web analytics
За мене



Василка Димитровска
магистер по археологија
Скопје, Македонија
e-mail: info@arheo.com.mk

Текстовите на сајтот не се лекторирани

ЧПП
Прирачник за коментирање

Пребарувај по сајтот
My pages and blogs
Blog in english
Архео-креатива

Verba volant scripta manent

Video|Channels|Community
Категории
Архива

PostHeaderIcon Археологијата на твојата фамилија

Да замислиме една хипотетичка ситуација во која ти и твојата фамилија морате веднаш да го напуштите вашиот дом, поради одредени услови. Во кујната ќе останат садовите од твојата фамилија во кои се готвело и се јадело. Нивната функција со помош на анализата од трагите на употреба ќе ни каже кој бил вашиот последен оброк, а формата на садовите ќе се детерминира по пат на типолошка категоризација, но ќе послужи само за релативна хронологија но не и апсолутна датација, бидејќи садовите се користат подолг временски период од една година. Кантата за ѓубре ќе биде сведок што твоето семејство конзумирало во периодот пред да ја напуштите куќата. Во дневната ќе останат сите ваши предмети за секојдневна употреба, вклучувајќи ја и пластиката и можеби по некој остаток од дрвените конструкции ако ги имало. Во  плакарите ќе преживеат само металните делови/апликации од облеката и полиестерот во материјалите, оти тие се од органска материја и може да се зачуваат само во посебни услови на конзервација (како мраз, одредена ph средина и др.). Можеби ќе преживее и накитот, доколку не е направен од рециклирачки еко материјали. Спалната е простор кој веројатно ќе послужи за апсолутно датирање на моментот кога ти и твоето семејство сте морале да го напуштите домот. Еден од најтипичните артефакти кои како карактеристика го определуваат овој дел од домаќинството се кондомите. Тие имаат датум на прозводство, а постојано се менуваат по форма и функција. Во подрумот каде можеби сте делкале дрвени трупчиња за огрев, ќе опстанат предметите кои можат да останат непроменети долг временски период. Можеби сечилото од секирата, оти се друго што е органско ќе исчезне. При тоа со текот на времето, не заборавајте дека вашите предмети ќе бидат  фрагментирани или оштетени со антропо-геолошките услови кои следат.

За некое време ќе попушти габаритот на домот и кровот ќе се урне. Наноси од ветар ќе ги затрупаат сите остатоци од куќата и во иднина да претпоставиме дека на истото место ќе се насели друга фамилија. По одредено време (може месец, а може и години) и тие ќе го напуштат просторот во кој живеат, а природните услови ќе си го сторат своето запечатувајќи го местото со своите седиментни наслаги.

После нeколку векови ќе треба да се направи основа за некоја стокатна зграда. Таа ќе зафати дел од старите живеалишта и ќе ги претумба или измести. Доколку инвеститорот има грижа на совест (или страв од казни заради уништување на културното наследство) ќе ги викне археолозите. Она што тие ќе го пронајдат се остатоци/артефакти кои успеале да го преживеат забот на времето. Земајќи ги како основни записите најдени in situ, археолозите треба да го датираат временски период во кој ти и твојата фамилија сте живееле, и времето кога сте го напуштиле домот. Причините доколку не постои дисколорација (промена) во бојата на земјата (како на пр. од пожар) или траги кои укажуваат на принудно разрушување (земјотрес), засекогаш ќе останат мистерија. Откако ќе ги документираат на терен сите наоди во нивните позиции, археолозите треба да направат реконструкција како ти и твојата фамилија некогаш сте живееле, кои биле деловите од вашата куќа (нивната големина и структура), што сте јаделе, какви предмети сте употребувале, па дури и на кој начин сексот сте го практикувале. Кога ќе се соберат сите овие информации, дури тогаш може да се пристапи кон разоткривање на социјалните односи во фамилијата. Но тие не зависат само од археолозите, ами најмногу од предметите кои сте ги оставиле зад себе како сведок на едно време, оти не постојат други записи кои би можеле да бидат употребени.

Затоа драги мои читатели, внимавајте што правите по дома. Секој момент од животот во вашата фамилија, е всушност археологија :)

Дополнување: Tекстот “Археологијата на твојата фамилија” е публикуван во книгата Блогопедија 2009, како најдоброто од балканската блогосфера за таа година. За повеќе прочитајте тука.

12 Responses to “Археологијата на твојата фамилија”

  • oksimoron says:

    Ух, значи да пазиме шо праиме……
    Кујна – покрај полната судопера, ќе остане и некое тегло зимница кое ако е добро запечатено – ќе им добредојде на археолозите ;)
    Дневна – куп далечински управувачи ќе останат наоколу :)
    Спална – неаме гајле за кондомите (орална контрацепција не остава траги), туку…. шо праиме со секс играчките, латекс костимот и камшикот?! Се‘ тоа ќе го преживее „забот“(уф, каква асоцијација на гриз прави овој израз) на времето….
    Купатило – е, ова ќе биде веројатно најзачуваната просторија. Плочки, санитарии…. ништо не ги јаде нив освен бигорот, а ваљда археолозите у иднина ќе бидат опремени со Доместос, те Мистер Мускуло за оваквите истражувања, де :)

    „… Секој момент од животот во вашата фамилија, е всушност археологија…“
    Семејниот албум ќе го преименувам во археолошки албум ;)

Leave a Reply

За сајтот

Добредојдовте на мојот сајт. Доколку ви се допаѓаат текстовите и сакате да ме следите кликнете на RSS фидот. Текстовите на сајтот не се лекторирани. Сајтот е заштитен со Законот за авторски и сродни права на Република Македонија.

Почитувајте ја лиценцата на Криејтив Комонс пред да позајмите без прашање на интернет.

Василка Димитровска магистер по археологија

UNESCO Club HAEMUS
SCUPINI ROMANI
HAEMUS E-Shop



Моја книга за Руг Баир
Visits
View My Stats