web analytics
За мене



Василка Димитровска
магистер по археологија
Скопје, Македонија
e-mail: info@arheo.com.mk

Текстовите на сајтот не се лекторирани

ЧПП
Прирачник за коментирање

Пребарувај по сајтот
My pages and blogs
Blog in english
Архео-креатива

Verba volant scripta manent

Video|Channels|Community
Категории
Архива

PostHeaderIcon Како мобилните оператори ги уништуваат археолошките локалитети во Република Македонија

Можеме само да замислиме колку од археолошките локалитети во Република Македонија се уништени со градење или поставување на неков објект, а тоа воопшто да не е пријавено за да може навремено да се интервенира од страна на стручните екипи за заштита на културното наследство. Не е прв пат, ниту ќе биде последен некоја од градежните фирми ширум Македонија да налета на археолошки локалитети. Би рекла дека почеста е реакцијата кога тие ги прикриваат наодите за да можат да продолжат со своите работи, оти ако ги пријават се знае дека нивната работа ќе биде стопирана во временски интервал колку што им е потребен на археолозите за го истражат (и заштитат) делот кој ќе биде уништен.

Се сеќавате на случајот со поставувањето на цевководот за ХМС „Злетовица“ кога инвеститорот оштети неколку локалитети. Да не реагираа медиумите постоеше голема шанса да се уништат уште 33 aрхеолошки локалитети во должина од 57 км, колку што изнесуваше дотичниот цевковод. Подоцна археолошките ископувања на еден од нив познат како Грнчарица го дадoa првиот скелетен остаток од раниот неолит наречен Славе, кој за прв пат во македонската археологија е антрополошки пронајдок датиран со C14.

Се уништуваат 33 Археолошки локалитети на 57 км – Државата молчи
Држава која со закон си го уништува културното наследство
Како Славе може лесно да стане Славјанка – осврт кон скелетните остатоци од локалитетот Грнчарица

„Градиште”, Граиште, античко регионално средиште (град Брианион). Акрополата е обновена во средниот век (град Добрун)

Ова е мејл кој го добив утринава од мојот читател Димитар Б., кој посведочува дека веќе утврдениот со закон археолошки локалитет Градиште, село Граиште, општина Демир Хисар е дополнително оштетен со поставување на антени од мобилните оператори.

Вчера бев на прошетка над селото Граиште (Демир Хисар), на таканаречената Граишка чука, каде во античко време се наоѓал градот Брианион, голема тврдина преку целиот рид, а подоцна средновековниот град Добрун. Од она што го видов навистина се згрозив. На местото моментално има поставено 4 предаватели (3 мобилни + тв). Последниот од мобилните предаватели е направен пред 1 недела. За да го постават громобранот, со машини бил копан 200 метри долг и 1 метро длабок канал (ров). Без да се внимава на уништувањето на значајно археолошко место, се гледаа уништени камења кои биле дел од зидини, се гледаа стари керамички садови, уништени, искршени, изгазени…

bryanion-demir-hisar-google-earth

Археолошкиот локалитет „Градиште”, Граиште на Google Earth

Што вели Археолошката карта на Република Македонија (Том 2, стр.135) за овој топoним:

Градиште, градиште од раноантичкото и доцноантичкото време. Сместено е на висок конусен рид со зарамнето плато, опкружено од три страни со речни долини. Оградено е со три појаси од одбранбени ѕидови градени од камен без малтер, кои во вид на тераси опфаќаат простор од околу 10 хектари. По површината се среќаваат многубројни фрагменти од керамички садови, питоси и градежен материјал. Најдени се повеќе од 200 монети од IV-II век пред н.е. Во западното подножје се откопани гробови со златен накит. На највисокото плато, остатоците од раноантичкото градиште, кои се на површина од околу 3 хектара, се опфатени со доцноантичкиот бедем ѕидан од кршен камен и варов малтер. По површината се среќаваат фрагменти од керамички садови и монети. Во јужното подножје на ридот, над селското училиште е откопан поголем број гробови градени од камени плочи во кои меѓу прилозите имало и монети од IV век. Предложена е идентификација со деуриопскиот град BRYANION. Наодите се сместени во Музејот на Македонија во Скопје и во Заводот и музеј во Битола.

Според Иван Микулчиќ (Средновековни градови и тврдини во Македонија, МАНУ, Скопје, 1996, стр.193-197) на зарамнетиот врв на купата и на двете тераси јужно од него, во раната антика бил изграден градот Брианион, со површина од 12 ха. Во доцната антика врвот бил повторно укрепен, со малтерно обѕидие зајакнато со 8 кули. Кастелот зафаќал 2 ха, а на терасите под него се раширило подградието. Наоди: стотини монети од доцниот 3. до 6. век; многу железна згура и топено олово. Ова несомнено бил центарот на целиот рудоносен регион Дериоп.

bryanion-demir-hisar-vip-operatorПоставеност на предавателите од мобилните оператори на археолошкиот локалитет „Градиште”, с. Граиште

Средновековните остатоци се во северниот дел на акрополата каде се протега еден внатрешен ѕид, влечен во прави потези но граден без малтер, што затворал простор со димензии 90 х 30 м. На северната и на западната страна се потпирал врз доцноантичкиот ѕид, кој што останал добро запазен и во подоцнежните векови. Ова било јадрото на средновековниот фрурион („град”) Добрун, потврден со повеќе наоди: средновековна грнчарија, ситните предмети исковани од железо и повеќето византиски монети: анонимни фолиси од средината на 11. век, бакарни скифати од 12. и 13. век. (во музеите во Битола и Скопје).

