2008 July » Археолошки дневник vol.2.1/2 ©
Сајтот е во изработка. Препорачливо е да се гледа со Mozilla Firefox

31st July 2008

Уште само шест месеци да се спаси праисториската уметност на Ласко

 

Есента 1879 година шпанскиот аматер и археолог Marcelino Sanz de Sautuloa и неговата ќерка Марија решија да ги истражат пештерите околу брдото Алтамира. Еден ден додека Sautuloa се обидуваше да копа во подот од една пештера, Марија реши да се прошета низ ходниците. Не помина многу време кога од внатрешноста се слушна, ,,Тато, види вол“. Така Maria Sanz de Sautuloa стана првиот модерен човек кој со свои очи видел една галерија на праисториски сликарии.

 

Оттогаш наваму уметност насликана на карпите и во пештерите од франко-кантабриската област не престанува да предизвикува внимание. Посебно прашина се крена по откривањето на пештерата Шовe (Chauvet) во 1994 година кога се отворија нови прашања, бидејќи со употреба на т.н. AMC метода овие цртежи беа датирани на околу 32 000 BP. Со овој факт засега Шове го носи епитетот на најстарата фигуративна пештерска карпеста уметност.

 Chauvet Cave

Со оглед на тоа што поголемиот дел од оваа доцнопалеолитска уметност исполува комплексни социјални и уметнички карактеристики, се покажала потребата од нејзина интерпретација. А желбата за интерпретација на ова поле, според мене, е прилично моќна и веќе еден век се кршат научните копја која од теориите ќе надвладее.

Во летото 1988 година, во престижното списание Current Archaeology излезе написот ,,The signs of all times“. Авторите David Lewis-Williams и Tomas Dowson предложија еден нов пристап за толкување на оваа уметност. На почетокот иако со голема скепска, сега веќе поголем дел од научниот свет се сложува со теоријата за примена на невропсихолошкиот модел во интерпретација на доцнопалеолитската уметност.

Но, за David Lewis-Williams, ентоптите, племето Сан, халуциногените дејствија и состојбата на прооменета свесност при содавањето на уметноста веројатно ќе напишам посебен пост. А овој текст беше предизвикан од фактот што во моментов стручњаците се борат да ги спасат цртежите во пештерата Ласко кои се нападнати од фунги, и за кои сметаат дека им се заканува опасност.

По втор пат за стотина години познатото сликарството во пештерата Ласко е загрозено од габички кои се закануваат да ги уништат цртежите за кои се претпоставува дека се стари околу 15 - 17 000 години. За разлика од нас кои само зборуваме за заштита на културното наследство, Француската влада иако молчи, веќе започна да превзема мерки за негово санирање.

За оние кои не се запознаени, Ласко е одамна затворена за јавноста, а посетителите влегуваат во реплика која изгледа идентично како самата пештера. Сепак ќе се сложите дека во вакви случаи  дури и најдобрата копија не може да биде поавтентична од најлошиот оригинал, кој како печат на карпите го оставиле нашите дамнешни претци.

Линкови:

Six months to save Lascaux cave art
Debate Over Moldy Cave Art Is a Tale of Human Missteps

напишано во Археологија, Уметност | 0 Коментари

29th July 2008

Спомени од еден Задар

 

Минатата година имав можност да го посетам Задар, еден од поубавите градови на хрватското приморје заедно со Сплит, Дубровник, Трогир и Шибеник. Градот Задар на истото место постои повеќе од две илјади години. Но се поставува прашањето дали е тоа секогаш истиот град. Дали се душата на градот улиците кои течат во ист правец уште од римското доба, или се тоа луѓето кои поминуваат по истите тие улици, односно живеат во куќите кои ги опкружуваат.

Една од средновековните порти на Задар Римскиот форум и Бенедиктинската капела во стариот дел од Задар

Секако дека е тешко да се поистовети Задранин од времето на Римското царство со граѓанин од средновековна комуна. Успеав да го прошетам стариот дел од градот кој изобилува со археолошки ископини и сите околни музеи. Но најмногу впечаток ми остави збирката на мебел во Народниот музеј која симболично го носи називот: ,,Спомени од еден Задар”. Таа пред се се однесува на оној Задар, на оние раздобја до кои може да допре човековото сеќавање. Оваа збирка на стилски мебел бројно е многу скромна, од проста причина што Задар е град со несреќно минато. Во текот на столетијата ниту еднашка не го одминале воените ветришта кои ги доведувале и одведувале неговите жители, а со тоа и нивните домови.

Во зградата на три ката сместени се артефактите кои биле најтипични во опремување на станбениот простор од 15 век па натаму. Провејуваат периодите на ренесансата, доцниот барок, ампирот, бидермаерот, како и неостилови во кои може да се препознае повторувањето на претходните стилови: готика, барок и ренесанса.

Впрочем, после бидермаерот воопшто во историјата на уметноста не се формираат нови оригинални стилови, туку уметниците се потпираат на стиловите од претходните епохи. Почетоците на ваквото имитирање прво се појавуваат кон крајот на 18 век во сликарството, кај таканаречените прерафаелити, потоа во архитектурата со градбата на неоготички цркви, за да во втората половина од 19 век се применат и на мебелот.

