До кога ваквото силување на туризмот со странски туристички водичи
posted in Политика, Туризам |
Покрај тоа што сум професионален археолог, врз основа на член 41 од Законот за туристичка дејност “Службен весник на Р. Македонија”, бр. 62/2004 по полагањето на стручни испити, Факултетот за туризам и угостителство – Охрид ми издаде уверение за туристички водич. Со тоа се здобив со право за вршење на дејноста да водам индивидуалци, помали или поголеми групи притоа објаснувајќи им за природните и културните убавини на Македонија. Лиценцата за туристички водич се докажува со легитимација, која би требало да биде видлива за сите додека се води турата.

Како изгледa официјална легитимација на туристички водич
За да ја доловам незавидната ситуација во која се наоѓа македонскиот туризам, ќе раскажам само една од илјадниците ситуации на кои сум присуствувала, а не сум можела да сторам ништо. Бидејќи во оваа држава ниту еден закон за туристи не се почитува, па следствено на тоа ни туристичките водичи не се заштитени.
Имено, на 19.09.2009 имав класична пешачка тура низ Скопје која започна од Скопското Кале. Додека ги чекав моите гости во придружба на чуварите сместени во куќарката веднаш на влезот од големиот паркинг кај јужната капија на Калето, во меѓувреме пристигнаа 4 автобуси со турски туристи без ниту еден македонски водич за секоја од нив, како што е редот по законот. Нивните водичи го вееја турското знаме, ги шетаа низ локалитетот и зборуваа приказни како е Калето оригинално изградено од Османлиите. Спомнуваа султани и владетели, и покрај тоа што на овој археолошки локалитет најстарото населување е од 4 милениум п.н.е. и има долга низа на утилизација се до 1963 година кога повеќето од тогашните објекти кои биле музеи, се срушени од големиот земјотрес. Во 2007 како дел од тимот кој го ископуваше овој локалитет бев задолжена за секторот за документација. Скоро сите наоди ми поминаа низ рака и веројатно никој друг не би знаел да ја раскаже приказната за Калето подобро од мене.
Според Законот за туризам на РМ, група на туристи поголема од 10 луѓе мора да има лиценциран водич и придружник. Ако е групата уште поголема, тогаш треба да бидат присутни еден водич и двајца придружници. До кога ќе се силува туризмот во РМ каде на странците им се дозволува да зборуваат што сакаат извртувајќи ја нашата историја, а во меѓувреме се снимаат скапи спотови за туризам, додека ниту еден закон за туризмот во државава воопшто не функционира?
Нелегални туристички водичи од Бугарија, Србија, Албанија и Грција се‘ почесто, среде Македонија, го негираат нејзиниот идентитет, јазик и култура. Домашните водичи бараат заштита и воведување туристичка полиција.
Сакам да знам дали во Министерството за економија, отсек за туризам, воопшто нешто работат? Сакам да престанат да поддржуваат државотворни туристички водичи за градот Скопје со насловни од споменикот на Александар Македонски во Прилеп, да седнат и да сработат нешто конкретно! Сакам да знам зошто нема инспектори за туризам кои ќе циркулираат низ градов? Ги сакам нивните имиња и телефони достапни за јавноста за да можеме и јас и граѓаните во секое време да пријавиме прекршок. Сакам да знам дали странските туристи доаѓаат преку некоја домашна агенција и плаќаат данок на државата или се шверцаат и најмуваат водичи на црно кои го кажуваат она што нивните клиенти сакаат да го слушнат.
Па добивате приказни дека Македонија е 100% муслиманска земја, излегува на Охридското море, сите тврдини се изградени од турските султани и најсетне, за србите и бугарите ние сме се уште дел од нивната вечно посекувана голема држава.
За да не испадне дека само напразно пишувам а не делувам, чинам дека најдобро ќе биде повторно да ги земам мојот фотапарат и камера, и како што тоа го направив во случајот со локалитетот Градиште, да застанам на триаголникот помеѓу црквата Св. Спас, Скопското Кале и Мустафа Пашината џамија. Порано или подоцна во текот на денот, во зависност од итинерарот, сите туристички групи поминуваат оттука. Или најдобро ќе биде можеби директно од мобилен да ги поставам сликите и снимките на фејсбук и на youtube. Друго чаре за да се заштитам себе и другите туристички водичи, очигледно нема.
21. 09.2009 – локација паркингот пред Скопското Кале – време 13:00ч.
При мојата вчерашна посета на Скопското Кале, како што се забележува и на фотографиите, во еден момент дојдоа шест бугарски автобуси кои излегоа со свои водичи за да се прошетаат на локалитетот. Веројатно сите тие би биле запрени од чуварската служба бидејќи се без придружба на лиценциран македонски водич, но обезбедувањето не може да сопре никого да го посети овој локалитет, доколку нема надлежен орган над него кој би му испратил допис дека ги овластува да го сторат тоа. Скопското кале е под ингеренција на Музеј на Град Скопје, а тие се директно под локалната самоуправа. Иако всушност, се почнува и се завршува со неспособното Министерството за економија, отсек за туризам. До кога ќе дозволуваме други да ни ја пишуваат историјата.
За поголема разолуција кликнете на секоја фотографија одделно.




















