Home Археологија Критички осврт за македонската археологијата, едноставно мора да постои

Критички осврт за македонската археологијата, едноставно мора да постои

1,602 views
1

К-15 на времето имаа еден многу добар скеч. Тошо во униформа на полицаец при маалска обиколка гледа графит на една куќа: “Мислам значи постојам”. И веднаш потоа изчезнува.

Пред извесно време ми се исповеда Ирена Цветковиќ (Фемгерила) дека била запрашана од извесен “историчар” дали го гледала дуелот Георгиевски-Кузман кој одеше на А2 телевизија со Борјан Јовановски како домаќин. И какво е нејзиното мислење за етногенезата?

Му реков – проблемот е токму во твоето прашање. Немам јас што да мислам на тие теми. Можам да мислам во кафана за историјата и етногенезата, но не во медиуми. Како тргнала работава ќе дочекаме Лила Филиповска да ни стане експерт за етногенеза и македонската историја. На овие дисциплини место им е во академијата и научните кругови, а не во спектакуларни емисии.

Колку пати треба да се појавам во медиумите за да станам стручњак“, на пример за квантна физика? И како овие два навидум неповрзани настани имаат релација со проблемите на македонската археологија? Трикот е токму во тоа што “стручњаците” кои треба да застанат и да го бранат својот став пред пошироката публика, или таму не им е местото, или инстантно ги снемува. Во целата оваа веќе неколку годишна лакрдија со политизирање на македонската археологија, постојат две работи кои граѓаните на Република Македонија треба да ги сфатат:

1. Правото на самоопределување кое произлегува од Универзалната декларација за човекови права на ООН.

2. Државотворната археологија која се обидува преку инволвирање на минатото во политиката да реши спор кој всушност има модерни корени.

Колку што можам да си приспоменам, а интернетот има прилично добра меморија, единствен научник кој одговори со критика упатена до “стручњаците” во оваа емисија (критика до одреден став, не до личност), е д-р.Марија Станковска-Ѕамали. Ова е важно да се спомене бидејќи во целиот животен век од своето постоење, па се до денеска, македонската археологија воопшто нема развиено критичка мисла, нема јавна евалуација за стручноста на одредени археолози, а згора на тоа кога дел од нив даваат изјави во медиумите предизвикуваат неверојатни збрки и рекации. Ви препорачувам да го прочитате нејзиниот текст, чисто како дискурс кој е различен од оној кој постои во моментов. Бидејќи кај нас научната критика се уште се сфаќа  како личен напад и се третира на ниво на маалско оговарање.

Мора да се пишува и да се даваат мислења и критички осврти, бидејќи културното наследство од Република Македонија не ги засега само нејзините граѓани, туку целиот свет. Ако јавно не искажам ниту еден став тоа значи дека манипулирам со културните ресури на една држава и преќутно се сложувам и ги одобрувам пишувањата на мејнстим медиумите и лажните пласирања за оваа тематика од страна на некои телевизиски водители. Ако јавно не критикувам нечие научно мислење или не дај боже научен труд, подоцнежното негово цитирање може да доведе со сериoзни научни заблуди и последици.

Да не зборувам дека во отсуство на записи никогаш нема да остане забележано како некој настан во одреден временски период бил прецепиран од сите засегнати страни. А отсуството на дуализам во мислењата е најголемата замка за моноцентричната историја во која постојат документи само за имератори, битки, или освојувања. Во тоа е доблеста на новите медиуми и хронолошкото архивирање за текот на одредени работи. Какви што се моментите кога одредени артефактите од минатото се употребуваат да се оправда или негира нечиј идентитет, етногенеза или било каква друга флоскула.

Помина времето кога македонските археолози безбедно стоеја по страна во цел еден вакумиран свет без ставови, бидејќи тие не се повеќе маргинализирани, туку напротив денеска се инволвирани во обликувањето на јавното мислење на граѓаните. Поради професионалната природа на својата работа, археолозите се должни и имаат етичка обврска и одговорност да излезат во медиумите со јасен став во однос на некое ископување или случување, а не да се кријат во своите безбедни кутивчиња облепени со етикети од научни достигнувања кои не користат никому, а се на штета секому. Опасно е да се молчи. Денеска во ерата на информатиката молчењето не е злато, ами се превора во опасност која не демне.

* * *

Блогот го отворив поради неколку причини. Едната беше затоа што сакав да ги пласирам своите текстови за археологијата. На него може да му се придодаде нивото на перцепцијата за археологија кое одамна го надминав за разлика од тукашните археолози, па немав со кого да разговарам. И најсетне затоа што се залагам за демократско мислење и отворен пристап до знаењето на интернет.

Се залагам исто така за барем уште едно научно мислење во однос на било кој настан, ископување, книга, стручен став … наспроти сегашново молчење од божемните стручњаци, бидејќи за жал не постои повеќе од едно “наметнато” мислење за одредена тематика. Критички став мора да има, а македонската археологија во своето 60-годишно постоење не била навикната на таков третман. Епа некаде модриците од толку многу “повреди” ќе мора еднашка да излезат на површина.

1 COMMENT

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here