Home Археологија Нов туристички водич за градот Скопје

Нов туристички водич за градот Скопје

5,352 views
4

Пред неколку недели беше промовиран новиот двојазичен (македонско-англиски) туристички водич за градот Скопје во издание на Тримакс-картографија, а во соработка со градот Скопје. Според информациите на нивниот сајт претставено е “Скопје, од античко минато до сегашноста, со над 700 фотографии, илустрации и мапи што да посетите, каде да престојувате, каде да јадете… Водичот содржи план на градот со сите улици и поважни објекти, театри, музеи, болници, кина, индекс за полесно снаоѓање низ картите”.

Кога ќе го погледнете, убаво обликуван, со прекрасни фотографии и фин дизајн, ќе си помислите дека е ова надобриот водич за Скопје, кој до сега излегол. И секако дека не би имала забелешки доколу не ми паднеше во рака оваа книга, а секако порано или подоцна сите овие промотивни материјали стигнуваат до мене. Се прашувам зошто во медиумите не беа наведени вистинските тенденциозни лапуси, бидејќи округло добивате водич од античко време до денеска со прескокната праисторија и со голема фотографија на почетокот на две страници од споменикот на Александар Македонски поставен на плоштадот во Прилеп. Не заборавајте сепак дека се работи за водич за Скопје каде постојат цел дијапазон културно-историски споменици кои заслужуваат да се најдат на ударно место. Од „Тримакс“ објаснуваат дека се одлучиле да ја постават таа слика бидејќи сé уште нема споменик на Александар во главниот град.

Во описот за Скопското Кале потенцирана е единствената монета која датира од времето на Александар Македонски, наспроти неспомнатите илјадници предмети и стотици монети од времето на Византија, т.е. 11 и 12 век кога всушност Калето го доживува својот процут, а кои можат да се видат во поставката на Музеј на град Скопје. Во насловот на археолошкиот локалитет Тумба Маџари стои античкиот период, иако наоѓалиштето потекнува во целост од неолитот и не се утврдени подоцнежни населувања на и околу него. Посветена му е цела страна (поточно 3 реченици) на артефактот именуван како Адам од Македонија, пронајден на локалитетот Церје, крај Говрлево, при што се дава погрешна информација дека тоа е најстариот наод во Македонија, а не се додава дека постетителите и туристите не можат да го видат никаде бидејќи еве веќе 9 години откако е пронајден, не е воопшто изложен (освен еднашка во рамките на Белите ноќи). Во водичот се поместени неодамнешните склуптури поставени во центарот на градот како бикот, шмизлата и останатите дела, вклучувајќи го и Спомен домот на Мајка Тереза. Додека пак за Камениот мост упорно се потенцира оти е изграден во Отоманскиот период, без притоа да се спомене крунисувањето на Цар Стефан Душан, што опстојува во историските запси како веродостоен податок. Секако дека има уште, но нејсе, нека го откријат тоа самите читатели!

Според упатствата во информативните гласила, заинтересираните граѓани и туристи водичот може да го набават во сите туристички бироа, книжарници и туристички агенции, по цена од 450 денари.

4 COMMENTS

  1. Бев една година со некоја извикана агенција во Атина. Бидејќи сум бил, а и сопатничката ми беше класичарка, НЕ МОЖАМ ДА ОБЈАСНАМ ШТО НЕ СЕ ИЗНАСЛУШАВМЕ. Не беше ни за смеење. И после водичката Оливера Џекиќ ја видов уредничка на Туристички водич.
    Нејсе, и веднаш предлог, да се направи во македонската википедија портал за Скопје кој што ќе може да си го испечати човек и да го стави во џеб? Како замена за оваа небулоза?

  2. Не можам да зборувам во туѓо име но можам во свое. Имам огромна предност над другите туристички водичи со самото тоа што сум археолог (и плус историчар на уметност), но според законот за туризам мојата лиценца важи само за Македонија. Кога “водич” со група патува надвор од државава тој е само придружник, ги обавува техничките работи и не смее, ниту пак има обвска било што да раскажува на патниците. Тоа се правила кои важат за цел свет.

    Инаку благодарам за идејата со порталот за град Скопје на Македонската Википедија. Има веќе поставено многу информации, кои само треба само да се сублимираат на едно место. Ќе предложам една таква идеја до корисниците на оваа енциклопедија.

  3. […] Сакам да престанат да публикуваат државотворни туристички водичи за градот Скопје со насловни од спом…, да седнат и да сработат нешто конкретно! Сакам да знам […]

  4. […] Сакам да престанат да поддржуваат државотворни туристички водичи за градот Скопје со насловни од спом…, да седнат и да сработат нешто конкретно! Сакам да знам […]

Leave a Reply to Археоблог Cancel reply

Please enter your comment!
Please enter your name here