Home Антропологија Што мајка бара еден етнолог во Македонија

Што мајка бара еден етнолог во Македонија

2,792 views
4

Не може да се бара идентитетот пред 2.500 години, а да не се истражува што се случувало пред 100-150 години. „Затоа назадуваме. Сеуште во земјава немаме ниту еден етно – парк, за еден во Берово постоеше и иницијатива пред 20 години, а археолошки ископувања има на секој чекор.

цитат

Отсекогаш ме чудело што еден од најдолгите периоди на територијата на Македонија е Отоманскиот период и наместо да имаме огромен број на стручњаци кои би работеле на  материјал достапен и видлив на секој чекор, ние како да се обидуваме да го прескокнеме овој дел од нашата историја. Имав голем проблем кога во 2007 година работев како дел од секторот за документација на археолошкото ископување Скопско кале, каде одредени ентитети сакаа да ги “отстранат” артефактите од 16-20 век, велејќи дека сето тоа е етнологија. Никако не ми беше јасен пристапот кон тие и те како вредни предмети, бидејќи она што за моите колеги е божемна етнологија, во светот се вреднува како антиквитет.

Сосема друг момент е кога во Словенија присуствував на предавање од др. Андреј Плетерски. Во сред презентацијата за некој словенски пагански обичај поздастана и рече дека тоа е проблем кој го му задавал маки со години, а го решил сосема случајно при едно доаѓање во Скопје (имено му беше ментор на др. Никос Чаусидис за докторатот), во првото село кај некоја стара бабичка. Беше воодушевен од обичаите кои кај нас се практикуваат со стотици години, додека во Словенија се сосема заборавени или изчезнати. Но исто така беше фрапиран од податокот дека за нив нема воопшто пишани документи.

Ако информациите за археологијата во Македонија во отсуство на научни трудови на толку копање се сведени само на штура информација или евентуално не дај боже некое шуби-дуби склепано интервју, тогаш податоците за етнологијата комплетно отсуствуваат. Тоа е една од поинтересните работи кај медиумите кога стихијно банираат одредени работи што од незнаење, што од непознавање, а најмногу заради политичко-историски мотиви во своите редакции. Ако кажам дека е тоа тактика која се спроведува на глобално ниво, би било преголем комплимент.

Прилично ми е јасна ситуацијата со етнологијата во Македонија. Имам дома еден невработен етнолог, со перспектива никогаш да не се вработи по струка. А и сум пишувала повеќепати на таа тематика, како на пример за подзаборавениот фонд на Бранислав Русиќ во МАНУ. Точно знам на кои гранки е сведена како наука во оваа држава според импресиите кои ги добив како учесник на последната (и за жал прва до сега) интернационална етнолошко-антрополошка конференција во Охрид, каде не се појави ниту еден медиум, а само во еден имаше кратко известување.

Затоа и не ме чуди реакцијата на етнолозите кои свој последен научен часопис го издале пред  повеќе од десеттина години (не дека пак археолозите се утепаа од пишување). Да не зборувам за фактот дека по квантитет и квалитет повеќе етнологија може да се сретне кај блоговите, отколку во научните трудови кои чекаат со години да добијат средства за да се објават. Сакав само да го чепнам прашањето за етнологијата како наука кој во моментов е ставена на маргините од проучувањето и финансирањето во оваа држава.

Од друга страна, археологијата е една од најдеструктивните науки. Еден археолог како ископува, така го уништува локалитетот. Според мене, во Македонија најдобро заштитен локалитет е неископан локалитет. Затоа може да се скратат пар милиони евриња за некое ископување и средствата да се преименат за истражувања во сферата на етнологијата. Убедена сум дека од тоа ќе имаме  дефинитивно повеќе “аир”. Инаку што мајка би барале етнолозите во една држава која и самата не знае да се препознае во наука од која би имала најголем бенефит.

4 COMMENTS

  1. […] Последниве две децении етнологијата некако остана на маргините од јавниот и научниот интерес, а етнолозите никако не можат да се изборат за својата позиција и да дојдат то толку потребните финсии за неколку проекти кои би помогнале да се осветли дел од македонскиот идентитет граден и негуван со стол…. […]

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here