Aхам, баш сме тајмлес, мор ор лес
posted in Антропологија, Археологија, Архитектура, Етно-археологија, Интернет, Историја, Медиуми, Туризам, Уметност |
Кога полагав испити да добијам лиценца за туристички водич по културно-историски споменици и археолошки локалитети, едно од прашањата по предметот Основи на туризмот беше: Што е разликата помеѓу аутгоинг (outgoing) и инкаминг (incoming) туризам?
Нема некоја голема филозофија во одговорот. Инкаминг туризмот се базира на странец кој оди во посета на некоја дестинација, секогаш сака да е на сигурно за се што уплатил во својот аранжман, и притоа да е добро информиран со достапни и апдејтувани податоци за местото кое го посетува. За да не испаднат непланирани работи. Значи, јузер френдли програма.
Во контекст на промоција на Македонија како туристичка дестинација, Владата на РМ оддели сума за инкаминг туризам со која македонскиот режисер Милчо Манчевски го изработи спотот со наслов ,,Macedonia timeless”, придружен со веб страница на која покрај даунлодот на повеќе јазика, има поставено и други информации. Македонската верзија за сега ја нема, нели, оти клипот е правен за странци. За почеток целната дестинација му се телевизите CNN и CNN Internacional.
Видео клипот на Милчо Манчевски е тука и ништо повеќе не може да се измени освен фактот дека … Спотот е прв од ваков вид во Македонија кој е ставен под лиценцата на Криејтив Комонс, што секако само по себе е една по поавангардните работи поврзани со него. Иако самата лиценца не дозволува преработка и адаптирање на делото, многу е веројатно дека тоа би можело да се случи, независно дали авторот ќе се сложи или не.
Уште на самото излегување на спотот во јавност (читај јавноста овде беше интернетот, а не Музеј на Современа уметност) се прекршија копјата по блогосферата (1, 2, 3). Веднаш се створија милион и пол режисери, директори на уметничка фотографија и камермани со искуства кои ги надминуваат физички и виртуелно границите на РМ. Секако, штoм се дадени државни пари, секој како субјект е засегнат и има право да коментира.
Ова е спот со кој би требало да се заинтересираат странците за Македонија како туристичка дестинација за да дојдат да ја посетат. Не ми смета толку што се премногу застапени мотиви од Охрид како и артефакти ископани во близината на овој град. Не ми смета премалку застапената исламската уметност и архитектура во Македонија. Ниту ми смета тоа што на некој човек на кој му се непознати верските феномени во Македонија, многу е веројатно дека ќе добие погрешна слика за земја каде доминираат фреските и крстовите. Не ми смета дури ни што се многу работи прескокнати, оти за земја со богата традиција многу е тешко сето тоа да се смести во клип од 1 минута.
Да се разбереме. Навистина ја ценам работата на Милчо Манчевски. Човекот има завршено историја на уметност со археологија и за разлика од многу мои колеги, во овие области сигурно има стоструко направено повеќе од нив. Ама не можам генерално да преминам преку некои работи.
На крај краева и да дојдат сите тие странци некој треба да ги сервисира. За тие потреби е оспособен само мал капацитет од домашниот туризам, поточно на прсти се бројат на пример туристичките агенции кои со својот квалитет и квантитет би можеле да излезат во пресрет.
Она што ми смета е фактот кој вели дека во Македонија не постои стабилна инфраструктура за инкаминг туризам:
1. Нека ми наброи некој барем една агенција која се бави сериозно со инкаминг туризам и притоа нејзината програма е поддржана со адекватен сајт, кој во исто време е издржан со веродостојни податоци, каталози, постери и слични салтанаати.
2. Нека ми најде некој книга или водич за државава, регионите или градовите посебно. Не постои ниту еден унифициран туристички водич за Македонија, градот Скопје има некои сумљиви книжулиња од Министерството за економија, отсек Сектор за туризам кои никаде ги нема да се најдат, а пак другите градови воопшто немаат било каков водич кој би се купил во продажните места.
3. Нека ги реши некој проблемите со влезниците во културно-историските споменици (кои за среќа ги има побајаги) и на археолошките локалитети (од кои за несреќа само 4-5 се делумно средени за посета) за не дојде странец во музеј и при плаќање на влезницата му речат … паа немаме дефинирано цена за странец.
4. Нека ги среди некој постојните капацитети за престојување на странците оти половина од хотелите ни се руина, а ѕвездичките се добиваат како на јамб, со рандом вртење некаде на пола пат помеѓу катастарот, економијата и руралниот латентен однос кон туризмот.
5. има уште многу но во друга прилика …
Ваков спот како што има направено Милчо Манчевски, независно од квалитетот, треба да е само краен продукт во ланецот на добро поставен и сработен инкаминг со крајни производи, подржан на сите медиуми во сите варијанти и верзии. Кој ние во моментов за жал го немаме. Кога сето ова ќе се среди може да се продава овој тип на туризам, па нека чини еден спот и катаљарда евра.
Дефинитивно кај нас многу работи се безвременски. Толку безвременски што просто стојат во место со векови непроменети. Баш сме тајмлес, мор ор лес.
Текстот го поставив на интерактивниот сервис Кајмак.от. За постот можете да гласате тука.
Клучни зборови: anthropolgy, archaeology, art, architecture, ethnology, history, internet, media, Macedonia, travel, tourism, video clip, macedoniatimeless, Milco Mancevski, CNN, антропологија, археологија, уметност, архитектура, етнологија, историја, медиуми, интернет, патување, туризам, видео, промоција, Македонија, безвременска, Милчо Манчевски


















