Оваа година плановите ненадејно ми се сменија. Утре заминувам на Крф, па оттаму на прошетка по хрватското приморје, за да завршам на еден археолошки симпозиум во Љубљана. Ќе ги испуштам и Фестивалот на пивото во Прилеп и Фестивалот на виното во Кавадарци, ама затоа верувале или не на толку шетање по светов, прв пат после четири години одам на море како турист, а не како археолог или водич.
На сите кои ќе појдете да се дружите и да уживате, ви посакувам ноќи исполнети со убавини, а потоа и пријатни сеќавања. Ако пивото е мелем за душата, тогаш виното е божествен пијалок, инспирација на уметниците …
една капка
една голтка
зборуваат повеќе
од илјада зборови
интерпункциски знаци
и толкувања
и…
И тука ставам крај на песната … или можеби почеток за некоја нова строфа, нова песна, за во некое поинакво идно време наталожено со сеќавања понесени од сегашноста.
Пред некој ден во Дневник имаше напис дека последниот број на списанието Културен живот е посветено на блоговите. Или поточно, би рекла дека тоа се текстови од блогери кои имаа свои презентации на втората Glocal conference организирана од New York University во Скопје. Темата на оваа Glocal 2.0 беше ,,Blogging: Evolution Treated as Revolution“, на која се пријавив со темата ,,Blogging Archaeology: Creating an Open Access Source for Knowledge“.
Како што веќе напишав, во текстот е поместено моето искуство, сите предизвици и проблеми со кои се соочив изминатите години на Интернет додека блогирав за археологијата. И покрај тоа што овој тип на блогирање се уште нема добиено академски статус во светот, сепак постојат значителен број на сериозни Археоблогови кои третираат одредени теми од археологијата или културното наследство.
Некои од прашањата со кои се бавам се: како ќе знаете дека мојот блог е веродостоен, како ќе распознаете квази-наука од вистинска археологија, како се прави проценка на содржината на еден археолошки научен блог и секако одговорот на прашањето како да се креира отворен пристап на знаење кое може да го обликува интернет заедницата.
Зошто се нафатив на еден ваков мини проект? Целта ми беше да објаснам, помеѓу другото, што значи блог-археологија во ситуација кога целиот свет се обидува да го презентира своето културно наследство на интернет, и какви се бенефициите кога еден научник ќе излезе со свој став, па макар тој бил и погрешен.
Затоа што ова review за македонската изложба на ,,Неолискaта уметност од територијата на Република Македонија” во Љубљана сведочи дека ваков текст нема никогаш да напише ниту еден новинар за култура во Македонија. Она што загрижува е податокот што во поголем дел се работи за артефакти кои се откриени во текот на изминатите години, а сепак библиографските референци во текстот употребени за цитирање на литература или се застарени или помеѓу нив нема ниту еден македонски археолог кој работи на тематиката т.е не дај боже ги ископувал локалитетите, па потоа ги публикувал предметите.
Затоа што е брука да во отсуство на наши писанија, странци ни ги обработуваат и публикуваат наодите, додека повеќето од македонските археолози се ашкаат зачаурени во својата комфорна институционализација и во сопствената библиографија ставаат текст од една страничка кој го напишале по повод некоја изложба. Бидејќи тоа е непобитен факт. На половина од македонските археолози најголемото достигнување во животот во однос на некаква јавна публикација, им е каталог за изложба. Или евентуално постер со кој отишле на некој симпозиум.
Со помош на интернетот археологијата може да стигне до секого, насекаде, во било која форма и на било кој јазик. Во отсуство на вистински археолози на интернет, а во присуство на милион квази стручњаци за разно разни дисцилини со штафети и пречки на 100 метри, и после толку години македонските археолози не сватија дека блоговите и сајтовите се медиум на иднината и одлично средство за комуникација со која се рушат сите досегашни културни препреки.
