Home Археологија Две-три думи за Проектот Скопје 2014

Две-три думи за Проектот Скопје 2014

5,413 views
6

Во Законот за заштита на културното наследство на Република Македонија постои дефиниција што е тоа ”Валоризација“, но во истиот тој Закон не постои дефиниција за тоа што се подразбира под “терминот” популаризација. Затоа дефиницијата постои во македонскот речник. Таму терминот ”популаризација” е попознат како вулгаризација.

Откако помина првичниот културен шок од презентирањето на проектот “Скопје 2014“, на медиумите се изредија да дебатираат и коментираат сите стручњаци кои експресно станаа ”екперти” и се обидоа дури да го инволвираат терминот културно наследство. Повеќето луѓе што ги познавам кои работат во оваа област не знаат ни да кажат дефиниција што значи културно наследство и што опфаќа тоа, но ете таму некои си ”експерти” се дрзнаа да го нарушат интегритетот на нешто што треба да претставува и да се идентификува како заедничка светска придобивка.

Очигледно граѓаните на Македонија во обид да го искажат своето мислење (а неретко и своите емоции) за овој проект, толку многу се испозанесоа, што практично почнаа да го вулгаризираат овој термин нарекувајќи го се уште нереализираниот проект културно наследство, кој како и терминот “културен предел” до пред неколку години беше голема непозната именка во нашето општество. Но ние сме земја која е позната по набрзинка склепани ”експерти” на метар квадратен, зошто пиететот го добиваш откако барем три пати ќе се појавиш на некоја телевизија да зборуваш. Во било каков контекст.

фото @zoriv

Од оние авторитети кои лично ги почитувам од областа на културното наследство зошто оставиле нешто зад себе, до сега ниту еден не се појави во медиумите. Ниту пак беше консултиран во однос на целата оваа ситуација која личи на турбо фолк новокомпонирана авангарда. До толку што објектите од проектот се толку величенствени и триумфални што единствено кое смета кај Проектот #skopje2014 е можеби самото Скопје. Веројатно добро би изгледале објектите и склуптурите без него, во некој иден милениум откога ќе го поминат испитот на времето за светското културно наследство.

Што е она што ми пречи? Не конкретно со овој проект, туку општо во Македонија? Тоа што не можеме да создаваме нова историја притоа уништувајќи ја онаа што ја имаме. Зошто пред да се направи и создаде нешто ново значи дека се завршил процесот на конзервација, реконструкција, валоризација и промоција на повеќето од она што е вредно од областа на културното наследство и може да се продолжи понатаму. Би сакала да посочам дека паралено со она кое треба да се создаде како нова придобивка од нашето доба, треба да ги заштитуваме и културно-историските споменици кои веќе ги имаме, за да не се случи да ги изгубиме. Бидејќи истражувањето на минатото никогаш не завршува. Тоа допрва почнува.

А до тогаш? Свртете се да видите каде живеете. Како овие нови објекти (ќе) комуницираат со околината во која треба да опстојуваат и според нивната важност каква ќе им биде функцијата во урбаниот простор на едно место, на пример во овој случај во едно градско јадро кое функционира самото за себе како сакрално-профано-културен пејсаж. И зошто веќе еднаш не седнат експертите за културен предел да дебатираат за проектот растеретени од било каква политичка конотација, а обременети со естетиката и уредувањето на просторот. Не познавам човек на планетава кој не би сакал да гледа убави работи околу себе.

Препорачани текстови за читање:

Панче Велков – Историцизмот е секаде присутен
Гоце Трпковски – Контроверзен, но капитален проект

6 COMMENTS

  1. Во сеопштата нездрава и навивачка атмосфера која се создаде околу новиот проект Скопје 2014 конечно да прочитам објективен коментар ослободен од дневнополитичките интереси било на поддржувачите било на оспорувачите на проектот. За наша жал и културното наследство кое е натпартиско и вонвременско одамна е ставено во функција на политичките интереси без да се води сметка за неговото сочувување и значење. Чудно е што досега не се појавила ниедна реакција што античките скулптури дремат пред Владата изложени на штетни влијанија на околината без никаква суштинска корелација со околината. Освен со нечии мегаломански и фантазмагорични лични амбиции…
    Поздрав!

