Home Археологија Glocal, транзицијата, антиквизацијата и презентацијата

Glocal, транзицијата, антиквизацијата и презентацијата

2,135 views
7

Да не постоеше мојот здрав разум и неспремноста на компромиси само поради сензации, немаше да постои толку години ни овој блог

Три години по ред ја следам Glocal конференцијата организирана од страна на Њујорк Универзитетот Скопје, а две години по ред имам чест да бидам директен учесник. Од мој аспект морам да кажам дека постоењето на Glocal е од голема важност, зошто секој пат ме тера да направам еден исчекор нанапред и да ги впрегнам сите сили како би го извлекла најдоброто од спојот помеѓу археологијата, новите медиуми и комуникацијата.

Поради професионалната природа на својата одговорна работа, археолозите се должни и имаат обврска да излезат во медиумите со јасен став во однос на некое случување. Како археолог чија професија е од социјална важност, сметам дека во нашето денешно 2.0 општество нужно е, а и потребно да се познаваат алатките на новите медиуми, зошто со секој изречен, а посебно напишан збор се обликува јавното мислење на граѓаните, како што тоа го правам и самата секој ден на интернет со своите размисли на блогот.

Транзицијата

Периодот на транзицијата по осамосталувањето на Република Македонија како држава, не донесе ништо ново на полето на археологијата. Македонското културно наследство уште на самиот почеток ја изгуби војната со појавата на интернетот, а ги загуби до сега и сите битки со новите медиуми кои поразително делуваат на културната мапа на светот каде нас се разбира се уште не нема.

На територијата на Mакедонија има преку 5000 евидентирани археолошки локалитети од кои во моментов само пет имаат своја официјална веб страница (Вардарски Рид, Кокино, Скопско Кале, Тумба Маџари и Таор ). На интернет не постои специјализирано списание за македонската археологија, а во отсуство на официјални веб страници на академски институции кои се занимаваат со археологијата, читателите заинтересирани за оваа наука сублимираните информации можат ги пронајдат само на неколку места.

Република Македонија по својата независност, а посебно по експанзијата на интернетот, се уште нема практика на создавање архива од археолошки материјал со академски научен бекграунд. Тоа би ја пополнило огромната научна/јазична празнина (а со тоа и бариера) која во непостоење на трудови од оваа област, се состои исклучиво од информации кои во најголем дел се само на македонски јазик. И после толку години јас сум единствениот археолог кој пишува за македонската археологија и културното наследство на интернет. Како тргнала работата со фелерични генерации на факултетот по археологија и наклонетоста на некои мои колеги по сензационализми а не наука, уште долго ќе останам сама да создавам археолошки содржини на македонскиот веб со помош на алатките од новите медиуми.

Антиквизацијата

Еден од начините на кој политиката од секојдневниот живот се рефлектираше низ социјалните медиуми преку призмата на археологијата, во 2009 година во Република Македонија беше означена како “антиквизација”. Овој термин со нејасно етимолошко потекло воопшто не и е познат на македонската археолошка наука, никогаш не бил употребен говорно или во напишана форма, ниту пак се дискутирало за неговото значење.

Погрешно интерпретиран од интелектуалната елита која воопшто не го разбира, антиквизација е всушност процес кој трае доста долг временски период. Тоа не подразбира реименување на објекти, правење на пет или десет згради во (нео)класичен стил и неколку склуптури на два-три карактера од антиката како предмет на обожување, туку состојба на општествено социјално ниво која подоцна се рефлектира во урбаниот ентитет на една заедница, како архитектонски отпечаток на едно време. И да, според мене антиквизација воопшто не постои, ниту било кога постоела во Република Македонија. И доста со тупењето, измислете нешто ново и поинтересно да се забавувате! Оставете ја археологијата да дише зошто од минатото направивте депонија на токсични мисли. Ќе ни треба многу долг временски период да го исчистиме отпадот кој ги контаминираше националните традиции со политички проблеми.

Презентацијата за Антиквизацијата

За мојот настап на овогодинешниот Glocal имаше најразлични мислења, најмногу од аспект на презентирањето. Добив различни коментари по блогови и твитови од тоа дека настапот е Short, dynamic and up to the point, премногу политички, до замерката дека сум зборувала брзо англиски и сум го читала текстот со презентација која е однапред спремна до секунда да го прати она што го говорам.

Што се однесува до зборувањето, зборувам брзо и течно на сите странски јазици кои ги владеам, а не се малку на број. И не е мој проблем дали некој може да ме следи или не! Што се однесува пак до динамиката на презентацијата, многу е тешко кога имате само 15 минути да елаборирате проблем кој ги има зафатено сите општествени слоеви, а се пресликал на интернет.

Можеби некои од слушателите не ја сфатија поентата со политизирањето на македонската археологијата, а со тоа и на науката, па ќе мора да причекаат да се публикува текстот. Искуството од светските симпозиуми ми вели дека презентарот секогаш треба да се држи до зададената тема во временскиот рок кој му е доделен за нејзина презентација. Ако на некого му се допаднала темата, ќе се потруди подоцна да го најде публикуваниот текст.

Како за крај

Со ова го затварам поглавјето за антиквизацијата и ако евентуално продолжам да се бавам со проучување на политизирањето на македонската археологија, веројатно тоа ќе го направам вобличено во научен труд под закрилата на докторатот, зошто каде и да е до крајот на годината ќе ја одбранам мојата магистерска теза на катедрата по археологија во Белград. И фала му на бога што си заминав од тука и ги прескокнав сите опструкции, а воедно го задржав својот критички став по однос на многу работи. Како што би рекол еден колега од Белград чие мислење го почитувам: “да не постоеше мојот здрав разум и неспремноста на компромиси само поради сензации, немаше да постои толку години ни овој блог”.

7 COMMENTS

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here