Home Антропологија Филмот ‘Агора’ – рецензија

Филмот ‘Агора’ – рецензија

2,481 views
3

Александрија е град кој од древните времиња, откако бил основан од Александар Македонски, не престанал да предизвикува внимание. Место кое било дом на Светилникот од Фарос, едно од седумте светски чуда на стариот свет и најголемата Библиотеката во тоа време, каде била собрана сета дотогашна мудрост на човештвото. Треба да бидете многу искусен за да дадете критика на овој филм, кој не задира само во астрономијата и философијата, туку во социјално политичките превирања кои напати потсетуваат на нашето совремие каде и после 2000 години, луѓето се уште ги водат војните во име на религијата и својот бог. При тоа, треба да бидете исто така добро историски потковани за да се фатите во костец со една безвремена прикаска за религиската нетолеранција, насилство и слобода на говорот. Но мудрите луѓе од минатото рекле дека: Човек си, се’ додека бог не ти го одземе умот. И тогаш кога устата занемува, и кога ветрот запира, умот е она кое ги движи работите.

Метафората на Агората

Агора е филм за една жена, која ќе го промени светот, историјата и дел од науката. Приказната за Хипатија, е приказна за една исклучителна жена на своето време, философ, математичар и астоном, која се обидува да ја спаси мудроста на античкиот свет.

Самиот термин ‘Агора‘ е старогрчки збор кој се употребува и денеска. Во хеленизмот и во римскиот период, означувал место кое е детерминирано како пазар, центар на јавниот живот, место каде се состанувале граѓаните да дебатираат за најрaзлични содржини, вклучувајќи ја културната, државната и трговската политика на својот град, држава или заедница. Денешната агора во форма на глобалната мрежа интернет, можеби нема архитектонски елементи како во минатото, но треба да ја чуваме зошто сепак претставува последниот бастион на слободниот говор и мисла. А најмногу поради тоа што овозможува директен пристап и споделување на мислите, а со тоа и на науката преку принципите за создавање извори на знаење со отворен пристап. Или како што би рекол режисерот Alejandro Amenabar: ова е сторија за еден град, една цивилизација и за една планета, а агората е метафора за планетата на која сите би требало да живееме без војни, политички превирања и игри. Но сите знаеме дека тоа нема никогаш да биде така. Бидејќи откако постојат луѓето, потојат и војните!

Јазиците како предизвик

Режисерот на овој историски спектакл беше наголемо критикуван дека најскапиот шпански филм на сите времиња нема шпански глумци, и оти е направен целосно на англиски јазик, што претставува увреда за шпанците како нација. Но ако го цитираме Умберто Еко, а во согласност со духот на минатото, тогаш поентата на Alejandro Amenabar е постигната преку концептот дека во 21 век англискиот јазик е истото она што некогаш бил латинскиот јазик во антиката.

Александрија била културно средиште и антички центар на сите вери, но и на сите јазици. Кога се градеше новата Библиотка Александрина (културен центар во форма на сончев диск покрај Медитеранот), која се претпоставува дека се наоѓа на местото на античката Александриска библиотека, на ѕидовите беа изгравирани букви од 120 различни јазици.

image courtesy of Bibliotheca Alexandrina

Историска рамка и кратко сиже на филмот

Дејствието на филмот Агора се случува на работ на изумирање на едно општество (робовладетелското), на прагот од распаѓањето на Римската империја на два дела и во моментите кога христијанството признато како официјална религија, ја завзема надмоќта во име на својот бог да разорува се’ пред себе.

Преку вртоглаво зумирање налик на Google Earth (пристап кој чинам дека до сега не е применет кај историски филм), фабулата не води во древниот Египет, во 371 г. кога Александрија е се’ уште под власт на Римјаните, иако полека тоне во затишјето на мултиетничка култура, во обид да се спаси од колабирањето на своето пачворк општество. Тоа се моменти кога христијанството ќе биде прогласено како официјална религија на Римската империја од страна на императорот Теодосиј I, а христијаните до темел ги сотираат сите пагански споменици, додека многубожците ќе ги забарикадираат во славната Александриска библиотека, во која подоцна ќе упаднат и ќе го уништат севкупното материјално наследство на објектот.

