Дома Архитектура Старата скопска чаршија – пази, пази да те кола не прегази

Старата скопска чаршија – пази, пази да те кола не прегази

4,844 views
2

За старото градско јадро на Скопје е пишувано многу низ вековите, а со својата монументалност и гордост, секако дека ќе биде инспирација и во иднина. Но за само неколку години, како резултат на превирања од различен карактер, Старата скопска чаршија го загуби својот шарм. Некогаш место каде се шопингуваше и излегуваше до утринските часови, се престори во локација каде последните гости и шетачи можат да се видат до 18-19 часот, додека не почне да се стемнува.

Старата чаршија е веројатно еден од најавтентичните делови од Скопје. Веќе неколку години трае проектот за нејзината ревитализација и кога човек ќе прошета по улиците и сокачињата, навистина може да увиди дека таа се има променето во едно сосема ново руво. Чаршијата и нејзините културно-историски објекти се дел од итинерарот на секоја класична пешачка тура низ Скопје и не постои турист кој не оставил дел од своите импресии додека минувал покрај објектите во кои е вткаен по мал дел од сите нас.

Но исто така мора да се акцентира и еден голем проблем со кој се соочува овој дел од градот. А тоа е дека Старата скопска чаршија со автомобили е попрометна од мојот булевар, нешто за кое имам и претходно пишувано. Токму денеска ми се случи пешачејќи низ сокаците на чаршијата, за малку да ме згази полициски автомобил. Кога изреагирав, полицаецот од внатре воопшто не најде за сходно да ми се извини, туку само ми одмавна со рака во знак да не зборувам многу и да се тргнам од патот по кој зацртале да врват. А ова не е прв пат да ми се случи ваква ситуација. Им се случува на многу граѓани, само што не нашле за сходно да реагираат јавно.

Кликни на фотографиите за подобра резолуција
@volan: Стара чаршија – Скопје … тажна ноќна фото приказна …

Навистина сум загрижена за безбедноста на објектите од Старата чаршија, но најмногу за безбедноста на луѓето кои се движат низ оваа ”пешачка зона”. Најголемата непријатност ја доживувам кога водам големи групи на странски туристи, кои остануваат вџашени од постапките на некои граѓани кои се дрзнуваат да возат автомобили низ стариот дел од градот, а посебно се изненадени кога ќе видат дека е тоа полициски автомобил. Морам да им објаснувам зошто старото градско јадро кое и покрај тоа што е заштитено со закон и прогласено за културно наследство од особено значење, не може да го спречи транспортното насилство кое секојдневно се случува низ неговите улички.

Кликни на фотографиите за подобра резолуција
@volan: Се вози ли во Старата Скопска Чаршија ?! – тажна дневна фото приказна

Драги мои читатели, тешко дека можеме да го заштитиме нашето богато културно наследство со ваков третман. Сепак еден добронамерен совет. Кога следниот пат ќе тргнете на прошетка низ Старата скопска чаршија, понесете си кацига и штитници. И гас маска. Не знаете кога ќе ви притребаат.

Поврзани текстови:

Ноќта кога Старата скопска чаршија дишеше
– Музејот на Старата скопска чаршија
– Сте биле ли некогаш во амам – a во чифт или во тек?

2 КОМЕНТАРИ

Leave a Reply to Старата скопска чаршија со веб сајт » Археолошки дневник vol.2.1/2 ©

Please enter your comment!
Внеси го тука твоето име