Home Археологија Како Славе може лесно да стане Славјанка – осврт кон скелетните остатоци...

Како Славе може лесно да стане Славјанка – осврт кон скелетните остатоци од локалитетот Грнчарица

1,762 views
1

Кон крајот на 2007 година започнаа истражувања на дваесет археолошки локалитети по должината на трасата на која беше предвидено да минува цевководот од ХС „Злетовица“ за Штип и Свети Николе. Уште веднаш локалитетот Грнчарица кај селото Крупиште се издвои по своите наоди кои според археолозите беа датирани во периодот на раниот неолит. Не сум доволно убедена во степенот на точност по кој пат е дојдено до овој заклучок, бидејќи до сега официјално не е регистиран (поточно публикуван) материјал од ран неолит на територијата на Република Македонија, а компарацијата со околните држави не е компатибилна поради различниот систем на периодизација.

По само неколку месеци на истиот локалитет беа пронајдени скелетни остатоци од “маж” кој уште веднаш го доби името Славе (eng. Slave) и беше детерминиран како “најстариот хуманоид кој живеел на просторите на југоисточна Европа“. Се прескокна фактот дека во Македонија веќе се пронајдени среднопалеолитски култури од Мустериенот за чии камени индустрии е потврдено дека ги правеле Нендерталците, а исто така беа пренебрегнати податоците кои велат дека на Балканот веќе постојат остатоци од хоминиди постари од “нашиот Славе”. Доволно е на google да пребарате за Козарника (Бугарија), Баланица (Ниш, Србија), Виндија, Крапина (Хрватска), Дивље бабе (Словенија), па дури и за Петроварадинската тврдина во Нови Сад каде исто така е откриена среднопалеолитска култура датирана околу 40 000 BP.

И покрај изјавите на некои македонски археолози кои личат на плот од некоја епизода на Монти Пајтон, ранонеолитскиот скелет не престана да ја бранува јавноста, должејќи се најмногу на медиумскиот притисок омеѓен под капата на сензационализмот. Заинтересираноста на јавноста беше продолжена со инсинуациите дека овој скелет ќе биде пратен на ДНК и C14 анализа во Англија. Што само по себе навистина е огромен напредок за македонската археологија, бидејќи до сега се пронајдени неколку скелети од неолитот во нашата земја, но ниту еден не е пратен на анализа и нивното датирање одело по пат на релативна хронологија со истодобниот пронајден материјал. Еуфорија во медиумите, на мое големо изненадување, беше зголемена кога се добија резултатите од лабораториите на Шкотскиот универзитет во Глазгов, кои скелетните остатоци ги датираа на 6.745 години BP. За праисторијата на Балканот ова и не е некоја голема старосна граница, но е значајно од аспект дека ова е првиот скелет од Македонија кому му е направена ваква анализа.

Еден од два написа за “лажната слава” на Славе од Грнчарица беа објавени во неделниот весник “Сега” (се уште недостапен на интернет), каде авторот Писарев со огромно непознавање и притоа неапдејтувани податоци за археолошките пронаоѓања со преголема доза на лично/пресубјективно емоционално резонирање приоѓа кон проблемот на скелетните остатоци за кои вели дека се обид да се создаде лажен мит кон својот идентитет. Хм..!

Последниот видување за овој тековен археолошки проблем го даде антропологот д-р Фаница Велјановска од Музејот на Македонија, во кој покрена неколку значајни проблеми. Отсуството на антрополог на теренот кога скелетот бил пронајден како и неземање на дополнителни анализи и проби околу него се огромен пропуст,  бидејќи тие податоци се исто така важни за реконструкција на древната човечка екологија видена низ призмата на археологијата. И најсетне – на овој страшно слабо сочуван скелет не само што не може да му се одреди неговата телесна височина, туку е многу тешко според параметрите кои ги користат антополозите да се одреди дали е тој машка или женска индивидуа. Па многу лесно може да се случи Славе да стане Славјанка, што секако ќе биде повод за уште поголема шпекулација.

Како по обичај на крајот од секој текст, авторот би требало да даде свое согледување, размисли па дури и критики за согледуваниот и образложениот топик. Останувам по страна за изјавите на некои мои колеги кои претставуваат основа за медиуска стапица во археологијата, но само едно ќе додадам – “Со вакви работи се нанесува огромна и непроценлива штета на науката, а македонската археологија ќе продолжи да биде несериозно третирана, како што тоа било и до сега.” Моќта на минатото е да придонесе во сегашноста да се игради во иднината еден музеј на толеранција, како светска цивилизациска придобивка која припаѓа на сите луѓе. Не постојат урнеци по кои треба да се движиме и во тој вкалапен систем археологијата е само орудие со сопствена методологија. Во неа се е важно, секој артефакт, секој екофакт. И аман веќе престанете со дебилизми и сензационализми во македонската археологија!

1 COMMENT

  1. […] Се уништуваат 33 Археолошки локалитети на 57 км – Државата молчи Држава која со закон си го уништува културното наследство Како Славе може лесно да стане Славјанка – осврт кон ск… […]

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here