Со тоа што не се искажува јавно ниту еден став, се манипулира со културното наследство кое не смееме да заборавиме дека не ни прапаѓа само на нам.

Мене лично најмногу ме вознемири кога прочитав дека меѓу осомничените има и археолози. Не знам дали се шпекулира со инфомациите во медиумите, но што се однесува до имињата, сепак постои нешто што се вика презумпција на невиност. Не можете вие да изнесете име на било која личност во јавноста, доколку не е донесена конечната пресуда во судскиот процес дека е виновен. Се до тогаш, секој е невин, па следствено на тоа, се надевам дека некогаш и јавно ќе се појават криминогените имиња вклучени во оваа акција.

Гостување во Канал 5 телевизија from Vasilka Dimitrovska on Vimeo.

Во медиумите се свртеа милионски суми за артефактите, но многу е непрофесионално и шарлатански да се дава проценка на пронајдените предмети кои требало да бидат дел од нелегалната трговија со антиквитети и предмет на идна детална научна обработка. Ме интересира која тоа персона од МВР има толкаво познавање, за да може да каже во рок од неполн ден која фигура колку чини, кога на археолозите им требаат години, а напати и децении предметите културно да ги валоризираат. За материјално, треба многу повеќе од само публикуван труд во светски рамки. Чуму вакво расфрлање со цифри, секој предмет е бесценет и е дел од нашето колективно културно наследство.

Стојам на тврдењето дека не постои вистински археолог било каде во светот, кој цената на еден артефакт ќе ја изрази во пари. За археолозите, секој предмет е важен и е дел од колективното светско наследство.

Помеѓу предметите беа пронајдени и такви кои веќе добија свое именување како Менада, Пегасус … Ако немате аналогија со ист или сличен пронајден предмет, се што ви останува е да се надевате дека артефактот именуван од експертите на МВР како таков – е оригинален. Секако, постојат многу современи методи за датирање (помеѓу кои хемиски и спектрометриски) да ја докажете староста на предметот, а со тоа и дали е оригинален или фалисификат. Јас лично не сум ги видела предметите, но и да ги видам, за некои од нив без анализа не можам ништо да докажам. Тука лежи всушност вредноста на археолошкото ископување и зошто е тоа толку многу важно. Затоа што само на тој начин ја добивате вистинската валоризација (научна, никако материјална) на артефактите и доказ за нивното потекло.

Артефакт без археолошка стратиграфија е само едно убаво парче на старина кој можете слободно дома да си го чувате. Вистинската вредност на еден предмет е кога тој ќе се пронајде по пат на археолошко ископување и подоцна научно ќе се публикува во светски рамки.

Моето лично мислење е дека не постои експерт за културно наследство кој знае се од палеолита до тита. И во експертизата на запленетите предмети од акцијата Фаланга мора да се вклучат археолози кои се стручњаци за одреден период, зад својата експертиза да застанат со име и презиме, да дадат објаснување за предметите и каква е нивната аналогија пред се во рамките на Република Македонија (доколку постои), а потоа со Балканот или светот. Без никакво материјално валоризирање. Иако секогаш постои можност да ве прелаже некоја добра копија, а исто така некои предмети се уникати, па воопшто немаат ни аналогија со што тешко во вакви случаи се утврдува нивната веродостојност.

Ова се сумарно некои мои белешки после првиот ден од обелоденувањето на арт-е-Фактите при акцијата Фаланга. Немојте ни случајно да помислите дека ова е се што имам да кажам во однос на илегалната трговија со антиквитети во Република Македонија и девалвирањето на археологијата како професија.

6 COMMENTS

  1. […] На територијата на нашата држава (како што e пoвеќепати изјавено) досега се откриени повеќе од 5000 археолошки локалитети на кои постои изобилство на археолошки материјал значаен како за културното наследство на Република Македонија, така и за светот. Со оглед на актуелната состојба во Република Македонија во овој транзиционен адолесцентен период кој трае нешто повеќе отколку кај просечен тинејџер, стана очигледно дека државата ниту има доволно средства за заштита на сите овие археолошки локалитети, ниту пак се создадоа човечки ресурси (пред се научни), кои сето тоа ќе го валоризираат, презентираат и публикуваат. Поради ваквата лоша економска состојба и незаштитените локалитети, во последните две децении се разви масовна појава на диви ископувања на истите со што неповратно се уништија предмети со непроценлива културна и историска вредност. И покрај тоа што се знаеше за овие појави, тие не беа вистински правно санкционирани, па во 2010 година ескалираа со акцијата на МВР именувана како Фаланга (1,2). […]

  2. […] Акцијата Фаланга за која преку медиумите се обзнани ова лето господово, продолжува да се одвива сите овие месеци, иако веќе не толку помпезнио и сензационалистички как што беше кога започна. Последната информација пристигна од Хрватска каде е екстрадиран учесник во оваа афера на кој ќе му се суди во нашата држава, бидејќи и македонски државјанин. […]

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here