31st January 2009

Повторно никнуваат Stonehenge-ови по светот

Една многу интересна дискусија се разврза на блогот на Шуле (кој патем е астроном) – Дали е или не е археолошкиот локалитет Кокино праисториска обсерваторија? Не можам да спорам за резултатите од астрономските проучувања, оти не сум астроном. Она што и е познато на научната јавност е дека овие истражувања не се мултидисциплинарни, не се одвиваат контунирано и се публикуваат парцијално.

Но од археолошка гледна точка треба да се има на ум дека не може за една држава (па била таа и Македонија) веста дека Кокино е праисториска обсерваторија во било кој момент, да биде поприоритетна од тоа дека Кокино е археолошки локалитет. Како што можам да забележам во случајов со постот, фактите во однос на обсерваторијата се доста оспорени. Но нека. Критичко размислување е нужно и мора да постои за да се движи науката нанапред. И Стоунхенџ е спорен, па никој не му ја порекнува популарноста и како локалитет и како туристичка атракција.

Додека се докажува дали е или не е Кокино мегалитска праисториска обсерваторија, треба да се направи долготраен план како овој локалитет да се заштити од временските и од материјалните уништувачи. Бидејќи Кокино е археолошки локалитет за кој знаеме дека нема да се повтори во историјата на човештвото, оти факт е дека секој локалитет било каде во светот сам по себе е уникатен и оригинален. Посебно оние кои се од витално значење за светската археологија и култура

Кога сме веќе кај астрономската уникатност во спрега со археологијата, откако UN 2009 ја прогласи за година на астрономијата, таа се уште не започна, а веќе  пристигнаа информации дека се открија неколку хенџа во различни делови од светот.

Канадскиот СтоунхенџScientist says Alberta sun temple has 5,000-year-old calendar
Американскиот Стоунхенџ - Stonehenge Beneath the Waters of Lake Michigan
Африканскиот СтоунхенџDiscovering the Oldest Man-made Structures on Earth

Податокот за американскиот Стоунхенџ доаѓа од блог, без било какви други валидни цитати потврдени од медиумите, што го прави малку несигурен извор за информација. Африканскиот Стоунхенџ пак е веќе разработен и објавен во книгата: Adam’s Calendar од авторите Johan Heine & Michael Tellinger кои тврдат дека оваа структура стара повеќе од 75 000 години е најстариот човечки архитектонски објект кој истовремено е и календар. Според дефиницијата Хенџ e:

Kружна или овална конструкција од култен карактер, со преку 20 м во дијаметар и ров околу него. Пристапот им е ограничен само од неколку страни, но најчесто од онаа која гледа кон Сонцето кога излегува на денот на летната долгодневица (1) или зимската краткодневица. Можат да бидат составени од компоненти кои вклучуваат – камени седишта, камени кругови, менхири, трилити, долмени, кромлиња, некрополи итн.

Кога ќе се помисли на хенџ (како што е Стоунехенџ – најславниот егземплар од овој тип), асоцијацијата која ни доаѓа се остатоци од камења или камени блокови поставени во кружна форма за чиишто карактер можеме само да претпоставуваме дека бил култен, со оглед на тоа што тие припаѓаат на оној дел од културниот развиток на човекот за кој нема пишани докази. Како што може да се забележи, кружната отворена форма е основа една структура да биде прогласена за хенџ, и со оглед на нивното простирање во одреден дел од Медитеранот, Бретања и Британија (не дека ги нема и на други места), треба претпазливо да се одбираат зборовите од страна на медиумите кој објект или локалитет (со посебно внимание на временскиот период), ќе го добие епитетот – личи на Стоунхенџ.

Исто така многу важна ставка една структура да се прогласи за хенџ (макар не била и мегалитска) е нејзината поврзаност со календарот и астрономијата. Се додека не се најдат цврсти докази се останува во полето на имагинацијата и шпекулацијата. Археоастрономијата ја интересираат сите појави кои се поврзани со набљудувањето на небото, вклучително и тоа на кој начин луѓето од минатото ги разбирале феномените на небото, како ги употребувале и пред се какво значење играле тие во нивните култури.

За оние кои се интересираат за археоастрономија, го препорачувам специјалниот број на словенечкото списание Архео (во PDF формат) посветен токму на оваа мултидисциплинарна научна гранка, кој може да се симне од тука.

Препорачани текстови:

Никнуваат Stonehenge-и по светот
Како го изградив мојот прв Stonehenge
Менхири, трилити, кромлиња, долмени, хенџови…
Време на хенџови

Bookmark and Share

posted in Археологија, Архитектура, Бронзено време, Палеолит | 1 Comment

30th January 2009

Доцноримското термално лекувалиште – с. Банско

 

Римјаните биле одлични градители. Преку нивните градежни активности оставиле видливи траги на територијата на Република Македонија. Еден од нарепрезентативните докази за ова е објектот наречен Бања Банско, Турско купатило или познатото Доцноримското термално лекувалиште, кое се наоѓа кај с. Банско, 12 км југоисточно од Струмица, под падините на планината Беласица.

 

Објектот ги користел термално-минералните води на изворот “Парило“, кој се наоѓа педесеттина метри југозападно од бањата. Капацитетот на изворот е 42 л/с, доволно за снабдување и квалитетно опслужување на бањата. Римјаните уште одамна ја забележале лековитоста на водата во Банско која е со температураод 72 Ц, а овој благодет бил користен и во подоцнежните векови. Денеска на ова место постојат повеќе угостителски објекти, кои ги користат лековитите својства на водата.