„Градиште”, Граиште, монети oд 10.—13. век

Траги од цивилно подградие нема. Очигледно е дека во доцниот среден век експлоатацијата на рудата веќе била поместена на западниот дел од овој регион, каде израснал новиот центар, градот Сидерокастрон (Железнец) со цивилно подградие. Во борбите помеѓу византискиот цар Андроник III и Србите во 1329/30 г. околу рудоносните региони Демир Хисар и Дебрица, покрај Бучин, Габаларион, Сидерокастрон и Дебрица се споменува и „фрурион Добрун” (В. Кравари 1989, 254). Традицијата на ова име живеела cи до нашето време; уште на почетокот на овој век овој регион се викаше „Железно”, а поретко и „Добромир” (Грегович 1877, 114). И денес една месност во југозападното подножје на Граиште се вика Добромирски дол.

Овие податоци му биле познати и на Т. Томоски (1964, 43) и тој, исто така, во врска со оваа локација помислувал на градот Добрун. Меѓутоа подоцна без никаква основа тој Добрун го бара во другиот дел на Македонија, кај селото Брест, Радовиш (месноста „Плоча”). Овој локалитет детално го истражувавме, но на него нема средновековни остатоци; таму лежат ѕидовите од една доцноантичка висока стража (6. век) и ништо друго. Добрун останува во Демир Хисар.

===========================

Според историчарот Плиниј, Пелагонија и Деуриоп биле пајонаски земји. Географот Страбон исто така го поставува Деуриоп во соседството на Пелагонија и Линк. Тој во Деуриоп бележи три града, сите на реката Еригон (Црна): Бријанион, Алкоменае и Стибера. Според археолошките наоди, но и според пронајдените натписи два од овие града се веќе потврдени: Стибера (локалитет Бедем, кај с. Чепигово) и Алкоменае (Бучински рид – Пачкоец, над Бучин). Овие три локалитети вклучувајќи ја и месноста Граиште се меѓусебно оддалечени 8-9км, и нема трета богата населба во околината каде евентуално би бил лоциран Бријанион.

Некои од артефактите сликани на локалитетот Граиште, Демир Хисар. Умно што на Димитар Б. му текнало да стави некаква метрика. :)

Зборуваме за археолошки локалитет кој прв пат во литературата се сретнува од кога постојат историски записи за овој крај и кој има дадено богати наоди. Толку се трудиме да влеземе во предворјето на ЕУ, што понекогаш подзабораваме какво богатство имаме во сопствениот двор. А честопати истото го уништуваме за сметка на нашата глобализација. До кога оваа држава ќе дозволува уништување на археолошките локалитети? До кога ќе биде вака? Прашувам до кога културното наследство во Република Македонија ќе доживува ваков третман? Самите си го уништуваме културното богатство, па потоа се прашуваме зошто другите така умешно не дриблаат на сопствен терен.

Треба веднаш да се поднесе кривична постапка против мобилните оператори и како надокнада за направената штета за сите уништувања на локалитетот, треба  да ги исфинансира археолошките ископувања на ова место најмалку следните 10 години.

Апдејт 08.09.2009

По увидот на терен се утврди дека акрополот на археолошкиот локалитет Градиште, кај с. Граиште, Демир Хисарско е 2/3 уништен засекогаш. Орано е до длабочина од 30-40, а некаде прекопувано и до 60-70 см. Еден дел од фортификациските утврдувања се комплетно разрушени. Парчиња керамика и делови од садови можат да се пронајдат раздробени на сите страни. Направив фото и видео документација. Ќе следи најмалку 10 минутна репортажа која ќе се подигне на интернет.

Клучни зборови: Василка Димитровска, археологија, културно наследство, уништување, медиуми, Демир Хисар, Македонија, Vasilka Dimitrovska, archaeology, cultural heritage, destroying, media, Demir Hisar, Macedonia

21 Responses to “Како мобилните оператори ги уништуваат археолошките локалитети во Република Македонија”

  • Киро Велковски says:

    Ужас. Има ли можност неколку стручни лица (или ЦХАРМ) да спремат материјал што ќе му се даде на јавниот обвинител за да спроведе истрага?

  • Археоблог says:

    За што се борам јас сите овие години. :(. Сакам да знам кој им ја дал дозволата да постават антени за мобилни оператори на археолошки локалитет.

