Во народниот календар на Шопско-Брегалничката етнографска целина, овој празник, речиси секогаш се поврзува со приказната со познатиот мотив за смрзнувањето на бабата, која ги истерала своите кози и јариња на планина да пасат, неплашејќи се од студот. Tаа дури и се подбивала со Сечко: ,,Тиц коза јарина, серам Сечко брадина”.
Пред две години во бројот 22 на весникот од општина Аеродром (стр.8,9) прочитав како градоначалникот на оваа општина за 1 март во училиштата делел мартинки. Од древнините до денеска овој обичај кај македонскиот народ се задржал делумно во одредени региони. Според сведоштвата на македонските блогери, како и коментарите кои ги добив на мојот блог и профилот на фејсбук, овој обичај бил запазен во Преспа, во Скопје, во Струмичко, како и кај македонците кои живеат во Егејскиот дел на Македонија, Солунско, Костурско и Воденско.


Поради одредени активности кои ги превземала владата додека Македонија вила во рамките на поранешна Југиославија, кај луѓето кои не го практикувале овој обичај во рамките на својата фамилија, постои верување дека мартинките се бугарски обичај, со кој не би се сложила. Мојата баба која дошла по Втората Светска Војна од Егејскиот дел на Македонија (Солун) овој обичај го донела со себе и мојот татко памети како им плетела мартинки за да ги носат на реверот од кошулите или евентуално околу раката. Обичај кој таа го наследила од својата мајка, а таа од својата баба … Мојата мајка која е од Скопје исто така како мала памети дека добивала на поклон мартинки од нејзината баба од Тетово или пак посебно носени од Бугарија.
Кога бев дете, мојата мајка ми врзуваше Мартинка, како симбол на доаѓањето на пролетта. Не сите во комунизмот се плашеа и бегаа од старите обичаи 🙂 . Ова не е стар, туку древен македонски обичај а корените му се далечни, антички. Истото го правам, со моите синови денес. Впрочем и во македонската народна носија преовладуваат белата и црвената боја. Овие две бои се присутни во целиот македонски фолклор.
Коментар на блогерката Fortuna
Ме заинтригира еден коментар оставен на еден блог од извесен бугарски читател (за жал повеќе не постои поради менувањето на платформите) кој тврдеше дека мартинките се исклучиво уникатна бугарска традиција. Ова предубедување за бугарското потекло на мартинките пред се е поради фактот што овој стар обичај додека останал жив во Бугарија, бил сосема подзаборавен од граѓаните на Република Македонија и напуштен некаде кон крајот на шеесеттите и почетокот на седумдесеттите години од 20-от век за времето на комунизот кога се забранувале или рестриктирале поголем број од духовните обичаи почитувани на оваа територија со столетија.

Kупувам мартинки пред да појдам на изложбата на Пикасо
Софија, 14 Февруари 2009
Но за среќа би рекла дека носењето на мартинките во Бугарија познати како Мартеница, Романците под името Mărţişor го сметаат пак за свој древен обичај кој бил почитуван на територијата на Трансилванија, Бихор, Банат и Добруџа, па се до Молдавија, вклучувајќи ја и неа.
Kога бев мала(крајот на 70-тите и почетокот на 80-тите редовно имав маритинка (кај нас ги викаат мартенички), ама едно ми е мистериозно-никако не знам кој и од каде ги носеше. И во струмичко се подразбираше да имаш мартеничка во март. Мама исто така ја раскажуваше прикаската за Марта и Сечко, дека Марта е единствен женски месец и не знае каков чешит да се направи (во смисла на променливоста на времето). Таа велеше: трс коза планина, серам Сечко брадина! I Сечко пуштил голем студ и Марта се смрзнала со козите некаде (некако ми е во сеќавање како да има во струмичкиот регион предел каде има камење кои се Марта и козите).
Се си мислам дека мама ја врзуваше мартеничката на некое од дрвјата во дворот. И мартеничките ги носевме на школо, нема врска комунизмот дека ги забранувал. Јас не потекнувам од егејскиот дел, а мама ги знаеше тие приказни уште од дете. Сакам да кажам дека веројатно е регионален обичај. Инаку, од моите пријатели од Бугарија секој 1. Март добивам честитка со текстот: Честита прва пролет. и мартеничка, се разбира. Денес мислам дека децата не носат веќе мартенички.
Коментар на блогерката lepangelina
Според одредени верувања ова легенда своите корени ги влече уште од антиката (1,2) иако неоспорен е фактот дека таа била почитувана на целиот Балкан, најисточно вклучително со регионот на Охрид чии траги останеле во помнењето на луѓето за да бидат преточени во песна. Толкувањето на овој празник потекнува оттаму дека Ксантика бил празник на природата, пролетта и цвеќињата, светлината и љубовта, празник на духовноста и убавината, будење на енергијата и почетокот на новиот живот.
Во Благоевградско, Малешево, Пијанец, Осоговија и Lакавица, постои обичај на eден вид на правење амајлии, познати под името ,,мартинки”, a поретко и како ,марти”. Mартинките се прават на тој начин, што се усукуваат две нишки од црвен и бел конец или волнена преѓа и така усукани се ставаат, најчесто околу раката. Кога се носи мартинката, таа не треба да се гледа, односно не треба да ја види сонце – ,,за да не те изгоре сонцето преку лето”.
Постојат различни обичаи при традиционалното подарување на една мартинка. Генрално, таа секогаш е со конци од црвена и бела боја испреплетени или исплетени, од кои црвената ја симболизира боја на крвта, а белата на чистотата. Се подарува на 1-ви Март во чест на Баба Марта и се носи околу рака или закачена на облеката се додека расцвета првото дрво. Потоа се закачува на него со желби за сопственото и за добро здравје на своите блиски во тековната година. Секако дека постојат варијанти на тема, но ова е основата на обичајот.
Би сакала да го слушнам мислењето посебно на повозрасните луѓе кои ја паметат оваа традиција, бидејќи многу малку е останато во записите. Дури и на интернет кога ќе побарате, едвај ви дава по неколку линка за оваа тема, и тоа претежно од нашето совремие.

Мартинки од личната колекција на мојот брат
Останатите цитатите во текстот се превземени од статијата на Зоранчо Малинов, Традицискиот народен календар на Шопско-брегалничката етнографска целина (Скопје: Институт за фолклор “Марко Цепенков”, 2006). Фајлот може да се симне тука.
И за крај, како што велат адетите,
Среќен 1 Март
Среќна Баба Марта
UPDATE
Среќна Баба Марта 2014
Подарете им мартинка за среќа на најблиските





