Дома Антропологија Тековни проекти: По трагите на Via Egnatia

Тековни проекти: По трагите на Via Egnatia

16,866 views
6

Римјаните, толку глорифицирана нација, во наследство на народите кои дошле по нив, оставиле една култура на градење која во дотогашниот свет била непозната. Тоа била техниката на правење римските патишта.

Причините поради кои Римјаните ги граделе своите патишта биле во прв ред воените походи и одбраната на границите, а добрите патишта им овозможувале побрзо и поорганизирано да се движат. Патувале и поради политички мисии, пропаганда, дипломатија, трговија, но и научни и истражувачки мисии, како на својата така и на околните територии.

Патиштата биле поделени на  Виа Страте или меѓународни патишта од прв ред, и Виа Гларета или патишта од втор ред кои ги граделе по провинциите. Римјаните имале посебен начин на градење. На пример при градењето на Виа Страте прво се откопувал површинскиот слој додека не се дојдело до карпа, а отстрана се оставале длабоки ендеци. Првиот слој бил од вар и песок т.н. павиментум, а потоа доаѓал слој од кршени камења и глина – статумен. Врз него се нанесувал рудус или слој од шљунак, речен камен и вар за да ги пополни нерамнините на статуменот. Тој бил приближно траен па врз таква подлога се нанесувала сума круста или полигонални тенки плочи со големи димензии. Ова бил најгорниот слој, а поради оштетување и  кршење  на плочите тие често се менувале. Вака изграден, римскиот пат можел да достигне ширина од 10, а големина над 1 метар и не е чудо што некои од нив опстанале со векови. Вториот тип на патишта Виа Гларета, по долгото користење ги поправале, ги проширувале, одозгора набивале кршени камења па ги користеле подолго време. Тоа се денеска т.н. макадамски патишта.

Археолозите овие патишта не се секогаш во можност да ги лоцираат на терен, па затоа се потребни докази. Има два вида докази за нивното постоење. Едниот се остатоците од патиштата кои за жал се многу ретки, а другиот се миљоказните споменици или Опус Милиариус. Миљоказите биле направени од камен, со облик на цилиндар со заоблен врв. Се поставувале на крстосниците за да можат патниците полесно да се снајдат. Надворешната површина им била мазна, а на неа бил врежан натпис кој обично содржел две информации.  Прво имало текст за владетелот што го подигнал истиот со сите негови титули, а под него ознака на бројот на миљите до некој град.  Римјаните мерките за должина ги сметале на поинаков начин од денешниот. Една римска миља изнесувала денешни 1, 5 километри, а имале и 1 пасос, двочекор  = 1,5 метри. Еден таков патоказ е извонредниот наод кај с. Марвинци кој го покажува растојанието до античкиот град Идомене.

Извор на проучување на римските патишта претставуваат и картите. Една таква карта открил и на старо ја купил Конрад Појтингер, германски хуманист кој живеел на Виенскиот двор за кој нарачувал стари книги и карти. По неговото име таа и денеска е позната како Појтингерова карта. Но таа била повеќепати препишувана, т.е. точно три пати препишана од оригиналната Касториева која била изработена во 350 година, за да го достигне својот конечен облик како Појтингерова карта во 16 век. Тоа е мапа на која е прикажана патната мрежа на целото Римското царство. Направена е од неколку дела и тоа во коса проекција. Се претпоставува дека тој што ја препишувал седел над денешна Африка, па затоа Европа е целата развлечена во правец запад-исток.

Кон средината на II век пред н.е. Римјаните ја освоиле Македонија и ја уништиле нејзината политичка моќ, а потоа ја претвориле во провинција и ја поделиле на четири области. И покрај ваквата состојба, Хераклеја, која влегувала во четвртата област, доживеала извесен просперитет. Тоа се должи, пред сè, на изградбата на патот Виа Егнатиа, на кој Хераклеја била важна станица. За значењето на градот зборува и почесниот натпис од времето на Септимиј Север, во кој на Хераклеја и укажува посебна чест, имено, покрај нејзиното име да се приклучат и царските гентилни имиња.

Heraclea Lyncestis

Пред еден месец во Битола се одржа тридневна конференција посветена на Via Egnatia, една од римските магистрали која ги поврзувала јадранските колонии на исток, со градот Бизантиум на запад. Минувала низ тогашната Илирија, Македонија и Тракија, поточно преку денешните територии на државите Албанија, Македонија, Грција и Турција. Со поддршка од холандската амбасада започна да се остварува идејата за меѓународен проект со чија помош патот ќе се реконструира и ревитализира поттикнувајќи ги притоа луѓето да размислуваат за заедничкото културно наследство и истото да го споделат преку развојот на туризмот, економијата и културата.

