Дома Антропологија Најстрата пивска кригла од Прва Парна Пивоварна

Најстрата пивска кригла од Прва Парна Пивоварна

5,526 views
1

Во жаргон на територијата на старо Скопје, од Дебар Маало па до Кисела Вода и од Бит-Пазар па се до Буњаковец, отсекогаш за пиво се викало ‘бира’. Зборовите пиво и пивара/пиварница како термини се воведен многу подоцна, но и покрај тоа старите скопјани и ден денес кога сакаат да се освежат на летните горештини велат: “Ај да бапнеме по една бирка” 🙂

На фотографијата се наоѓа оригинална пивска кригла која потекнува од 1908 година која ја пронајдов во едно од скопските кафулиња во денешно Дебар маало. Според мислењето на музејските кустоси како и луѓето кои се бават со антиквитети, овој артефакт е веројатно единствениот сочуван примерок од тоа време. Пивската кригла потекнува од пиварата “Прва Парна Пивоварна”, која била лоцирана кај денешната општина Бирарија и била една од настарите пиварници на овие простори.

Во минатото во Скопје, најсакан пијалак било пивото, слаб алкохолен пијалок со 2,5 – 4% на алкохол. Основни суровини за негово производство се јачменот, хмелот и водата. Во минатото, најголем производител на пиво во градот Скопје била Парната пивара. Пиварата Бирарија била изградена околу 70-тите год. на 19 век во маалото Бирарија.

Посебен вид на алкохолен пијалак било домашното пиво “аловина”. Тоа се приготвувало со киснење и набубрување на јачмен или овес, потоа се сушело и се мелело за да се добие брашно. Од добиеното брашно се замесувало тесто со студена вода и се ставало на дното на некој сад. Врз него се поставувал вжарен камен и веднаш потоа садот се полнел со врела вода, по што доаѓало до вриење, односно ферментација. Така се добивал жолтеникав пијалак со вкус на денешното пиво

(од сајтот Старо Скопје)

Малку повеќе време ми беше потребно да пронајдам каде се наоѓала некогашната општина, а сега месна заедница во Скопје, именувана како Бирарија. Мештаните ја нарекувале и Стара Бирарија. Потрагата по информациите започна од сајтот на општина Кисела Вода, каде Бирарија се води како една од нивните месни заедници, со седиште лоцирана на улицата Томе Арсовски б.б. Со денешни архитектонски репери тоа би била реонот помеѓу улицата Огњан Прица и црквата Св. Петка.

Практично улицата Томе Арсовски која би можела според описот да се поистовети со старата скопска општина Бирарија минува покрај црквата Св. Петка, но завршува пред неа. Мојата мајка е израсната на улицата Огњан Прица, но не се сеќава дека било кој топоним во околината го нарекувале Бирарија. Името потекнало од фабриката за пиво, но со годините се изгубило од помнењето на луѓето.

Цртежот залепен на самата кригла најверојатно ја претставува како игледала фабриката за пиво “Прва Парна Пивоварна” во 1908 година. Еден широк пат води до управната административна зграда на три спрата, а од неговата лева и десна страна се наоѓаат грижливо уредени градини. Патот минува под самата зграда во форма на тунел и води директно до задното затворено двориште на фабриката кое од сите страни е фланкирано со објекти. Со оглед на сегашната местоположбата на општината, т.е. месната заедница Бирарија, претпоставувам дека зеленилото во позадина најверојатно е планината Водно.

Сликата во однос на конзумацијата и навиките за пиење на пиво ниту денеска не се променети кај Македонците, со оглед на количините кои годишно ги произведува Скопската пиварница како и другите пиварници низ Македонија. Придружени со Пиво фестивалот во Прилеп, а во последните години и во Скопје. Денеска пивото може да биде точено или флаширано, можете да купите од првата продавничка до вашиот дом, а на шишињата да сретнете лепеза од имиња на разни историски личности. Ама ете малкумина знаат дека честа први да пијат индустриско пиво ја имале старите скопјани кои својот омилен пијалок го набавувале од првата фабрика за пиво во Македонија, Прва Парна Пивоварна. Пивото исто така е универзален омилен “напиток” кај археолозите. Вклучувајќи го и авторот на овие редови. 🙂

1 КОМЕНТАР

Leave a Reply to Најстарата скопска кригла за пиво | Кригла Пиво

Please enter your comment!
Внеси го тука твоето име