  • Бојан says:

    Ако е точно дека мобилните оператори уништиле или оштетиле археолошки локалитет, додека му текне на јавното обвинителство да поднесе кривични пријави, единствено чаре што ми текнува е:
    - да ги откажеме мобилните
    - да не ги плаќаме сметките
    - да ги раскинеме договорите
    На друго место нема да ги боли, само удри кај што им се парите, а парите им се кај нас и ако ние не им ги дадеме можат да се сликаат.
    Power to the people!!!
    П.С. Кој е спремен да се откаже од мобилниот?!

  • Археоблог says:

    Чисто како една идеја до мобилните оператори, за да не се случуваат во иднина вакви работи. Можат да си вработат еден (или тим) археолог кој би одел на терен и би ги рекогносцирал (површински прегледал) локациите на кои имаат намера да се постават базни станици. Потоа би следел извештај дека на тоа место нема индикации за постоење на траги од културно наследство, со чиј сертификат мобините оператори би можеле да си ја продолжат планираната работа.

  • Vlado says:

    Навистина мислам дека е крајно време да се престане да се има ваков однос кон работите кои за оваа земја и овој народ се од непроценливо значење, а и не само за нас, јас би рекол и многу пошироко. Таму, на локалитетот, се уништува светско, а не само наше културно наследство, на што мислам дека никој нема право. Само кога веќе ќе биде доцна, да се заштити било што таму, е тогаш ќе се „фаќаме за гуша“ кој бил виновен и чија е одговорноста…..Мислам дека памет не ни доаѓа, ама вака не оди! Како граѓанин на оваа земја и пред се како патриот, кој вистински си ја сака својата татковина, но не само на зборови, неможам ова да го премижам. Ќе се испотепаме помеѓу себе колку сме „антички“, и чиј е…. не знам…..Александар Македонски……, или кој друг, а антиката од непроценливо значење багерите ни ја „однесуваат со виорот“; не сфатлив однос!!!

  • flebur says:

    само да не испадне дека моб.оператори издвојуваат пари за вакви и сл. проекти,а на сретствата да им се губи трагата по матните релации влада/буџет-министерства-музеи-археологија…..
    (една од варијабилите)

  • Volan says:

    On September 9th, 2009, Volan » Oштетувања на локалитетот Градиште, с. Граиште Демир Хисар од страна на моб.оператори … Gradiste village – Demir Hisar said:

    [...] Функционира ли барем еден закон за заштита на културното наследство во оваа држава? Вакво сквернавење не сум видела скоро никогаш во животот, дури ни од страна на дивите копачи. … акрополот на археолошкиот локалитет Градиште, кај с. Граиште, Демир Хисарско е 2/3 уништен засекогаш. [...]

  • Interpreter says:

    On September 9th, 2009, Interpreter »Копање по минатото said:

    [...] Нашиот неуморен археолог, Арвена, објави утринава дека археолошкиот град Градиште кај с. Граиште Демирхисарско е уништен засекогаш. Поважни се антените на мобилните оператори. Оваа не е ништо друго освен уништување на нашето минато. Копањето по нашето минато е уништување на нашата иднина. Мобилните телефони не се временски машини. Нашите антички градови се нашата временска машина. [...]

  • On September 9th, 2009, Кајгана »Уништување на македонското историско наследство said:

    [...] 2/3 уништен локалитет:
    Градиште село Граиште, Демир Хисар [...]

  • Функционира ли барем еден закон за заштита на културното наследство во оваа држава? … Акрополот на археолошкиот локалитет Градиште, кај с. Граиште, Демир Хисарско е 2/3 уништен засекогаш.

    Само во длабочината на земјата се крие минатото на една држава. Но за нас тоа не е важно. Важно е да се уништи секој остаток од минатото, важно е да се украде вреден артефакт, да се постават столбови за струја на место на антички наоѓалишта, да се уништи онаа што се вика наша историја.

  • Волан says:

    Граиште, Демир Хисар нова тажна архео приказна – за поголеми слики десен клик на сликата, првата опција

  • makedonka says:

    можеме тука да ги напишеме сите изливи на револт и на осуда за овој вандалски чин,но што конкретно да преземеме во врска со проблемот!Предлагам да се обратиме до министерството за култура со барање,тие да поднесат тужба до сторителот на вандалскиот чин.Вака како поединци можиме само да зборуваме и да коментираме до бескрај.

Leave a Reply

За сајтот

Добредојдовте на мојот сајт. Доколку ви се допаѓаат текстовите и сакате да ме следите кликнете на RSS фидот. Текстовите на сајтот не се лекторирани. Сајтот е заштитен со Законот за авторски и сродни права на Република Македонија.

Почитувајте ја лиценцата на Криејтив Комонс пред да позајмите без прашање на интернет.

Василка Димитровска магистер по археологија

UNESCO Club HAEMUS
SCUPINI ROMANI
HAEMUS E-Shop



Моја книга за Руг Баир
Visits
View My Stats