Home Антропологија Ноќта кога Старата скопска чаршија дишеше

Ноќта кога Старата скопска чаршија дишеше

3,043 views
7

Секое утро во 2007 год. додека одев на моето работно место, на ископувањето на Скопското кале, поминуваав низ Старата скопска чаршија. Ако поради некоја одредена причина се затекнете наутро низ стариот дел од градот, тој ќе ве пречека искапен во првите сончеви зраци очекувајќи ги сите занатчии и трговци да ги отворат своите дуќани.  Во видео клипот погоре може да се погледнат намонтирани црно бели снимки од чаршијата. Впечаток ми остави инсертот каде еден трговец во раните утрински часови подигнувајќи ја решетката на својот дуќан се прекрстува, се помолува … за добар ден, за арно за убаво, за бериќатвасан. Денеска дуќаните во чаршијата немаат решетки туку аларм, но многу е веројатно дека утринскиот ритуал на сите е еднаков исто како и во минатото.

За старото градско јадро на Скопје е пишувано многу низ вековите, а со својата монументалност и гордост, секако дека ќе биде инспирација и во иднина. Но за само неколку години, како резултат на превирања од различен карактер, Старата скопска чаршија го загуби својот шарм. Некогаш место каде се шопингуваше и излегуваше до утринските часови, се престори во локација каде последните гости и шетачи можат да се видат до 18-19 часот, додека не почне да се стемнува.

Веќе неколку години трае проектот за нејзината ревитализација и кога човек ќе прошета по улиците и сокачињата, навистина може да увиди дека таа се има променето во едно сосема ново руво. Повеќето од објектите се реставрирани и имаат превземено функција која е повеќекратна, како што на пример Чифте Амам и Даут Пашин Амам се делови од комплекот на Националната галерија на Македонија, Безистенот! и Капан ан се полни со гостилници и кафулиња, додека во компексот на Сули Ан се се` уште сместени Факултетот за ликовни уметности и Музејот на Старата Скопска Чаршија.

На 28.06.2009 година во рамките на Скопското лето, се случи еден културен настан кој го врати духот во стариот дел од градот. Манифестацијата насловена како “Реоткривање на патеката на културата“, натера повеќе од осум илјади посетители во една саботна вечер повторно да го откријат шармот на чаршијата, чекорејќи по означена патека во должина од еден километар, вдолж која можеа да се видат концерти ( на Чалгија саунд систем, Љубојна, Фолтин и Суперхикс) изложби и театарски претстави во кои учествуваа над 200 уметници. Настанот започна на плоштадот „Македонија“ во 20:30 часот, од каде што присутните гости и граѓани во придружба на костимирани жонглери, акробати и артисти беа насочувани кон повеќе културни локации. Како точки на одредени случувања беа опфатени повеќе културно-историски споменици почнувајќи од Камениот Мост, преку Даут Пашиниот Амам, црквата Свети Спас, Чифте Амам, Безистенот, Сули Ан, па се до платото на Куршумли Ан.

Скоро сите посетители се сложуваа со мислите кои беа испишани врз траекторијата по која луѓето се движеа – “Под нашите нозе лежи богатство“, “Тука времето тече побавно”, “Скопје со широко отворени очи”, “Фенерли Ан – најпознатиот скопски бордел”, “Најдобрите вестерн филмови беа во кино Напредок”, “Осум метри долга и еден метар широка – ова е најмалата улица на светот”, “Осумдесет проценти од македонските брачни парови се венчаа со бурми од оваа улица”, “Mногу скопски шмизли искршија штикли по овие калдрми”.

Убаво и смирено, а сепак воолшебно, во само неколку часа чаршијата живееше, пулсираше и доби сосема нов сјај. Толпата од луѓе која доби гратис по една пијачка и ќебапчиња во некоја од гостилниците по свој избор, го врати макар и на една ноќ духот на времињата од пред повеќе од деценија и пол кога секоја вечер врвулица луѓе ја посетуваше Старата Скопска Чаршија. И честопати остануваше до раните утрински часови во некое од кафулињата.

Објектите од Старата чаршија се архитектура која му дава карактеристичен белег на градот Скопје и останува да живее под наслагите на приказните кое времето ги рони и ситни како и нивните фасади. Оваа архитектура треба да ни создаде специфично препознатлива слика за едно место, за едно време. Старата чаршија која на истата локација постои повеќе од илјада години е спој од цркви, џамии, саат кула, тврдината над неа, анови, амами, чешми и др. кои претставуваат симболи на една сакрална и профана, пред се отоманска архитектура со типична слика од средновековието. Катадневно поминуваме покрај десетици архитектонски објекти низ чаршијата не знаејќи за нивното потекло, а користејќи ги како репери и ориентири.

Секој град има свои белези, а Старата чаршија е веројатно најмаркантното обележје на градот Скопје. Зданијата кои некогаш биле дел од нечие минато, денеска се културно-историски споменици ставени под заштита на државата. Тие се нашата сегашност, од кои треба да понесеме поука во иднината. Исто како што објектите од нашата сегашност ќе бидат нечие туѓо минато. Ако не заради друго, треба да ги познаваме поради нашата традиција. Зошто во нив додека минуваме, по мал дел од нас вткајуваме. Во нашите прекрасни семантички ,,урбани” артефакти кои се неотуѓив дел од Старата скопска чаршија.

И за крај – сторете сите по нешто, макар и минимално. Да не биде само “старата” чаршија, нека биде Нашата Стара Чаршија!!!

——————————————————————————————————-

Освен во е-верзија овој текст во малку модификувана форма  адаптирана за пошироката публика, може да се прочита и во  јулскиот број на женското списание “Комплетна“.

7 COMMENTS

  1. […] Стариот дел од Скопје познат кај мештаните како Стара скопска чаршија и официјално доби своја веб страница на интернет како резултат на заложбите за нејзината ревитализација и афирмација. Минатата година се случи еден настан кој помести неколку илјади посетители во иста вечер толку многу да ја окупираат чаршијата, што буквално немаше место да се помине во и онака тесните улички и сокачиња. Се надевам дека и годинава настанот ќе се повтори за доброто на нашето културно наследство. А во прилог го постирам тектот кој самиот се наметна како инспирација од Ноќта кога Старата скопска чаршија дишеше. […]

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here