Сите што сакаат да се приклучат во обновата и да понудат сопствени идеи, можат да се информираат на официјалната веб-страницата од Холандската фондација на која може да се прочита како до сега течел проектот, кој учествува во организацијата и кои се претставниците во секоја од земјите. Постои и посебен дел од сајтот на кој детално се прикажани итинерарите по денови, каде секој заинтересиран (поединец или претставник на некоја организација) може да се пријави да партиципира во некоја од етапите.

Би сакала информациите за овој проект кој не знам од која причина медиумски не се потенцира (посебно од стручњаците задолжени за негова реалзизација) малку поинтензивно да се дистрибуира преку интернетот и да стигне до сите заинтересиранои луѓе, независно дали се научници или љубители на старините. Мака ми е веќе од криење на информации за вакви настани, кога во 21 век постои можност нашите “самопрозвани стручњаци” комотно да ги прескокнеме и да работиме со оние кои таа титула навистина си ја заслужиле преку својата работа. На сите што ќе учествуваат во овој проект однапред им посакувам успех, учење и многу забава.


Сработени проекти:
По трагите на Via Egnatia во Националниот Парк Пелистер

Националниот Парк Пелистер и планината Баба се вистински палимпсест кога се однесува до пишаната и непишаната историја, бидејќи кога се патува низ овој регион не се патува само низ неговите убавини и мистиката, туку и низ времето доловувајќи ги сите моменти кои долго останале затскриени од љубопитните очи на истражувачите, научниците и авантуристите. Имено, низ Пелистер минувала врската помеѓу Западното и Источното Римско Царство, една од 28-те римски магистрали позната како Via Egnatia (Виа Игнација). Еден од начините да го откриете и доживеете Пелистер е преку планинарење каде притоа можете да ги посетите археолошките локалитети движејќи се по трасата на овој некогашен пат.

Во прилог следат сите населени места и археолошките локалитети кои се наоѓаат во нивна близина. Податоците се земени од Археолошката Карта на Македонија, Том 2, издание на МАНУ, Скопје, 1996. Информациите се застарени, не се апдејтувани најмалку 30-40 години и се прилично деконцентирани во однос на локациските објаснувања. Но за жал во отсуство на дигитална археолошка мапа на Македонија, тие се единствениот извор кој може да посведочи дека локалитетите вдолж Виа Игнација со сигурност ќе ве однесат во длабочините на минатото населено со различни цивилизации и култури.


Доленци

Кале, утврдена населба од доцноантичкото време. На околу 500 м јужно од селото, лево од патот за Кажани, на висок рид со зарамнето плато има остатоци од тврдина, правоаголна во основата, од која северната и јужната страна се зачувани во должина од 125 м, а источната и западната од 120 м. На срeдината на источната страна на тврдината има порта широка 3,30 м. По една мала кула имало на секој агол и по три кули на средината на секоја страна. Кулите се со полукружен облик, освен источната. Тврдината е градена од кршен камен и варов малтер. Во 1928 година Н. Вулиќ извршил мали сондажни ископувања при што констатирал дека ѕидовите се зачувани во височина до два метри. При последниот увид на теренот можеше да се констатира дека тврдината е доста оштетена со вадење на камен од страна на жителите.

Старо Село, средновековна црква и некропола. На околу 700 м северозападно од селото, на блага падина од десната страна на стариот пат за селото Гопеш се гледаат темели од црква. Според кажувањата на жителите, при обработувањето на земјата биле наоѓани гробови од камени плочи. Црквата е посветена на св. Ѓорѓија.

Суви Ливади, старохристијанска базилика. Во Цапарско поле, на околу 500 м источно од селото, при подготвувањето на теренот за овошни насади биле откриени остатоци од темели на старохристијанска базилика. Со заштитните ископувања во 1970-72 година е утврдено дека се работи за трикорабна базилика, со нартекс и по еден анекс на северната и на јужната страна. Во централниот кораб има мозаичен под со геометриски и зооморфни мотиви и грчки натпис.

Ѓавато

Кале, утврдена населба од доцноантичкото време. На околу 3-4 км западно од селото се среќаваат траги од одбранбен ѕид од кале кое најверојатно било дел од одбранбениот систем што го обезбедувал преминот и е во непосредна врска со тврдините кај селата Доленци, Лера и Стрежево.

