Archive for December 7th, 2008
Археолошки впечатоци од 20 симпозиум на МАНД
На археолошките симпозиуми на МАНД одам со години. Поточно на секои 2 години како што било до сега адет. Мојот став воопшто не се разликува од гледиштето на некои мои колеги кои сметаат дека треба да присуствуваат на ваков “научен” собир, за да дознаат што се сработело во изминатиов период и во кој правец македонската археолошка наука направила напредок. Ако воопшто некогаш го направила.
Според моето скромно субјективно мислење чинам дека овој собир во неколку случаи беше блиску до маргините на дебал од наука. Во споредба со одредени презентации, дури и Босанските пирамиди се чинеа така реални и вистински. Сепак, можеше да се најде и нешто неконтаминирано во целиот тој хаос. Чест на исклучоците! Поради нив доаѓам на секои две години зошто навистина вреди да се слушне што има да кажат.
Се избра ново претседателство на МАНД, се промовираше (само на хартија) новата Macedoniae acta archaeologica, дебати немаше, округли маси на тема… – пак немаше, групирање на презентациите по секција – немаше…Па ќе се запрашате што всушност имаше на оваа спорадично одржувана средба на археолозите на Македонија во Кичево?
Имаше коментари. И тоа дрски. Дека ова е симпозиум на кој треба да се даде ревизија за сработеното во изминатата година, поточно постои исклучиво за да се даде отчет за сите оние силни и огромни капитални проекти. Па така некои археолози си земаа за право да го надминат лимитот за презентација од 15 минути (кој важеше за сите) и да ги узурпираат слушателите навредувајќи ги на овој начин со своето однесување. Главната изнесена причина беше што треба да се оправдаат потрошените пари. Но отчет се дава на оној од кого се добиени парите, а не на зрели археолози кои дошле до Кичево за да чујат нешто повеќе од извештај кој можат да го прочитаат и на хартија. Заузврат на тоа беа анатемисани луѓето кои не добиле пари за ископување од Владата или Министерството. Тие немаат што да присуствуваат на овој собир, кој не би требало да биде ништо друго освен визуелно сиже на она што го (пре)копале оние кои добиле пари. Колегите кои работат теоретски и истражуваат кабинетски, се зачудија што ли навистина бараат да бидат присутни на еден археолошки НАУЧЕН симпозиум, кога тој комотно може да се преименува во археолошки симпозиум. Оти од наука абер видовме, ама фајде – не видовме.
На овој симпозиум како на ниту еден досега, имаше совршено грозни презентации. На некои колеги не само што би им забранила да истражуваат, туку би им ја одземала титулата археолог за ,,век и веков”. Во сето ова среќна околност е што немаше големо присуство на медиуми кои веројатно би се запрашaле кој се тоа го истражува културно-историското наследство на една земја и си поигрува со нејзиниот идентитет.
На еден момент се допре и перменентниот проблем со дивите копачи кои во последните години стана акутен. Но изгледа моите колеги археолози воопшто не беа спремни да разговараат отворено на таа тема и тука сите “мудро молчеа”. А проблемот си останува да постои како таков и нема да го спасат дури ни оние 400 археолози кои се уште не се вработени. А како тргнала работава, уште долго нема ни да бидат.
Ако го оставиме настрана правењето опструкции и зборувањето зад грб, се прескокна проблемот на непубликување на материјалите од ископувањата, а непостоење на интернет публикувањето се уште се оправдува дека со години се нема пари за оваа намена. Во ера кога и дете може да напише бесплатна статија на Интернет, македонската археологија се уште останува заробена во својата немоќ онаму каде што припаѓа. Некаде кон крајот на 19 век. Оти официјална статија на некој признат археолог во некое престижно списание на Интернет, да не ти била валидна референца.
Единствена предност на овој симпозиум беше присуството на голем број млади дипломирани археолози со бројка од 35 нови членови на МАНД. Тие беа и единствената светла точка на овој кркамбар од собир, од кој се надевам дека ќе извлечат умни поуки. Иако најпаметно ќе им биде да се искалат малку на симпозиуми надвор од државава, по можност и надвор од Балканов.
Имиња нема да споменувам зошто знам дека голем број од археолозите ќе се пронајдат и без фусноти во овој текст. А и поради фактот што Археоблог е приватен сајт и немам намера никому да му правам реклама на Интернет, па била таа и во негативна конотација. Овој сајт постои заради мене и мојата самопромоција, а кој сака да пишува реплики, широко му поље интернетско на кој борбата е меч со повеќе острици.
А ако политиката е легитимен начин да го заштитам културното наследство на Македонија од понатамошно сквернавење, во тој случај ќе ги чекам изборите, пред се локалните за да се одлучам на која партија да и се приклучам. Можеби тоа е начинот да и се помогне на македонската археологија и да се слушне гласот на сите оние невработени а способни археолози, кои постојано се под пресија и нечија опструкција. Око нема да ми трепне за политиката. Ама за археологијата – ДА!
Овој текст беше поставен на Кајмак.от од страна на корисникот ribaro. За статијата можете да гласате тука.

















