Home Археологија Промашени туристички проекти – Скопје – град на седумте порти

Промашени туристички проекти – Скопје – град на седумте порти

2,876 views
2

Дали некој од вас ги видел на што личат брошурите и каталозите од Министерството за економија (сектор туризам) кој ги нема никаде да се купат, а по правило би требало во одредени случаи да се делат и бесплатно? Со граматички грешки, без лектура на јазикот на кој е објавен текстот, без унифицирани податоци, секоја од овие брошури претставува одреден град или ја претставува Македонија онака како што тоа го гледа нејзиниот автор.

Ако сепак ви се случи да налетате на некој од многуте Туристичкиот водичи за Македонија, ќе прочитате невистинитости, печатни и граматички грешки, сосема нерелевантни податоци за градовите и спомениците кои уз тоа се и немеродавни. А нив треба да го земе во рака секој странски турист кој ќе дојде во Македонија.

Да биде трагиката поголема не постои ниту комисија чија работа би била да ги “испегла” сите тие пропагандни материјали пред се проверувајќи ја веродостојноста на нивната содржина. Па во нив ќе сретнете неолитски наоди од Кале кои не постојат, Охрид како најстар град на светот, Саат кули чија датација лебди помеѓу 16, 17 и 19 век  и т.н. Мака ми е да набројувам за глупостите во пропагандните туристички материјали кои повеќето се напишани од анонимци кои доспеале по рандом случај да бидат дел од некој проект. Критичкиот осврт во ваквите материјали мора да постои, а во случајот со туристичката презентација на една земја дури е нужен и потребен.

Кога веќе влегов во отворена дебата тука на блогот повеќе пати во однос на инкаминг туризмот, ќе ве прашам дали сте слушнале за еден исто така загубен проект на Локалната самоуправа (Сектор туризам) преку кој се испраа бајаги пари. Тоа беше т.н. кампања “Скопје град на седум порти“, кои не знам само од каде ги најдоа. Пишував своевремено за тоа на блогот, но не наидов на некоја реакција. Можеби оти целата работа со таа кампања беше шуби-дуби, а и не отиде овака јавно како проектот Macedonia Timeless.

Во рамките на оваа кампања беа изработени два постера, туристичката карта и две публикации со историјатот и значајните споменици, како и атрактивните места во градот. Што да кажам, се прекршиле од работа. Требаше да се подигне и ВЕБ-страницата и да се изработи мултимедијално ЦД. Дури беа изработени и тури кои требаа да бидат компатибилни на постоечкиот проект само што тие никогаш не профункционираа.  Нема ни потреба да се образложува зошто. За жал има уште многу вакви загинати и неуспешни проекти кои се погубни за туризмот и сите негови пропратни гранки во Македонија.

Автор на книгите од овој проект e господинот Ферид Мухич кого јас како филозоф горе-доле го почитувам. Но да го оставиме настрана мојот став за него. На илјадници добри историчари на уметност и археолози во државава, од кои на некои навистина им држат текстовите, секторот за туризам го најде токму Ферид Мухич да ги пишува “филозофските” текстови во брошурите за туризмот на Скопје?!! Баш симпатично. Но ако се знае фактот дека во тоа време неговата ќерка беше гласноговорник на се уште актуелниот градоначалник на Скопје, се станува појасно.

Разликата помеѓу сите тие проекти и овој последниот е што во случајот со Macedonia timeless се мораше да биде транспарентно и сакајќи или не подвргнато на јавното мислење дали е делото/производот критички издржан. Тука не се работи за субјективен приод кон некое уметничко дело, туку за производ со одредена цел, кој притоа треба да има и уметнички карактеристики оти самиот пазар го изискува тоа.

Но јас би сакала да се навратам на мојата иницијална идеја околу менувањето на слоганот и логото. Во овој случај ако Владата на РМ се реши да го смени досеганиот слоган и лого, испаѓа дека туризмот се побива сам себе во обид да се ибрише се што претходно се сработило во рамките на огромната кампања/проект “Macedonia – Cradle of culture, Land of nature” која трае од 2000 година.

Значи не станува збор за спотот на Милчо, за артовската експресија во него, за парите кои се дадени за клипот, ниту пак за сите оние пари кои ќе се дадат за следните спотови и за промоцијата на CNN. Туку за веќе востановен бренд кој си завземал свое место и тек, тука и во странство и одеднаш на некој му текнало да го избрише, оти нели не е уникатен, единствен, не ја прикажува Македонија безвременски, како некоја бајка со прикаски, легенди и митови. Ниту една грешка од минатото не не научи дека туризмот се темели на културата, а таа на археологијата, историјата на уметноста, архитектурата и сите други компатибилни науки.

Ако со секоја влада го менуваме концептот, ќе постојат многу Македонии. Кои и онака веќе ги има сосема доволно. Доста е веќе од стострани прикажувања на Македонија. На крај нема да можам да си ја препознаам сопствената земја и од целиот филтер на маски да ги видам вистинските природни и културни вредности кои таа ги поседува. Ако јас така се чувствувам, можам да замислам како би реагирал еден странец за кој Македонија треба да е една од илјадниците туристички дестинации во светот. Како ќе го заинтересираме да дојде и да ја посети нашата земја ако самите создаваме и имаме различна претстава за неа. Секоја втора година.

Наместо толку пари фрлени по бесмислени проекти, работилници и семинари, книжулчиња преку кои се испрале пари и лигави налицкани брошурки кои не кажуваат ништо, треба да се размисли зошто туристичките изданијата што се печатат, исклучиво се само на англиски јазик и наменети за странците. А домашните граѓани? Па ништо, тие и понатаму ќе си останат ,,просто” проширени во однос на фактот што не постојат флаери, информатори или популарни книги во  кои би можеле на свој јазик да прочитаат за културно историските споменици во својот сопствен град или пак за Македонија.

2 COMMENTS

  1. […] (случајот со Бразда) САРКОФАЗИТЕ ОД КАРПОШ 3 Промашени туристички проекти – Скопје – град на седумте… Големите Мајки Богинки – култ или… Турбето во […]

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here