Св. Богородица, некропола од доцноантичкото време. Се наоѓа на југоисточната периферија на селото. При изградбата на селскиот пат, источно од црквата се откриени гробови градени од тегули, на две води. Во тремот на црквата се вградени повеќе антички тули.

Старо Село, средновековна населба. На околу 3 км југозападно од селото се гледаат остатоци од стара селска населба.

Рамна

Вишна, средновековна црква и некропола. Во нивата на Коле Лозаноски, што се наоѓа на околу 300 м јужно од селото, се откриени темели од црква, а во непосредната близина и гробови.

Раменска Тумба, старохристијанска базилика. На 2 км југозападно од селото, во Цапарско Поле, при заштитните археолошки ископувања во 1966 година е откриена старохристијанска базилика. Базиликата е трикорабна, со нартекс и два анекса на јужната и еден на северната страна. Подот бил поплочен со тули.

Горно Српци

Грамадиште, населба од римското време. Во Цапарско поле, кое се наоѓа на 1 км јужно од селото, се откриени остатоци од светилиште посветено на Фортуна Серапис. Со сондажните истражувања во 1971 година се откриени бронзени статуети на Серапис, Фортуна, Изида Фортуна и Херакле и монети. Во дворот на Илија Андоновски, од овој локалитет се чуваат повеќе мермерни сполии, меѓу кои и една мермерна ара со грчки натпис, прилично оштетена. Можеби локалитетот Градиште е античкиот град Микеа ‡ станица на патот Виа Еигнатиа. Наодите се чуваат во селото Горно Српци и во Заводот и музеј во Битола.

Ротино

Арнаутски Пат, пат од римското време. При изградбата на овоштарникот на стопанството „Овоштар“ бил уништен поголем дел од антички пат, најверојатно дел од трасата на Виа Егнатиа.

Манастирска Црква ‡ Св. Илија, средновековна населба. На 200-300 м јужно од селото, според жителите, во месноста Мала Корија при обработувањето на земјата се забележани темели од стари објекти. Во поново време овде е изградена црква врз темели од стар објект.

Стара Црква, средновековна црква и некропола. Кај месноста Дабот, што се наоѓа на 2 км североисточно од селото и лево од стариот пат Битола-Охрид, се гледаат остатоци од црква. Во непосредната близина, во нивата на Трајан Котески биле откриени гробови градени од камени плочи.

Старо Село, населба од римското време. Се наоѓа на 700 м североисточно од селото, во месноста Старо Село, каде што при обработувањето на земјата биле откриени темели од ѕидови градени од камен и варов малтер и питоси. На површината се среќаваат фрагменти од керамички садови, имбрекси, питоси и градежен материјал.

Братин Дол

Магарешко Мовче, пат од римското време. На околу 600 м западно од селото се гледаат остатоци од стар пат ‡ калдрма, особено во нивата на Ѓорѓи Стерјоски. Всушност, тој е дел од античката траса на патот Виа Егнатиа, кој доаѓал од Ресен минувајќи под селото Ротино. Траги од патот се најдени и во месноста Црвеник, во нивата на Вангел Наумовски, која лежи во непосредната близина на Братин Дол.

Св. Спас, средновековна црква со некропола. Црквата Св. Спас, која се наоѓа во селото, е изградена во 1925-26 година, врз темели од постара црква, ѕидана со камен и варов малтер. Околу неа се најдени гробови поставени во правец исток-запад, ѕидани од ситен камен и покриени со монолитни камени плочи.

Стари Лозја, населба од римското време. На околу 500 м северно од селото, на двете страни од патот Битола‡Охрид, по површината на нивите се гледаат темели од ѕидови од камен и варов малтер, како и фрагменти од керамички садови и питоси. Најден е еден питос, целосно зачуван, кој е сместен во збирката на Музејот во Битола. Коста Ивановски, жител од ова село, нашол две синџирчиња на кои имало прикачени пари. Наодите не се зачувани.

Кажани

Студена Чешма – Јашарова Кула, населба од римското време. На околу 2 км западно од селото, на височинка карактеристична по белата земја, при обработувањето на нивите се откриени остатоци од населба (фрагменти од керамички садови, питоси и градежен материјал).

Цапари

Кале, утврдена населба од доцноантичкото време и средниот век. Се наоѓа на 2,5 км јужно од селото, на висок рид со надморска височина од 1.615 м. На зарамнетиот врв обраснат со шума се гледаат контури од бедем.