  2. Здраво Alexandro,

    благодарам за коментарот. Во Македонија стручњаците за културно наследство се бројат на една рака и како што веќе споменав во текстот до сега никој не ги консултираше ниту се појавија во некој медиум. Политичар кој зборува за културно наследство и пејсажно уредување на просторот е просто комична ситуација за споменување, а не пак за дебатирање.

    Она што не ми се допаѓа во ситуацијата со проектот Скопје 2014 е тоа што “играчите” на сите стани се однесуваат како да навиваат за некој фудбалски клуб, апсолутно занемарувајќи ја естетиката, а често и статиката. Ако ги прочита текстовите кои ги препорачувам, тогаш во едниот др. Велков ја објаснува кревката ситуација на зградата на парламентот и што би се случило кога над неа би се поставиле куполи.

    За статуите пред Владата досега воопшто не се дискутирало. Тоа беше ад акта донесено решение без приговор во кое воопшто не е предвидено што ќе се случи доколку овие оригинални артефакти се оштетат. Секодневно се на удар од временските (не)прилики и постои голема можност било кој да помине покрај нив на пример и да ги изграфитира.

    Проблемот во нашето општество е што не постои суштинско спротиставување на мислите со факти од која потоа би се извлекле заклучоци. Се она кое го видов до сега слободно може да се смести во категоријата “Дијалог на глувите”. Чуму дебатирање, ако нема поента и завршница.

    Поздрав!

  3. Додека го читав одговорот ми текна на една дамнешна вест од сферата на политиката во една развиена земја. Имено, за избор на фотографија за изборниот постер на еден претседателски кандидат биле направени 4 000 фотографии, а консултирани илјадници луѓе од најразлични професии – од обични работници до врвни експерти од најразлични професии!
    Ние за изградба на такви објекти кои треба да стојат со векови не консултираме никого. Освен авторите чиј личен интерес им го лимитира и насочува мислењето. Неспорна е нивната стручност но кога се работи за јавни објекти кои треба сите ние да ги чувствуваме како „свои“ не е доволна само стручноста и знаењето од областа на архитектурата. Естетските и психолошките аспекти на овој проект (и на било кој) не се за занемарување, но во една ваква силно исполитизирана и вжештена атмосфера нив никој не ги споменува. Па така на место со радост (како што било од секогаш) ообјектите и спомениците ќе се градат со непријатно чувство на сеопшта манипулација.
    Поздрав до тебе и прости што пак го искористи твојот пост да го кажам моето мислење.

  4. Драга Arwena,

    Ти благодарам на сите напори што ги правиш во создавањето на еден високо цивилизациски труд кој твоите анализи го сочинуваат. Голема привилегија е тоа што ни се достапни твоите материјали, но и твојот жив и уметнички пристап кон предметите на твојата пасија.

    Ова е особено аристократски (благородно/фер) од твоја страна. И јас лично, не можам да ги ја сокријам ниту мојата љубов кон мареријалното историско наследство на градот, ниту мојата фасцинација од убавината на новиот проект.

    И надвор од експертската дијагонала на размислување, сосем ме погоди твојата реченица за убавината и тоа како тоа не прави да се чувстуваме. Но тоа секогаш го очекувам од твојот природен перфекционистички порив на кретивец и истражувач.

    Најпосле, аспирацијата кон убавото е основното што не прави луѓе.

    Топли Поздрави

  5. LOLITA,

    благодарам на поддршката. Не се знае точно кога, каде и како човекот ја почувствувал потребата за естетика, бидејќи податоците од минатото патуваат со многу голема спорост до нас. Затоа секоја информација од древнините е толку важна зошто понекогаш еден мал артефакт може да ги промени перцепциите за почетоците на естетиката или уметноста или архитектурата.

    Можеме надолго и нашироко да дебатираме како уметноста не направила да бидеме по’човечни’, но факт е дека визурата од нашата рожница е насочена кон оној дел од визуелниот свет кој ни го окупира нашето внимание, па макар тоа било и за момент. Овие слики дури и без да сакаме влијаат на нас и го обликуваат начинот на нашето размислување за другите, но и за себе си.

    За да можеме да ги разрешиме дел од овие дилеми заедно со сомнителните вредности кои владеат во западната култура, а таа за жал ни е урнек, би требало да се вратиме илјадници години наназад. Во времето кога се родиле првата слика во уметноста, првиот архитектонски објект., првиот … Но нели уметноста начелно повеќе се занимава со духовноста отколку со формата? Хм … или беше обратно…

    Поздрав до тебе 🙂

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here