Home Археологија Архео пресек низ 2009

Архео пресек низ 2009

1,105 views
0

Изминатава 2009 година ќе ја запомнам како исклучително успешна на професионален план. Многу конференции, појавување во медиумите и публикувани текстови придонесоа за прв пат кај македонските телевизии да биде цитиран еден блогер со својот став без извртување или плагирање на информациите.

Литература

Публикувани текстови за Културен живот, словенечкото списание “ARHEO”, pending on request за печатење уште два текста, еден за МАНД, еден за BAR на Archaeopress и не е така лошо за краток временски инттервал од пола година.

Ја направив научната реценија на обемната книга “Принципи во археологијата” од Даглас Прајс на македонски јазик, и покрај тоа што се уште не сум видела како ова печатено издание изгледа. Се работи за еден од проектите на Владата за збогатување на книжниот фонд во областа на повеќе науки, а терминолошките археолошки проблеми со кои се соочив ќе бидат изнесени во некој од идните постови.

Една година од објавувањето на мојата книга Археолошки денвник, таа беше ставена под лиценцата на Криејтив Комонс. Со оглед на тоа што бројот на превземања од интернет го надмина првиот печатен тираж, јас сум сосема задоволна од овој потег. Мојот текст Археологијата на твојата фамилија беше публикуван во книгата Blogopedija 2009 – која претставува сублимат од најдобрите постови за изминатава година пишувани на српски, хрватски, бошњачки или македонски јазик. Ова е втор пат еден мој текст да биде публикуван на регионално блогерско ниво, по минатата година кога за Blogopedia 2008 беше избран “Дајте ми два три-податока и јас ќе ви конструирам вистина“.

Во меѓувреме весникот Дневник се дрзна да плагира еден мој текст кој е неколку пати објавуван и преобјавуван. Но во оваа држава работите можат да се решат само ако се направи скандал или не дај боже несреќа, па се решив за сега да не предизвикувам непотребни “потопувања”, иако понекогаш е неопходно.

Ан-(тикви)зација

За прв пат во македонската археологија се појави терминот антиквизација, кој го следев од самиот почеток. Наметнат од една интелектуална елита кој не ја познава етимологијата на овој збор, а наголемо употребуван од мејнстрим – но пред се кај новите медиуми, во преголема желба за докажување на нашиот идентитет согоревме во сториите со духот и гробот на Александар Македонски кои предизвикаа вистински збрки. Сето тоа беше надополнето со несоодветните изјави на некои мои колеги за светските археолошки списанија, па луѓето можеа да донесат заклучок дека Македонија е некоја недоџија, таму богу иза трегера со фејкерско третирање на археологијата како наука, кое е застарено дури и за некои минати системи. Поглавјето за антиквизацијата го затворив како досие, бидејќи реално не постои, па да видиме која ќе биде новата играчка на “стручњаците” кои најмалку се разбираат во археологијата како наука ама многу сакаат за неа да зборуваат.

Конференции/дебати

Годинава се појавив вкупно на пет конференции и дебати: Употреба на кирилицата на интернет, Жените во технологијата – Дигитални граници (Фемфест), BlogOpen09 (Ниш), Glocal 2009 (Inside Social Media) и E-society 2009 (Jас Медиум). Ако на другите бев активен партиципант, тогаш на последната сигурно без една од ѕвездите на конференцијата, зошто топикот кој го презентирав најмногу влијаеше на медиумите бидејќи имаше и најголемо ангажирање од нивна страна за заштитата на нашите археолошки локалитети. Освен на Blogopen, регионалната блогерска конференција, каде бев гостин, на останатите бев говорник и/или учесник на дебати. Машала, оваа година нека бидат уште повеќе, да ја калиме дигиталната ера на археологијата.

Размисли/Мислења

Проектот Via Egnatia го следев, но за жал не се вклучив директно на терен поради кревкоста на здравјето. Информацијата ја проследив до една од националните телевизии кои направија прилог. Од веб сајтовите кои беа пуштени во оптек на интернет ги споменав страниците за археолошкиот локалитет Таор и Македонскиот Археолошки Весник. Кампањата за промоција на туризмот со малку вулгарно вметнување и надмоќност на археолошки елементи во спотовите, ја коментирав во повеќе наврати (1, 2, 3).

Јасно го кажав своето мислење против градење на црква на плоштадот во Скопје, зошто не живееме во свет без ставови. Го подигнав својот глас во повеќе текстови каде се обидов да укажам дека археологијата е јавна професија и археолозите мора да внимаваат што зборуваат во јавноста и кои тези ги публикуваат во текстовите, бидејќи на тој начин може долготрајно да обликуваат нечие туѓо мислење.

Медиуми

Од време на време се појавував на некоја од националните телевизии. Но oд септември до крајот на годината постојано бев инволвирана во случајот со уништувањето и спасувањето на археолошкиот локалитет Градиште, кај с. Граиште, демирхисарско. Тука телевизиските медиуми, пред се Канал 5 телевизија, ја одиграа најголемата улога. Комплетната документација може хронолошки да се прати на Археоблог вклучително со настапите на конференциите каде го заокружив со текст, презентација и видео материјал моето залагање за спасување на културното наслество (1, 2, 3, 4, 5, 6). Заклучокот беше дека покрај веќе востановените субјекти за заштита и презентација на нашто огромно богатство, во овој процес можат исто така да се вклучи и локалната самоуправа.

Во 2009 година заврши процесот во кој со уште неколку активни членови на Македонската Википедија ја создадовме Викимедија Македонија, организација која е официјален локален огранок на фондацијата Викимедија. Со тоа го озаконивме нашиот повеќегодишен придонес кон македонската верија на Википедија, која ја подигнавме од ништо и ја доведовме до стадиум на моментални 37 000 статии. Признавам, порано бев поактивна во ажурирањето на написите, но затоа сега работам на промоција на оваа енциклопедија.

Како за крај

Многу патувања, посети на терени, изводени домашни и странски туристички групи, публикувани популарни текстови за археологијата и културното наследство во домашните списанија, научна работа, пракса и колаборативни истражувања со одделите за Археологија при БАН во Софија и САНУ во Белград, само ја заокружија 2009 година.

Не ми смета товарот на социјално ангажиран археолог. Посебно со предностите кои ги нудат Новите медиуми. Денеска и без ископување може многу да се стори да се заштити и презентира културното наследство на една земја. А јас токму тоа и го правам со својата активност на интернет, а во последната година и вон него. Сепак:

“Да не постоеше мојот здрав разум и неспремноста на компромиси само поради сензации, немаше да постои толку години ни овој блог“

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here