Патрица-Герани, некропола од римското време. Северозападно од фабриката во селото, при обработувањето на земјата жителите откриле повеќе гробови градени од тегули.

Шума, некропола од доцноантичкото време. При обработувањето на лозовите насади, оддалечени 1 км источно од селото, селаните откриле големи тегули, веројатно од гробни конструкции.

Трново

Кале, утврдена населба од железното и доцноантичкото време. На околу 1 км источно од селото, на падините на Пелистер, на тешко пристапна височинка со зарамнето плато кое опфаќа површина од 70 џ 80 м се гледаат траги од одбранбен бедем. Спорадично се среќаваат фрагменти од керамички садови од железното време, како и керамички садови, питоси и градежен материјал од доцноантичкото време.

Трновски Лозја, некропола од римското време. Западно од живинарската фарма „Јонче Георгиевски“, според кажувањето на жителите, биле откриени гробови градени од четвртести римски тули.

Во близината исто така може да се посетат:

Бистрица

Во селото, населба од римското време. Во непосредната близина на селото, во нивата на Илија Јанчевски се наоѓаат фрагменти од керамички садови, питоси и покривни ќерамиди кои со орањето биле исфрлени на површината. Исто така има и грамади од кршен камен.

Стара Црква, некропола од железното време. Се наоѓа во непосредната близина на селото, од северозападната страна, и на околу 700 м западно од патот за Битола, на блага падина што се спушта кон левиот брег на Бистричка Река. Со ерозијата на земјиштето се откриени гробови градени од камени плочи тип циста, а по површината се среќаваат фрагменти од керамички садови. Наодите се чуваат во Заводот и музеј во Битола.

Црква Свети Ѓорѓија, старохристијанска базилика. Во 1969 година во дворот на црквата, непосредно до нејзината северна страна, случајно е откриен дел од поден мозаик, работен со камчиња во три бои. Се работи за мозаичен под од старохристијанска базилика.

Барешани

Отажна Маала, населба од римското време и доцната антика.

Селиште, населба и некропола од хеленистичкото време, римското време и средниот век. На 1 км западно од селото, на падините на планината Баба се среќаваат остатоци од населба (фрагменти од керамички садови и градежен материјал), а по површината има и камени плочи од гробни конструкции. Видливи се темели од средновековна црква која, според кажувањето на жителите, била посветена на св. Варвара. Најдени се и бронзени монети.

Слатина, населба од римското време. На околу 2,5 км источно од селото, според кажувањето на жителите, при обработувањето на земјата се пронајдени фрагменти од керамички садови и покривни ќерамиди. Денес на површината се среќава множество градежен материјал.

Тумба, населба од бронзеното време. Во центарот на селото се издига мала височинка со правилна кружна основа. Тоа е селска утрина, со незначителни оштетувања на одделни места од кои потекнуваат фрагменти од керамички садови од почетните фази на бронзеното време.

6 КОМЕНТАРИ

  1. Patishtata se gradeni za osvojuvanje…tochka.
    Via Egnacija e gradena za da se donesat vojskite do Makedonija…tochka.
    Rezultat e dekadencija na Rim i krajnost vo sozdavanje na noviot Rim Tochka.
    Pilarite velat lihnidos e 6km od Achrida Tochka
    aj cao…

  2. […] Проектот Via Egnatia го следев, но за жал не се вклучив директно на терен поради кревкоста на здравјето. Информацијата ја проследив до една од националните телевизии кои направија прилог. Од веб сајтовите кои беа пуштени во оптек на интернет ги споменав страниците за археолошкиот локалитет Таор и Македонскиот Археолошки Весник. Кампањата за промоција на туризмот со малку вулгарно вметнување и надмоќност на археолошки елементи во спотовите, ја коментирав во повеќе наврати (1,2,3,4). […]

  3. Здраво,
    Во име на на мојот банд, Egnatia , сакаме да се вклучиме во проектот, со некоја моја груба замисла, може да организираме свирка во секој град низ кој проаќа патот Via Egnatia . Ние свириме Art Music , со што мислам дека нашата музика ќе одговара на сечие уво. Исто така може да не слушнете на сајтот што го оставив, па со тоа би можеле да продолжиме со комуникациа.
    Бладодариме

Leave a Reply to Via Militaris: Откритијата во Коридор 10 ја тресат српската археологија » Археолошки дневник vol.2.1/2 ©

Please enter your comment!
Внеси го тука твоето име