Блогирам археологија затоа што се борам против тоа да се бираат археолози-херои и да се создава вакуум во информациите за минатото притоа потпирајќи се на сензационализтички информации кој напати немаат врска со археологијата. Јас не сум тука за да ви се допаднам. Јас сум само една алатка во методолошката постапка при детектирање, откривање, евидентирање или презентација на културното наследство кое му припаѓа на целиот свет. Затоа мојата работа не е да ви се допаѓам на вам, ниту на било кого. Мојата работа е да бидам археолог.
И на крај краева блогирам археологија затоа што блоговите сами по себе се еден вид на археологија која допрва ќе се проучува.
И секако за крај дел од текстот …
Блогот како медиум овозможува директна комуникација помеѓу блогерот и читателот. Оваа размена на мислења, идеи и коментари може да го поткрене нивото на динамичната научна дебата која се води на Интернет. При тоа, најважната работа е личната перспектива на блогерот, кој давајќи свои сугестии преку лични искуства, ги изложува предностите и слабостите на своите тези пред критичкиот став на публиката. Секој може да коментира, независно дали е блогерот во право или не.
Оваа интерактивност ја обликува Интернет заедницата. Исто така го обликува и знаењето на начин кој е достапен за сите. Би можеле само да претпоставиме дека овој приод ќе овозможи нов квалитет во глобалните интер-персонални научни и едукативни дејности.
Кога академиците блогираат археологија, тоа не е само средство на комуникација, туку блогот исто така му овозможува на авторот да го прошири влијанието на својата стручност кон не-академска публика и да им ја стави на располагање на поединци кои не можат да си дозволат печатени изданија.
Некој ја прочитал Агата Кристи до своја 14 год. возраст. Некој допрва ја открива, а честопати и се препрочитува едно те исто дело зошто со текот на времето дејствијата се забораваат. На некого повеќе му се допаѓаат филмуваните верзии, на некого книгите. Секој може да ја толкува како сака…
Своевремено на оваа авторка и посветив еден серијал насловен како ,,Агата Кристи и археологијата“, кој се најде публикуван во мојата книга Археолошки дневник, во издание на Аквариус од Скопје. Во него направив обид да ја опишам врската на Кристи со археологијата, земајќи го во предвид фактот што нејзиниот втор сопруг сер Max Mallowan бил археолог и втората половина од својот живот таа ја провела на Блискиот Исток по археолошки ископувања. Истовремено преку него ненападно но активно учестувала во вајање на одредени текови од археолошката светска мисла.
На препорака од Панта Реи на следните линковите можете да ги симнете во оригинал книгите:
Во меѓувреме на блогот на Реинтелект, сите љубители и заинтересирани за романите на Агата Кристи може да даунлодуваат 26 нејзини книги преведени на српско-хрватски јазик.
Информацијата ја поставив прво на Кајмак.от. Целта ми беше да стигне до што е можно повеќе љубители на оваа писателка, но и да го популаризирам малку овој сајт на кој најдобрите вести генерално доаѓаат од блоговите. Но не затоа што му е тоа му е судбина, туку затоа што во моментов на македонскиот интернет простор ретко да има нешто квалитетно, а тоа да не доаѓа од блогосферата.
Agatha Christies`s quotes за археологијата:
Археолозите се најдобри сопрузи, бидејќи покажуваат се поголемо интересирање за жената, колку што таа е постара.
Вие би биле добар археолог, M. Poirot. Имате дарба да го оживеете минатото. Agatha Christie, Murder in Mesopotamia, (1936)
Секој предмет кој е man made, представува артефакт независно од неговата намена. Дали мораат сите артефакти да бидат историски сведоци на нешто? Не мораат, ама ако доаѓаат (посебно) од земјите на Југоисточна Европа по распадот на социјализмот, тогаш сведочат за нивната класификација во групата на општества со геометриски прогресивна неповолна економска состојба и наплив од кинеска роба. Еве три такви современи истовремени артефакти.
Место: Археолошки локалитет Винча Време: Август 2007 Модели: Колегите археолози