Дома Археологија Via Militaris: Откритијата во Коридор 10 ја тресат српската археологија

Via Militaris: Откритијата во Коридор 10 ја тресат српската археологија

4,604 views
1

Коридорот 10 е еден од пан-европските транспортни коридори кои се протега од Австрија до Грција, а поминува низ поголемиот дел од поранешните Југословенски републики (Словенија, Хрватска, Србија, Македонија). Додаден е по завршувањето на војните во поранешна Југославија, на една конференција во Хелсинки, во 1997 година и ја вклучува како железничката (должина 2528 км) така и патна мрежа (должина 2.300 км) низ овие држави.

Коридорот 10 со делот каде минува низ Србија стана актуелен откако беше најавена изградба на магистралните патишта во јужниот дел на нашиот сосед, кои ги опфаќа општините Прешево (граница со Македонија) како и кракот C (M1.12): Ниш-Градина, општина Димитровград (граница со Бугарија).

Како што е ред, пред да се почнат да се градат патиштата, на терен излегоа српските археолози да ги доистражат археолошките локалитети кои веќе постојат на делниците каде ќе се гради патната мрежа, или евентуално со рекогносцирање доколку најдат нови да ги документираат, пред тие да бидат загубени засекогаш. Така пред неполни две недели со заштитните археолошки ископувања во Коридорот 10 беа откриени остатоци со кои се претпостави дека е најден дел од Via Militaris, еден од поважните римски патишта на овој дел од Балканот кој го поврзувал Белград (Singidunum) преку Виминациум (во близина на денешен Пожаревац), Ниш (Naissus), Софија (Serdica), Едрене (Hadrianopolis) се до Константинопол. Веднаш откако продолжија археолошките истражувања, беше објавено дека српската археологија го пронајде својот нов археолошки бисер на една од четирите претпоставени локации каде се одвиваат ископувањата.

Via Militaris бил поврзан со Via Egnatia преку долината на Вардар. Трасата низ денешна Србија потекнува од 33. година, додека оној дел од трасата низ Тракија е изграден помеѓу 29. и 61. година. За премини преку реките се подигнувани мостови, а за патниците ноќевалишта (т.н. mansio) и станици (mutacio) за промена на коњи и коли.

Инфо за римските патишта

Причините поради кои Римјаните ги граделе своите патишта биле во прв ред воените походи и одбраната на границите, а добрите патишта им овозможувале побрзо и поорганизирано да се движат. Патувале и поради политички мисии, пропаганда, дипломатија, трговија, но и научни и истражувачки мисии, како на својата така и на околните територии.

Патиштата биле поделени на  Виа Страте или меѓународни патишта од прв ред, и Виа Гларета или патишта од втор ред кои ги граделе по провинциите. Римјаните имале посебен начин на градење. На пример при градењето на Виа Страте прво се откопувал површинскиот слој додека не се дојдело до карпа, а одстрана се оставале длабоки ендеци. Првиот слој бил од вар и песок т.н. павиментум, а потоа доаѓал слој од кршени камења и глина – статумен. Врз него се нанесувал рудус или слој од шљунак, речен камен и вар за да ги пополни нерамнините на статуменот. Тој бил приближно траен па врз таква подлога се нанесувала сума круста или полигонални тенки плочи со големи димензии. Ова бил најгорниот слој, а поради оштетување и  кршење  на плочите тие често се менувале. Вака изграден, римскиот пат можел да достигне ширина од 10, а големина над 1 метар и не е чудо што некои од нив опстанале со векови. Вториот тип на патишта Виа Гларета, по долгото користење ги поправале, ги проширувале а одозгора набивале кршени камења. Римјаните ги користеле подолго време, и тоа се денеска т.н. макадамски патишта.

Во археологијата за постоењето на овие патишта, во неможноста понегогаш да бидат лоцирани на терен, потребни се докази. Има два вида докази за нивното постоење. Едниот се остатоците од патиштат кои за жал се многу ретки, а другиот се миљоказните споменици (миљоказите) или Опус Милиариус кои биле направени од камен, со облик на цилиндар со заоблен врв. Се поставувале на крстосниците за да можат патниците полесно да се снајдат. Надворешната површина им била мазна, а на неа бил врежан натпис кој обично содржел две информации.  Прво имало текст за владетелот што го подигнал истиот со сите негови титули, а под него ознака на бројот на миљите до некој град.  Римјаните мерките за должина ги сметале на поинаков начин од денешниот. Една римска миља изнесувала денешни 1, 5 километри, а имале и 1 пасос, двочекор  = 1,5 метри. Еден таков патоказ е извонредниот наод кај с. Марвинци кој го покажува растојанието до античкиот град Идомене.

Извор на проучување на римските патишта претставуваат и картите. Една таква карта открил и на старо ја купил Конрад Појтингер, германски хуманист кој живеел на Виенскиот двор и за него нарачувал стари книги и карти. По неговото име таа и денеска е позната како Појтингерова карта. Но таа била повеќепати препишувана, т.е. точно три пати препишана од оригиналната Касториева карта која била изработена во 350 година, за да го достигне својот конечен облик како Појтингерова карта во 16 век. Тоа е мапа на која е прикажана патната мрежа на целото Римското царство , направена е од неколку дела и тоа во коса проекција. Се претпоставува дека тој што ја препишувал седел над денешна Африка, па затоа Европа е целата развлечена во правец запад-исток.

Кон средината на II век пред н.е. Римјаните ја освоиле Македонија и ја уништиле нејзината политичка моќ, а потоа ја претвориле во провинција и ја поделиле на четири области. И покрај ваквата состојба, Хераклеја, која влегувала во четвртата област, доживеала извесен просперитет. Тоа се должи, пред сè, на изградбата на патот Виа Егнатиа, на кој Хераклеја била важна станица. За значењето на градот зборува и почесниот натпис од времето на Септимиј Север, во кој на Хераклеја и укажува посебна чест, имено, покрај нејзиното име да се приклучат и царските гентилни имиња.

Заклучок

Римјаните, толку глорифицирана нација, во наследство на народите кои дошле по нив, оставиле една култура на градење која во дотогашниот свет била непозната. Тоа била техниката на правење на римските патишта. Нивната патна мрежа опстоила со илјадници години, најмногу благодарение на тоа што во стариот Рим функционирале законите и секој кој ќе ги прекршел, бил казнуван, за разлика од денеска кога оној кој го прекршува законот станува политичар или бизнисмен.

Интересно е што информациите и археолошките откритијата во Коридор 10 воопшто не се пренесуваат во македонските медиуми, а Македонија како земја која се граничи со Србија би имала огромен бенефит од нивното туристичко валоризирање. Би можеле да му дадеме поддршка на нашиот северен сосед, бидејќи на овој начин се остварува и идејата за меѓународни проекти со чија помош се реконструира и ревитализира минатото поттикнувајќи ги притоа луѓето да размислуваат за заедничкото културно наследство и истото да го споделат преку развојот на туризмот, економијата и културата.

1 КОМЕНТАР

Leave a Reply to sasko

Please enter your comment!
Внеси го тука твоето име