Историјата на овој спектакл ја следи личната (емоционалната), општествената и научната кариера на Хипатија, професор по философија, астрофизичар и астроном, многу малку позната на пошироката јавност, бидејќи едвај и да останале записи за нејзиниот живот и творештво. Таа е паганка која благодарение на своите подучувања во Александриската библиотека каде нејзиниот татко е управник, кај своите студенти ќе стекне пријатели и помеѓу христијаните и помеѓу евреите. Сепак тоа нема да им помогне на верските фанатици кој ќе и пресудат на најбрутален начин, само затоа што не е крстена по христијанските обичаи. Во реалноста, за разлика од филмот, нејзиниот живот завршува многу пострашно. Ја соголиле, таква ја влечеле по целиот град, ја каменувале и на крајот ја запалиле како вештерка на клада. Нема што, многу христијански би се рекло, во духот на новата млада религија која го освојува светот!!!

Еден од многу тизери за официјален постер на Агора

Што не учи овој филм?

Самиот филм наметнува повеќеслојни размислувања кои не би можеле да се одговорат во еден блог пост. Но веројатно најдрското од нив со прст ни го вперува прашањето, на што се должи меѓурелигиската толеранција помеѓу народите, и денеска и во минатото? Дали треба се испотепаме сите помеѓу себе во името на религијата, за да на крај бидеме среќни со својот сопствен бог? Еден од елементите кои ми се допаѓаат во филмот Агора, е одбраната на идејата за слободната мисла, јасно упатена против догмата, каде науката се уште во името на разумот победува над религијата. Како што можам да забележам, историјата на човештвото не еволуирала кој знае колку многу од светот на древната Александрија, каде во едно општество на изумирање, секоја позитивна мисла морала да се прекрши и да биде осакатена во политичката борба за превласт. Ви звучи познато, нели!

Најлошото што може да и се случи на цивилизацијата е кога тркалото на историјата наместо нанапред, ќе се вр(а)ти наназад. Нема пострашно нешто од тоа историјата да се повторува. Или можеби има …а? Со палењето на Александриската библиотека всушност почнува мрачното доба во светот на науката која ќе талка со столетија додека излезе од заплетканите лавиринти на своите замки.

Како за крај! – Каде е мојата Александриска библиотека?

Денеска мојата лична Александриска библиотека ја гледам токму во интернетот и блогосферата. Зошто ..

… Блогот е форма која ја сакам зошто ја запишува сегашната историја. А истовремени истории има онолку колку што има луѓе на планетава земја. Порано немало блогови, а на луѓето им било недостапно знаењето за глаголењето и придобивките од неговото запишување. Па во присуство на записи кои селективно третираат историјат, мислења или податоци само за видни личности, немаше денеска да се соочуваме со дупки во колективната меморија на човештвото…

Од мојот пост
Коментарите како блого-графити

Пишувајте и споделувајте на интернет. Направете ја нашата виртуелната Александриска библиотека многу помоќна од онаа во минатото. Нека послужи како база над која ќе се надоградува човештвото. Да се молиме само дека нема да биде употребена против него.

p.s. во секој случај се работи за фантастичен филм кој ќе ве остави без здив и со многу размисли. Highly recommended for watching and learning!

3 COMMENTS

  1. […] Римската империја опстанала скоро цел еден милениум, бидејќи покрај многу други работи, на луѓето им дозволувала да веруваат во кого сакаат и да подигнуваат храмови посветени на божествата кои ги почитуваат. Тоа било се до признавањето на христијанството како официјална религија, а потоа почнува мрачното доба во светот на науката која ќе талка со столетија додека излезе од заплетканите лавиринти на своите замки. Како за крај на овој текст, за да спознанието кон религиите на стариот свет ви го прошири вашиот светогледот, најтопло го препорачувам филмот Агора. […]

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here