Дома Археологија Немаме потреба да лажеме- вистината ни е сосема доволна

Немаме потреба да лажеме- вистината ни е сосема доволна

3,916 views
3

 

Сублимација на се што сум кажала до сега за македонската археологија и веќе безброј пати сум го напишала на блогот.

Интервју со проф. д-р. Никос Чаусидис

Ако во минатото со државен декрет античкиот аспект се ставал под тепих, како што велите, дали сега повторно со некаков државен декрет, се оди во друга крајност?

Јас немам експлицитни докази во однос на ова, но одредени озборувања и написи во печатот како и конкретни постапки на сегашната влада можат одат во прилог на една ваква претпоставка. На пример, кога летово во Охрид се одржа 14. Светски Конгрес на славистите, наводно, никој од владата не дошол јавно да поздрави 700 доктори на науки, слависти од целиот свет. Но, од друга страна, во истиот тој Охрид се возобновува древниот универзитет на Св. Климент Охридски, еден од словенските просветители, заслужен за описменувањето на сите словенски народи. Овие контрадикторни постапки упатуваат на некаква недоволно синхронизирана програма или, поверојатно – на некаква програма која нема храброст да се промовира сосем отворено поради стравот од осуда на внатрешното јавно мислење и од надворешниот фактор. Како и да е, сосем сум убеден, дека би била огромна грешка ако во сферите на една глобална државна политика се фаворизира едниот – како што вие велите античко–македонски идентитет, а на сметка на него се сечат корените на другиот – словенскиот.

Колку ова копање по античките корени ни помага во докажувањето на некакви вистини во светот, и колку ни помага во однос на нашите амбиции да станеме дел од една Европа која денес е во многу поинаков филм?

На ова прашање не можам да ви одговорам како политичар, туку само како научник и професор. Односно, јас на целава работа не можам да гледам од аспект на „интересот на нашата земја“, туку од аспект на „степенот на вистинитоста на една постапка“. Што би се случувало со науката кога научниците би тактизирале, односно би работеле сходно своите интереси или интересите на својата заедница, а не според интересите на научната вистина. Некои луѓе во Македонија сметаат дека треба да ги „допумпуваме“ историските факти т.е. да подлажуваме, како што тоа го правеле и го прават научните школи на нашите соседи. Мислам дека поради неколку причини не би смееле и не би требале да го правиме тоа. Прво, тоа не е чесно, а второ, во денешното информатичко општество на лагата нозете и се уште пократки од порано. И на крајот – не треба да лажеме затоа што вистината ни е сосем доволна, односно таа, онаква каква што е – ни оди во прилог. Ние имаме погрешна претстава оти ќе го зајакнеме својот идентитет (пред се античко-македонскиот) пред светската јавност преку археолошки ископувања. Последниве неколку години во Македонија трае една навистина огромна кампања, од археолошки ископувања финансирани со значителни финансиски средства на државата. На крај памет не ми паѓа да го критикувам обемот на овие зафати. Обратно, целиот мој работен век сум мечтаел кампањи од ваков обем, кои, мора да знаеме, другите европски земји, вклучително и оние во нашето непосредно соседство, го имаат достигнато пред многу децении. Не е добро што во нив е силно вклучена политиката и што тука полесно може да се препознае краткорочен политички интерес, отколку подлабока стратегија базирана на интересите на науката и културата. Без разлика на ова, добро е што ние сепак го покачивме квантитетот на овие активности. Се надевам дека и во наредните години, археолозите и јавноста нема така лесно да дозволат спуштање на овој обем на активности, дури и ако дојде на власт некоја друга партија која нема да биде баш толку заинтересирана за „древните традиции“.

Велите дека самите ископувања не се вистинскиот начин за наше промовирање. Кој според вас е вистинскиот начин?

Ни недостасува вториот и третиот чин од археолошката дејност, а тоа е научно истражување и презентацијата на археолошките откритија пред јавноста. Нашиот човек мисли дека ако риеш во земја и најдеш некој наод, и им го покажеш на нашите „непријателски настроени соседи“ или на „ладните Европејци“, тие ќе паднат во несвест и ќе речат „е сега ве признаваме“. Тој не знае дека археолошкиот наод, макар колку и да бил убав и вреден е само „суровина“, „мртов предмет“ од едно заборавено време кој самиот не може да говори, да покажува, ниту да докажува некакви вистини. За да го претвориш во научна вредност и во аргумент за некакво убедување, треба да го истражуваш. Откако по долгогодишно истражување ќе сфатиш што тој предмет значел некогаш и што значи денес, ќе треба да го претставиш пред јавноста – преку научни реферати или книги. Нив ќе треба да ги напишеш и преведеш на светските јазици и да ги испратиш низ големите институти во светот. И така, по 20-30 годишна интензивна активност светската научна јавност ќе почне да дискутира, а можеби и прифаќа новата вистина што ти се обидуваш да ја пласираш.

Се гледаат ли некакви назнаки за планирање или спроведување на овој втор и трет чин, кај сегашнава владејачка гарнитура?

Никакви. Ни кај оваа, ниту кај било која од претходните. Со децении, во Институтот за историја на уметноста и археологија во Скопје не се одржала научна конференција со меѓународно значење. Во Македонија не постои програма за систематско снабдување со стручна литература и издавање научни археолошки монографии на странски јазик. Нема програма за странски стипендии за археолози. Се даваат пари само за копање, но не и за научни археолошки проекти, кои ќе овозможат проучување и презентација на откопаното. Немаме археолошка литература наменета за обичниот човек, младите, за децата кои се жедни да прочитаат нешто на разбирлив, популарен јазик. Оваа празнина мошне успешно ја пополнуваат разни археолози и историчари – дилетанти на кои, очевидно со јавна или премолчена поддршка на владините установи им се дава огромен простор во јавните медиуми. Овие, најчесто од научен аспект, сосем неписмени луѓе, преку јавните државни медиуми пласираат теории кои се резил и срам за македонската наука, па дури и за општото културно ниво на нашата земја. Тие се проткаени со лаги, апсолутно нелогични и неаргументирани претпоставки преполни со национализам ист како на оние наши соседи кои постојано ги критикуваме.

Интервјуто е превземено од Глобус

3 КОМЕНТАРИ

Leave a Reply to Духови, гробови и останати салтанаати » Археолошки дневник vol.2.1/2 ©

Please enter your comment!
Внеси го тука твоето име