Archive for November, 2008
Археоблог дел од престојниот XX редовен симпозиум на Македонското Археолошко Научно Друштво
Редовниот симпозиум на МАНД (Македонското Археолошко Научно Друштво) чиј член сум и јас, се одржува на секои две години. Како резултат на презентациите кои потекнуваат од лични истражувања или археолошки ископувања, потоа се вообличува книга со научни текстови под наслов Macedoniae acta archaeologica. Зборникот по правило би требало да излегува веднаш после секоја одржана средба, ама тоа убаво звучи на хартија, бидејќи во моемнтов се уште се чека да се публикуваат текстовите од симпозиумите одржани 2004 во Гевгелија и 2006 во Делчево. Да не отворам тема дека претходните изданија воопшто ги нема ниту да се купат, ниту пак се поместени на Интернет каде за воља на вистината можете да ја прочитате само нивната содржина.
Овој XX редовен симпозиум на МАНД ќе се одржи во Кичево, во периодот од 03.12-06.12.08 во Хотел “Унион”. Програмата на учесниците е поместена на веб страницата на друштвото каде може да се забележи прилично набилданата агенда за сите 3 дена.
На овој симпозиум за прв пат решив да одам со теми кои генерално се непознати за македонската археологија, но многупати разработувани во моите постови. Темите со кои ќе настапам се:
“Зошто македонските археолози треба да публикуваат на Интернет под лиценцата на Creative Commons ” и
“Блог-Археологија, создавање извори на знаење со отворен пристап“.
Тука само ќе го сумблимирам она што сметам дека на моите колеги им е потребно за да се запознаат со предностите кои ги нуди Интернетот, во надеж дека можеби еден ден ќе се скрши јазичната бариера во on line публикувањето, а со тоа ќе се зголеми и нашето присутво во дигиталниот свет.
Се надевам дека оваа средба ќе помине во добро расположение за разлика од претходниот симпозиум на кој надвиснаа тмурните облаци од случајот со “Штитовите од Бонче“, и тој пред него запечатен со исповедта на веќе починатиот Воислав Санев.
Воедно, овој пост е отворена покана за сите медиуми кои би сакале да знаат што се случувало со македонската археологија во изминатите 2 години, а немале можност тоа да го дознаат на поинаков начин.
So, Let the Archaeologcal Games Begin
Археоблог повторно публикуван во списанието Културен живот
Списанието за култура, уметност и општествени прашања “Културен живот”, во најновиот двоброј за оваа година поместува теми и дилеми од областа на литературата, поетиката, постмодерното поимање на денешнината… страници посветени на ромската култура… делот за филмската уметност, издавачка дејност и драмска библиотека…
По втор пат само за неколку месеци, во списанието Културен живот повторно се публикува уште еден мој научен текст. Потикната од постот кој неодамна беше објавен во Blogopedija, во него се бавам со конструирање на реалности и вистини, посебно во полето на археологијата и културното наследство.
А вие, можете а и не морате да ми дадете 2-3 податока. Со или без нив ќе конструирам сопствена вистина. Нели целта на блоговите е вистина да опстои, ма “каква и да била таа”.
Порта 3 vs. Премин Портал – како до информации за археологијата во Македонија
На интернет не постои специјализирано списание за македонската археологија. Поточно, на интернет не постои воопшто било какво списание каде што ќе се прочитаат најновите достигнувања, истражувања и публикувања од областа на археологијата во Македонија. Во недостаток на оваков тип беседник, читателите заинтересирани за оваа наука сублимираните информации за одредени под дисциплини можат ги најдат на неколку места:
1. Порта 3 – списание за градежништво, архитектура и екологија
Во рамките на ова списание, во рубриката АРХИТЕКТУРА можат да се прочитаат одлични написи кои се авторски, посветени се на археолошките локалитети во Македонија каде е пронајден било каков тип на архитектура и се ставени во еден поширок контекст на културното наследство во однос на третираниот локалитет или регионот кој е обработен во одреден текст.
2. Портал Премин – електронско гласило на списанието Премин
Верувам дека ова списание им е познато скоро на сите кои се интересираат за духовноста и пропратните култуни манифестации поврзани со неа. Во категориите на овој портал постои ставка Библиска археологија, каде последователно од Мај 2007 година па до денеска, можат да се прочитаат написи на релацијата археологија <-> христијанство/религија. Текстовите генерално се позајмени од весници или блогови, па така на пример во еден случај линкан е Волан, еден негов нацрт за Ископувањата на Скопското Кале и еден видео клип поставен на неговиот канал на Youtube.
3. Проектот Растко Македонија – локална верзија на Проектот Растко
Овој проект кој е филијала на огромниот Српски Проект Растко, на своите интернет страници почна да поставува двојазични текстови (на англиски и македонски) од македонската археологија. Се надевам дека ќе продолжат со оваа практика на создавање богата архива од археолошки научен материјал, со што би ја пополниле огромната научна/јазична празнина (а со тоа и бариера) во непостоење на трудови од оваа област достапни на оние кои за жал не го владеат македонскиот јазик.
Заклучок:
Македонското археолошко научно друштво (МАНД) има сопствен сајт кој е прилично запоставен и спорадично апдејтуван. Од преку 5000 регистирани и барем 20% ископувани (или барем сондирани), само пет археолошки локалитети имаат сопствена веб страница. Дури и најавениот “Регионален центар за дигитализација на културното наследство на земјите од Југоисточна Европа”, се уште нема своја презентација на интернет. Читателите засега информациите за македонската археологија ги добиваат од:
- дневни весници
- специјализирани весници (Порта 3, Премин портал)
- проекти, како што е на пример Центарот за дигитализација на националното наследство – каде во долниот дел од секоја страница може да се прочита: Овој материјал не смее да се издава, емитува, препишува и повторно дистрибуира во било која форма освен со претходна дозвола, што во некоја рака претставува ,,Приватизација на македонското културно наследство“
Ако Владата на Република Македонија “обезбедува” толку пари за ископувања низ државава, чинам дека е ред конечно да даде пари и да се сработи еден асален сајт за македонската археологија. Или евентуално Портал за Културното наследство, да не мора вака распрчкано да се собираат информациите и научните трудови за и од македонската археологија по весниците низ Интернетов. Информации кои по секаков рандом случај за сега се исклучиво само на македонски јазик, па светот ни бил крив после тоа што не сме знаеле самите да се ставиме на дигиталната интерактивна културна мапа.

















