Home Антропологија Археологијата на Кина во Science Magazine

Археологијата на Кина во Science Magazine

1,815 views
1

Со оглед на тоа што откритијата во кинеската археологија не се учат на факултетот по археологија во Скопје, ниту пак нашите медиуми известуваат за нивните наоди од кои некои се славни во светски рамки, генерално постојат две работи кои од општа култура ни се познати  за Кина – Кинескиот ѕид почнат да се гради за време на војните помеѓу државите и Теракотната војска од времето на династијата Кин. Веројатно ни е познат и Патот на свилата, но тука нашето знаење има пред се повеќе дупки отколку светли моменти, кои сепак секојдневно се апдејтуваат со нови откритија.

Минатата година Кина беше домаќин на Летните Олимписки Игри. Според Градската администрација за Културно наследство на Пекинг за време на припремата на Олимписките игри во Кина, археолозите откриле преку 1500 артефакти на 18 олимписки локации. Веројатно се недоброиви останатите наоди на другите археолошки ископувања, во земјата каде живее половина од популацијата во светот. Но токму тој мултикултурен етно комплекс пред некое време ја осуди Кина за политизирање на археологија и употреба на науката за докажување на идентитетот и корените кој би требало да си ги бараат некаде со создавањето на првите империи.

Она кое на светот му е познато од археолошките откритија е фактот дека најстарата датирана керамика е пронајдена во Кина. Потоа, оризот првично се одгледувал во источна Кина и тоа, во 8-от или 9-от миленниум п.н.е., а нешто подоцна, односно во 4000 г.п.н.е. се сретнува и во југоисточна Азија. Просото и свињата најпрво се одгледуваат во најраните села во северна Кина околу 5000 г.п.н.е. Кога биле формирани првите држави по долините на големите светски реки, цивилизациите покрај Нил и Инд најверојатно биле под влијание на случувањата во Месопотамија, додека развојот во Кина е независен од оној во западна Азија и североисточна Африка.

Првите држави во северна Кина се појавуваат во 2000 г.п.н.е. Карактеристика се големите градови (кои биле меѓу најголемите во светот со стотици илјади жители), со монументалната архитектура претставена со масивни ѕидини и платформи, изградени од набиена земја. Еден од првите познати кинески градови, Анјанг, воедно бил и последниот главен град за време на династијата Шанг.  Необична одлика на првите кинески држави се гробовите на владетелите. За време на династијата Кин, околу 200 г.п.н.е. позната е прекрасна гробница близу главниот град Ксианјанг за кој биле потребни 36 години и 700.000 работници за да се изгради. Меѓу пронајдените материјали во гробницата на императорот Кин Ши Шихуанг (Qin Shi Huang) е и огромна армија од теракотни пешадијци и коњаници, изработени во природна големина кои сведочат за моќната војска, строго уреденото класно општество и богатството по кои е позната древната Кина.

Но кинеската археологија е исто така подложна на ограбувањата од страна на дивите копачи и како секое светско културно богатство од кое има што да се научи, прети дека ќе биде истребена засекогаш со тенденција да заврши во приватните богати колекции каде засекогаш би останала затскриена од очите на јавноста.

Кинеската цивилизација, вклучително со својата уметничка традиција, несомнено е најдолгата на светот. Не се изгасила ниту еднаш во текот на еден период кој почнал неколку милениуми пред н.е. и трае до ден денес. Поради тоа сметам дека е од огромна важност што последниот број на списанието Science е посветено на Археологијата во Кина. И да не заборавам, треба да имате акаунт или евентуално вашата институција да е претплатена на ова списание доколку сакате написите да ги читате онлајн.

1 COMMENT

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here