Дома Археологија Да се ископува под притисок од 986 хектопаскали

Да се ископува под притисок од 986 хектопаскали

3,052 views
2

Во издание на весникот Дневник од 22.05.2010 г. можете да ја прочитате реакцијата на мојот почитуван колега м-р. Зоран Рујак како одговор на рашомонијадата која медиумите и ‘експертите’ ја направија за луцерната (светилката) што беше пронајдена на локалитетот Цареви Кули. Авторот, кој е археолог и воедно раководител на истражувањата на локалитетот Цареви Кули, Струмица, дава образложение за пронајдените наоди и нивната интерпретација на истоимениот локалитет, кои во буквална смисла на зборот беа употребени за дневно-политички препукување по медиумите.

… на крај памет не ми беше помислата дека некој може да ја злоупотребува нашата професија на крајно безобѕирен начин за дневнополитички потреби и квазиекспертски суети. Затоа, апелирам до дежурните експерти, независните менаџери, културолозите… да не’ остават нас, археолозите, да си ја вршиме работата најдобро што умееме, зашто ние се’ уште сме најповиканите на крајот да ги интерпретираме содржините и наодите од истражувањата…

Линк до написот на Дневник

Пред две недели гостував во Алфа телевизија. Имав едно интервју во кое се допреа многу теми, помеѓу кои и онаа за медиумската презентација на наодите [врска до интервјуто]. Според Законот за културно наследство, археологот-раководител на еден терен го има правото да објави некој наод од едно ископување, пред да биде официјално публикуван. Првата причина е што законот му одобрува дека тој го има научното право да ги објави артефактите во рок од три години откако завршило ископувањето, а правото му го дава државата како надокнада за трудот кој го вложил на терен. Втората причина е тоа што во јавноста не може веднаш да се излезе со презентација на едно откритие пред да биде заокружен процесот на научна обработка на тој предмет, зошто секогаш ќе постои опасноста од погрешна интерепретација. Третата причина е што некои ентитети постојано ги ‘форсираат’ археолозите да играат на картата ‘Дајте ми 2-3 податока и јас ќе ви конструирам каква сакате археолошка вистина‘!? што веќе стана беобразна инстанца при која се силува и се штима личното и оштественото мислење за некои повисоки цели. По штета на археологијата.

Кон крајот од истото интервју водителот ме запраша да кажам за новите резултати од ископувањето на археолошкиот локалитет Таор, каде бев моментално ангажирана. Им посочив на гледачите дека тоа може да го дознаат на два начина: ако го консултираат м-р. Киро Ристов од Музеј на град Скопје кој веќе 10 години раководи со овој локалитет и го има научното право над ископаните артефакти; и ако посетителите дојдат на лице место и самите бидат упатени што се случува и што е пронајдено на Тауресиум.

Ова го сторив поради една лична причина која сметам дека е мошне важна, бидејќи покрај основните законски, постојат пред се и етички принципи кои треба да се запазат во научниот свет. Не дека јас до сега не сум можела илјадници пати да известам за сите наоди од Тауресиум. Го водев секторот за документација и секој наод помина низ моите раце. Исто како што во 2007 г бев дел од секторот за документација на Скопското Кале скоро цела сезона, па и покрај тоа што имав одврзани раце, решив дека е најдобро граѓаните да бидат официјално известени како што е редот – преку изјави на раководителите во медиумите и преку официјалниот веб сајт на Скопското Кале.

Во меѓувреме се отепав од пишување за ископувањето во с. Таор на сите блогови и сајтови кои ги имам, користејќи ги и сметките на социјалните мрежи. Мислам дека им се качив на глава на сите кои ме читаат, па згора на се од толку љубов на мојата платформа подигнав посебен блог за Таор и кампањата од 2010 година кој самата го работев и апдејтував. На толку многу пишување, дали едвај еден медиум дојде да не посети и да извести за (веројатно) родното место на имеператорот Јустинијан. Во моментот кога една од перјаниците на Византиската империја стана доволно интересна по своите наоди за да биде презентирана во јавноста, а навистина имаме со што да се пофалиме со овој од науката, јавноста и медиумите запоставен период, дневно-политички препукувања во некои од коментарите на весниците тоа го именуваа како аниквизација. Термин кој никогаш, ама баш никогаш не постоел во археолошката наука, ниту пак е споменат во било каков контекст. А реално, и терминолошки и морфолошки и лингвистички и историски имам проблем со терминот антиквизација, посебно кога се зборува за Византија. Нејсе …

Коментар:

Искрено, ми дојде преку глава археологијата да биде користена не само во дневно политички, туку општо во политички сврхи. Сите ди-џеи, директори по разни институции, бравари, молери, пропаднати политичари, поети, бурекџии, водители на квизови, електомеханичари и трагачи по пирамиди и конуси станаа екперти по археологија, историја, културно наследство и етногенеза. Сите, освен археолозите. Археолозите во државава почнаа да стравуваа од давање на интервју, за да не им се случи да им ги извртат зборовите до непрепознавање и да не ги искористат за одреден политички спин, во зависност од наклоноста на медиумот. Aко ни е за утеха, веројатно не сме осамен пример на Балканот со девалвирањето на археологијата во политички цели, кое доаѓа заедно во пакет со проклетството на транзицијата од која никако да излеземе.

Археолозите во Македонија во последните 3 години константно работат под притисок од јавноста, која притоа заборава дека всушност тие се повиканите и единствените истражувачи кои можат научно да ги толкуваат пронајдените наоди. Денеска од археолзите во Македонија се бара да бидат инстант експерти од палеолита до тита и да ги интерпретираат наодите веднаш откако ќе ги најдат, без да им се остави време да ги обработат, да ги документираат и да направат компарации во рамките на територијата на Македонија, Балканот или пошироко. А се прашувате зошто е толку многу јавноста загрижена за нивната работа? За да ги заслужат парите кои се инвестирани во нивните ископувања, без притоа да им се обрне внимание кога тие имаат нешто да кажат во врска со одреден археолошки проблем.

Можеби не е лошо да се воведе практика и да почне да се размислува во правец на тоа да се ангажираат менаџери и гласноговорници на археолошките ископувања кои ќе закажуваат прес конференции и ќе известуваат за новите пронајдоци, како што впрочем се прави во светот. Без дополнителни сензации и катарзични реакции, оти во рамките на оваа наука секој предмет е важен и има своја приказна.

Сето ова на некој начин предизвика тивок отпор кај фелата на архолозите кон давање на изјави во медиумите и мислам дека е редно како општество да запреме со нашата фолклорно-митолошка-квази-национал глупа политика кон археологијата како наука и да престанеме да ги обезвреднуваме археолозите без да им дадеме шанса да се докажат. А се докажуваат преку публикации. Тоа е она кое што треба да се бара од сите нас и тоа е единствениот документ кој останува по ископувањето на еден локалитет или обработувањето на некоја потесна специфична тема. Во прилог ќе  го цитирам колегата Киро Ристов,  кој вели дека: ‘Македонија е сеуште црна дупка не само на Балканот, туку и во Европа во смисла на презентирање и откривање на сопственото културно наследство’.

И како за крај. Археолозите објавуваат кога тие имаат што да кажат, а не кога луѓето нешто сакаат да слушнат, прочитаат и видат.

2 КОМЕНТАРИ

Leave a Reply to Случајот со Античка Македонија – Сакам да се бавам со наука, не со политика!

Please enter your comment!
Внеси го тука твоето име