Home Археологија И во 2009 – Остваруваме археологија, ама по дома

И во 2009 – Остваруваме археологија, ама по дома

915 views
0

 

Моменталната гарнитура на Владата на РМ ќе биде запаметена по многу работи, но најмногу по тоа што успеа во невидени размери да го разбранува нашиот идентитет. Посебно оној од типот – од антика до романтика, мит кој ја подели научната јавност на два табора. Па стана очигледно дека немаме потреба да го збунуваме непријателот со нашиот идентитет, бидејќи сме доволно збунети самите од себе си.

Покрај самобендисаноста која рака на срце ја имаат на искап, оваа гарнитура на Владата на РМ има премиер кој навистина многу ја “љуби “археологијата. Не пропушта во ниту еден момент независно од природата на настанот, тоа да го потенцира. Но исто така Р. Македонија има премиер кој дал повеќе изјави за археологијата отколку некои археолози. Дапаче, познавам колеги кои за овие 2 години ископувале локалитети, а не дале воопшто било каква изјава во медиумите. Оти можеби и не биле ни прашани.

Дефинитивно “најсуптилни” се оние изјави кои и покрај тоа што секој љубител на старините ќе го заинтересираат за оваа наука, сепак од жижата на оската за поимот археологија се одалечуваат со девета ворп брзина на светлоста. Еве чисто како пример некои од нив:

На овој рид покрај Вардар, континуитетот на живеење археолозите го мерат со бројка од 6.000 години. Ова богатство од културни слоеви ќе ни овозможи да го подигнеме културно историското и цивилизациско ниво на македонската државност. (за државотворноста на Вардарски Рид)

„Ова е втор крупен проект на Владата, по почетокот на изградбата на Скопскиот театар…Овие приоритети Владата ги одреди уште пред изборите и изборното ветување ќе го завршиме“. (за потврдата на Скопско кале како политичко ископување)

Со резултатите од овие зафати ги отсликуваме составните делови на ентитетот на македонскиот народ и другите етнички заедници во Република Македонија (за тековната изложба на 13 локалитети во ММ од кои некои припаѓаат на периоди кога не биле формирани одредени етнички заедници во РМ)

Во мај или јуни тука ќе започне изградбата на музејот на вода кој ќе се наоѓа на местото на некогашната наколна населба. Музејот ќе биде и обележје на Република Македонија, а ќе зборува и за историските факти на нашата земја. (за Музејот на вода кој е реконструкција на праисторијата)

Главните резултати ги очекуваме по неколку месеци, ова е само почеток. Се работи за значаен локалитет кој во минатото е многу малку истражен и со исклучително малку извадоци. Сега очекуваме позначајни и поатрактивни резултати и моменти од нашата историја. (за резултатите од “Римскиот “Скупи кои освен во науката, се неприменливи во сегашната историја)

Премиерот Никола Груевски денеска при посетата на античкиот локалитет Стоби рече дека со финансиските средства што ги обезбеди Владата за истражувањата на неколку археолошки локалитети, во Македонија нема невработен археолог. (време сегашно – 400 невработени археолози; време идно – веројатно 500)

Откако вети дека ќе запосли 400 невработени археолози, од кои некои во се уште непостоечкиот Музеј во Стоби, но не го исполни очекуваното, оваа актуелнат гарнитура на Влада на РМ сепак направи барем едно добро дело. Освен фаќање на сеир, со своите изјави “им најде работа на сите археолози” со тоа што им обезбеди материјал за пишување на научни текстови од областа на археологијата, политиката и идентитетот, до крајот на животот. :))

Ако и оваа година не биде ништо од одамна ветените запослувања барем за едно 200-300 невработени археолози во наводниот музеј кој допрва ќе почне да се гради во март, тогаш не ќе биде лошо Владата на РМ да изработи еден видо клип со слоганот Да, Ти си Македонија – Да, Ти си археологија, кој секој невработен археолог ќе си го пушта на рипит . Не за друго, за да добие поголема мотивација оти и годинава ќе мора да “остварува” археологија – ама по дома.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here