Дома Антропологија Духот на кинеската традиција

Духот на кинеската традиција

3,590 views
0

Кинеската цивилизација, вклучително со својата уметничка традиција, несомнено е најдолгата на светот. Не се изгасила ниту еднаш во текот на еден период кој почнал од III милениум пред н.е. и трае до ден денес. Во текот на 4000 години Кинезите успеале да одржат еден континуитет и единство благодарение на особините на сопствениот дух но и начинот на живот кој претрпел многу малку промени. Додека другите делови од светот се уште живееле во камено време, во Кина се произведувала бронза, малку подоцна се леело сребро, па почнало производството на стакло. Потоа се развила уметноста на керамиката, за да на крај, пред 2000 години се појави и кинескиот јазик. За да може да се пратат различните стилови во архитектурата, склуптурата, сликарството и применетатите уметности, периодизацијата на кинеската историја, а со тоа и уметноста се класифицира и именува во зависност од тоа како се менувале династиите кои владееле со таа земја.

Во споредба со останатите гранки на уметноста, архитектурата во Кина оставила необично бледи траги за својот развој. Причината првенствено треба да се бара во неотпорноста на материјалите, како што е дрвото, со кои биле подигнувани градбите, така што само ретки примероци останале недопрени од забот на времето. Освен тоа, ова е единствен случај во историја на светските цивилизации, каде недостасуваат пишани податоци за уметноста на градежништвото и не ни е познато ниту едно име на било кој кинески архитект. Тоа не води до претпоставката дека со таа убава дејност се бавеле исклучиво само непознати занаетчии.

[youtube]rGREEa6a8O0[/youtube]

Архитектурата со разни форми на куќи на повеќе катови, фонтани, печки, внатрешни дворишта, наместени простории, доловува интересна претстава за еден живот сосема поинаков од европскиот. Ако разгледаме една типична кинеска фамилијарна куќа, ќе видиме дека таа е поделена на неколку составни делови кои се секогаш еднакви. Во зависност од реномето на фамилијата, домот може да се состои и од збир на фамилијарни куќи подигнати околу едно централно двориште, опкружено со ѕидови. Овој збир од градби опкружен со камена ограда, го оживуваат многу внимателно негувани градини: во нив се наоѓаат карпи, поточиња, мостови и безброј места кои го привлекуваат вниманието на домаќините и на посетителите.

Ваков распоред на една типична кинеска куќа можел да се најде и во сложените заедници, како што бил кинескиот град. Но во побогатите куќи за да можат визуелно да го зголемат просторот, кинезите, како и сите култури кои потекнуваат од Истокот, го употребиле параванот. Тој претставувал подвижен ѕид, т.е. една површина (обично со ширина од 1 метар и повеќе) која се употребувала за промена на просторните или акустичните услови во домот кој се уредувал. Параванот лесно се придвижувал, а можел да биде и на тркалца кои биле монтирани поради подобра стабилност. Во кинеската (исто како и во јапонската) уметност параваните, заедно со ѕидовите и подвижните прегради биле користени во куќите на благородници како средство со чија помош ќе се разбие композицијата и ќе се означи одредено расположение. Мазната рефлектирачка површина на параванот кинезите не ја искористиле само за да го преградат просторот визуелно, туку со текот на времето тој станал површина на која почнало да се слика. Во основа на цртежот лежи откривање на расположението врз основа на аглите кои ги прават главните линии на композицијата. Колку е поголем степенот на аголот, дотолку поживи се призорите кои се претставуваат. Иако стилот на нивното сликање понекогаш на изглед може да делува декоративно, ништо не е случајно, туку напротив, се е внимателно пресметано и вешто распоредено. Така параванот со текот на времето станал медиум на кој се наоѓаат можеби најубавите примероци на кинеското сликарсто, било кога насликани.

Кинески паравани на продажба во Кристи

Од истокот, овој тип на сликарство во модерната уметност ќе влезе преку сликите на импресионистите и постимпресионистите. Посебно воодушевени од оваа источна вештина и самите ќе се обидат да сликаат паравани. Со тоа параванот засекогаш ќе си со обезбеди своето место во сите варијанти на модерната уметност, применетите уметности, дизајнот и ентериерот на домовите.

Во градот, како и во обичната куќа, никогаш не било прекршено правилото за насочување на домот по оската север-југ. За тоа постои и длабоко симболичко објаснување: резиденцијата на владетелот (исто како и домот на главата на фамилијата), е поставена по иста таква оска. Таа ја завзема положбата што одговара на положбата на ѕвездата Северница на небескиот свод, додека другите споредни згради, се распоредени околу неа. Освен тоа царот додека го гледа својот народ, го врти грбот накај север, престојувалиште на мрачни сили. Сето ова ќе делува помалку мистично, а повеќе логично, ако се знаат фактите дека на границата од северните провинции живееле варвари кои со своите упади непрестајно ја загрозувале Кина. Тоа била и најголемата причина да кон крајот на III милениум пред н.е. почне изградбата на Големиот ѕид, кој што ќе биде прошируван и доградуван во неколку наврати. Тој денеска се простира во должина од околу 3000 километри, претставува едно од седумте архитектонски светски чуда на стариот свет, и е единствена градба заедно со египетските пирамиди која може да се види од вселената.

[youtube]AB4nXADdPPY[/youtube]

Но главното обележје на кинеската архитектура, бидејќи од домовите останало многу малку, се пагодите. Пагодите биле будистички ритуални градби и споменици на целиот далечен Исток, со тоа што во Кина попримиле облик на пирамидести кули со повеќе спратови, помеѓу кои се наоѓаат кровови (стреи, покриви) со свиени рабови или обични ѕидани кровни венци. Подоцна, наместо западниот начин на покривање, почнувајќи од династијата Танг, се развил систем на покривање во гроздови, со сложена игра на вметнати елементи. На тој начин ќерамидестите покривни конструкции добиле необично извивање и почнале да се одликуваат со голема разновидност.

Кинезите градејќи сопствен однос кон природата, успеале да ја доловат возвишената смисла за самата суштината на формите, и да ја преточат во многу варијанти од своето домување и живеење. Со својот префинет стил, кој е резултат на непрекинат развиток во текот на многу векови, Кинезите побудуваат посебен интерес. Можеби овој дух, кој повремено бил познат и во европските културни простори, успеал засегогаш да ја задржи таинственоста и привлечноста на старите, далечните и автентичните цивилизации.

Додаток:

Истражете ja куќата на Yin Yu Tang во 3D, една типична кинеска куќа од почетокот на 19 век во провинцијата Анхуи (Anhui), која е преместена од својата оригинална локација и реконструирана во Peabody Essex Museum.

Линкhttp://pem.org/yinyutang/

Поврзани постови:

Археологијата на Кина во Science Magazine
Маски
Let the Olympics Games Begin
Во пресрет на Европското полуфинале во фудбал 2008
Археологијата и политката 1 – Peter Ucko (In memoriam)
Бронзенодобска мумија пронајдена со кесе марихуана
Императорот Август, Мел Гибсон, црквата во Аберден, штиклите во театарот Епидаурус и мавзолејот Кјанлинг

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Внеси го тука твоето име