Кралството на Античките Босанци
posted in Археологија, Архитектура, Интернет, Медиуми, Палеолит, Туризам |
Најновата нелустрирана и нецензурирана историја на Балканот зборува за Кралството на Античките Босанци и највиокиот технички градителски дострел на Леденото Доба – Пирамидата во Високо. Во записите стои дека дури и Еѓипќаните се потомци на древните античките босанци (никако обратно), кои во својот ланец на државотворнички формации како свој последен потомок ја имаат Босанската Кралицата Катерина. Таа со свои очи ја видела пирамидата во Босна. Некогаш и некаде.
Оваа историја ни ја раскажува приказната за античките босанци кои прескокнале неколку периода од културно-историскиот развиток на човекот, вклучувајќи ги и праисториските периоди на неолитот, мезолитот и доцниот палеолит, и директно во средниот палеолит се судриле со Неандерталците од Крапина и Виндија. Пирамидата во Босна не е ништо друго освен доказ за нивната супериорност на Балканот, која рака на срце безобразно им е одземена. Секако тука не смее да се пропушти информацијата дека од една, за три години на територијата на гратчето Високо во Босна и Херцеговина израсна цел мистериозен комплекс на пирамиди, што дефинитивно сведочи дека овие прастари формации се најстаро етничко јадро во етногенезата на античките Босанци. Пирамидите се во спрега со нивната календарска година која била луно – соларна, имала 10 месеци и почнувала во 9 месец, т.е. 1:10 се земал како почеток на новата година. Тоа ни го покажуваат и ориентациите на т.н. Пирамида на сонцето и Пирамидата на месечината кои за жал се уште не ни го обзнанија на нам обичните смртници, својот лик.
Во недостаток на историски, археолошки па дури и етно материјал кој би го покажал континуитетот на постоењето на пирамидите во колективната свест на населението што живее во нивна близина, доволен доказ е мегалитниот камен блок на кој има испишано 300 знаци. Да се открие само еден камен артефакт од цела пирамида за четиригодишни ископувања, со писмо на кое “глаголеле” древните АнтиЌЌи босанци, навистина е успех. Но се уште има време за останатите “Камени Розети” кои се длабоко закопани под земјата каде секој слој од 5см е стар 250 години. Значи пола метро копате и цирка цивилизација од 12 500 години имате!?
Главните показатели кои упатуваат на различноста на еден народ во сите општествено – историски периоди, се јазикот, културата, обичаите и религиска пракса. Бидејќи првите три факти се веќе неоспорно докажани, само навидум се допира моментот за религиозноста на Античките Босанци. Поради повисоката состојба на свесност тие се претвориле во чиста енергија и овој факт оди во прилог на отсуството на антрополошките докази на терен. Всушност пирамидите служеле како енергетски канал каде спирално се земала и се отпуштала енергијата во космосот и на цивилизацијата која ги изградила им служела за религиски разговори со енергетски ентитети.
За само два дена на македонската нација сето ова и го приопштија лица од Босанската фондација „Археолошки парк” кои гостуваа во една национална телевизија. Во интервјуто не се знаеше кој е повеќе фасциниран со фамозните достигнувања на античките босанци, водителот или гостинот. Уште еден навидум сериозен национален медиум ја објави веста за постоењето на пирамидите, но она што чуди е зошто ја поставиле во категоријата занимливости, а не во наука.
Во случај да не ни успее долгогодишното упорно промовирање на Кокино како локалитет кој се трудиме да го ставиме под заштита на УНЕСКО, секогаш можеме да си најдеме пирамида. Кога добро ќе размислам, зошто би наоѓале пирамида кога можеме да си ја изградиме, позајмиме или евентуано да си ја купиме. И онака UN 2009 ја прогласи за година на астономијата, па би си ја ориентирале како што ќе посакаме. Во склад со “науката”, де!
Инаку за следното гостување во Македонија беше најавен самиот пронаоѓач на Пирамидите во Босна – лично himself господинот Семир Османагиќ. Се надевам дека најголемите археолошки научни умови во државава кои моментално молчат за случајов, ќе имаат доблест да лобираат неговата презентација да се одржи во просториите на МАНУ. Сепак се работи за најмонструозно осмислената брилијантна археолошка кампања било кога направена во светот. Во оваа кампања има скоро се, секако, освен археологија.
Препорачани линкови:
1. Босанските пирамиди – псеудо или археологија?
2. Срушена босанската пирамида
3. Пирамидата во Босна – природна формација
4. Апдејт на Пирамидата во Босна
5. Пирамида на сонцето – рецензија на емисијата на HRT1
6. APWR и недостаток на идентитет
7. Босанците ја бараат Пирамидата, а Херцеговците древната Троја
8. Зошто би граделе пирамида кога можеме да си ја најдеме или да си ја купиме
9. Што?А? Нема пирамиди?
Текстот го поставив на интерактивниот сервис Кајмак.от. За постот можете да гласате тука.