Локалитетот е откриен во  1978 година при копањето на темелите за хотелот „Цар Самоил“. Со систематските археолошки ископувања во периодот од 1984 до 1995 година, откриени се десет простории. Денеска бањата има 11 простории со вкупна корисна површина од 623 м2. Зачуваноста е најизразена во просторијата која служела како сауна каде постои еден крстовиден и еден полукружен свод. Во просторијата која служела како фригидариум постои базен кој бил полнет со ладна вода, а куполата над кадата е се уште зачувана. Кај останатите простории зачувани се почетните партии од сводните конструкции. Исто така во сите откриени простории целосно се зачувани подовите градени од тула и малтер.

 

Останал и комплетниот систем на подното и ѕидното затоплување со сите негови елементи. Во двата големи базени зачувани се подовите и ѕидовите, а од посебна важност е тоа што доводните и одводните канали се уште функционираат. На објектот се констатирани три градежни фази и неколку помали интервенции во секоја фаза одделно. Судејќи според начинот на ѕидањето и археолошкиот материјал, бањата е подигната во III и IV век.

Пред неколку години започнаа сериозни конзерваторски зафати да се спаси бањата. Во текот на истражувањата беа пронајдени и подни мозаици што само го потврди луксузот на оваа римската терма.

 

Коментар:

Наместо да се копаат новопронајдени локалитети и со тоа да се отвораат нови рани во македонската археологија, чинам дека е потребна малку поголема заштита и медиумска презентација за ваквите локалитети како Бања Банско да го добијат заслуженото место кое несомнено им припаѓа. Најмногу затоа што локалитетот „Римска терма“ во Бања Банско е еден од ретките сочувани римски споменици од ваков вид во Европа.

Препорачана литература:

Славица Тасева, Ване П. Секулов, Термата – доцноримското термално лекувалиште, с. Банско
Slavica Taseva, Vane P. Sekulov, Late roman thermal spa, Vill. Bansko, Strumica

За дел од фотографиите и благодарам на Софија Грандаковска

Клучни зборови: archaeology, site, late roman, thermal, spa, Bansko, Macedonia, археологија, локалитет, терма, доцен рим, лекувалиште, Банско, Македонија

Bookmark and Share

posted in Археологија, Архитектура, Туризам | 0 Comments

29th January 2009

Археолошка интернет праисторија – 1981

 

News via your computer!

Bookmark and Share

posted in Археологија, Интернет | 0 Comments

26th January 2009

ONN/OFF мислења

Со извртени реченици на дискутантите извадени од контекст и непотполно цитирање, весникот Време се обиде сосема несериозно да даде осврт на дебатата која во рамките на ONN/OFFLINE Фестивалот се одржа во Точка во четвртокот.

Темата која е доста ранлива и повлече многу прашања во однос на Порталите за Култура во Македонија, пред се беше фокусирана на нивната мала посетеност. Eдно од најважните прашањата според мене “Како мислат порталите за култура да ги заинтересираат корисниците да ги посетуваат, ако не ги вклучат, поточно инкорпорираат во интерактивни дебати на својот сајт (како што тоа го прават најдобите весници во светот)”, воопшто не се обработи до крај. И покрај тоа што во дебатата учествувавме повеќе блогери со свое мислење, заклучокот на крајот се наметна самиот:

1. Во Р. Македонија постојат неколку портали на кои се дистибуираат информации од културата.

2. Единствениот од нив кој оди двојазично (на македонски и на англиски) culture.in.mk не произведува, туку пренесува/преведува вести.

3. Потребно е поголемо интерактивно вклучување на луѓето кои создаваат културни вредности во вид на сопствени мислења, анализи, критички ставови, па дури и само фотогалерии. Под оваа ставка пред фестивалот беа отворени 2 пропратни блога (1, 2) за кои не сум сигурна дека се решение на проблемот, но за почеток се добра основа за надградување.

4. Слабата запознаеност и недоволната информираност на уметниците и на сите оние профили од стручњаци кои работат во културата, со предностите кои ги нуди интернетот. Вклучително со достапните алатки кои на многу брз начин ја произведуваат, но и ја шират информацијата. За ова секако најзаслужна беше презентацијата на Дебора на почетокот од дебатата.

Под бесплатни алатки на интернет се позразбираат сите платформи со отворен код (пр. wordpress или joomla) на кои може да се изгради веб сајт или блог, платформи за микроблогирање (twitter), социјалните мрежи (ning, facebook, myspace и др), складишта на фотографии, видеа и презентации (youtube, flickr, photobucket, slideshare) итн. Можностите кои се отвораат на корисниците со сајтовите од генерацијата Web 2.0, лиценците на Криејтив Комонс и бесплатните алатки, овозможуваат да се создадат и споделат информациите за културата, уметноста и културно наследство кои долготрајно гледано можат да бидат мошне значајни. Секако доколку не бидат повлечени од интернет архивите поради одредени причини.

Неоспорен факт е дека на Р. Македонија и фалат портали за култура. Непостоењето на Портал за Културно наследство, отсуството на веб страници на музеите (имено само 2 музеја имаат свои веб сајтови  1, 2) и дистибуција на информациите само на македонски јазик преку дневни весници, некои специјализирани портали и блогови не е решение за проблемот кој Македонија го има во 21 век со претставувањето на својата култура на интернет. Во секој случај culture.in.mk потегнаа една добра идеја, се надевам дека ќе ја туркаат и понатаму.

Дополнување:

10 Веб сајтови кои ќе извршат влијание во 2009
Веб сајтовите мора да се зачуваат заради историчноста на настаните

Клучни зборови: online, offline, фестивал, интернет, култура, блог, веб, дебата, Точка, Скопје, Македонија, festival, internet, culture, blog, web, debate, Tocka, Skopje, Macedonia

Bookmark and Share

posted in Археологија, Архитектура, Етно-археологија, Интернет, Историја, Медиуми, Уметност | 1 Comment

Get Adobe Flash playerPlugin by wpburn.com wordpress themes