Комода во неостил Бидермаер гарнитура за седење

Она кое ме импресионираше беа два доцнобарокни (рококо) паноа со огледала од 18 век, кога користењето на огледалата во внатрешните простории го достигнало својот врв. Огледалата се обесувале (поставувале) на ѕидовите и обично сочинувале една целина со конзолните столови под нив. Доколку биле со многу големи димензии стоеле посебно. Знаеле да ги прекриваат скоро сите ѕидови создавајќи ефект на ,,кабинети со огледала” или ,,дворани со огледала”, од кои најпозната е онаа во дворецот Версај.

Доцнобарокни (рококо) паноа со огледала од 18 век

Поради ограниченост на просторот, во Народниот музеј во Задар се изложени само две од четирите подеднакви паноа кои се во сопственост на музејот. Тие имаат одлики на времето во кое настанале: многу се големи и високи, изобилуваат со цветни украсни детали сликани или изработени во рељеф. Изобилуваат и со извиените златни рељефи помеѓу кои се истакнува мотивот во облик на неправилна школка или карпа (франц. rocaille, герм. muschelornament). На нив во горниот дел е вградена овално свиена слика, што бил чест случај кај ваквите високи паноа. Нивната изработка е доста квалитетна и по својот начин на изведба и префинет вкус упатува на претпоставката дека овие огледала потекнуваат од некоја работилница во Франција.

Изложените предмети од збирката ги користеле претците на Задраните и многу лесно може да се ѕирне во нивниот интимен живот. Разгледувајќи ги парчињата мебел, со задоволство можев да се констатирам дека луѓето во Задар го бирале мебелот со многу вкус, кој по ништо не се разликувал од оној на луѓето од западна Европа. Тука можеби не живеело пребогато племство, но префинетоста која ја поседувале им овозможила своите домови да ги опремат со вредни предмети. Денеска овие парчиња блескаат со својата скромност или раскошна убавина, според вкусот на времето во кое настанале. Но ниту едно од нив нема да ве остави рамнодушни.

Комода во неостил пред реставрација Комода во неостил по реставрација

напишано во Археологија, Архитектура, Уметност | 0 Коментари

28th July 2008

Таписеријата од Баје

 

Еден од начините како Британците се грижат за промоција на своето културно и историско наследство е овој видео клип до кој дојдов преку Англискиот археолошки портал - British Archaeological Jobs Resource. Клипот е всушност анимација на познатата Таписерија од Баје на која е опишана Норманската инвазија на Англија во 1066 година.

 

На оваа таписеријата има прибелешки испишани со латински јазик, а моментално се чува во специјален музеј во Баје, Нормандија, Франција. И покрај тоа што овој артефакт и е добро познат на науката, многу аспекти од оваа ракотворба остануваат мистерија.

Во меѓувреме Таписерија од Баје со текот на столетијата има добиено култен статус, па честопати била повод за одредени собири или конференции Така минатата недела се одржа научна конференција во British Museum посветена на  неа, каде дури се дошло и до сознанието која е личноста што пред стотина години ја извандализирала сечејќи еден мал дел за да може подоцна да го продаде.

Bayeux Tapestry

Она што мене ме интересира е дали ќе му текне на некој кај нас да направи вакво нешто. :)

напишано во Археологија, Историја, Уметност | 0 Коментари

17th July 2008

More human than human - или како уметноста не направи по,,човечни”

 

На овој пост ме предизвикаа две работи. Првата е пронаоѓањето на прекрасната склуптура т.н. Venera pudica на археолошкиот локалитет Скупи, а втората е еден неодамнешен пост на Панта Реи за убавината добиена со помош на фотошоп.

Срамежливата Венера за која известија скоро сите домашни (1,2,3,4,5,6) и некои странски новински агенции (1,2,3,4), датира од 2 век н.е. Изработена е од мермер во природна големина и претставува импозантен наод кој сведочи за уметничките традиции на територијата на Република Македонија во римскиот период. Но нели ви се чини дека Венерата е премногу убава за да биде вистинита? :)

 

Независно од детерминацијата за убавина, овој артефакт ме стави на дума дека човекот не само во минатото, туку и денеска е опседнат со човечкото тело. Каде и да се свртите луѓето околу вас постојано гледаат во нешто, а во поголем број од случаите тоа е совршено извајан хабитус.

Наметната убавина може да биде многу опасна, особено по здравјето. Па сепак она што инспирира, манипулира, што не тера да помислиме на останатите, но и на себе си - е токму  телото. Сликите со убави тела доминираат околу нас. Ги има на билбордите, рекламите на телевизија, списанијата, фотографиите … Тие се само дел од визуелниот свет кој ни го окупира нашето внимание, па макар тоа било и за момент. Генерално, можам да се разграничат два типа на перцепција кон овој елемент

Тип 1 - човечкото тело во функција на реклама за одреден артикл

Тип 2 - човечкото тело како дел од светот на уметноста

,,Нарачаната” перцепција за убавината на тело може да се согледа кај сите древни народи. Човечкото тело било во фокусот на вниманието уште од самите почетоци на уметноста. Праисториските ловечко-собирачки заедници својот светоглед го исполиле преку т.н. Палеолитски венери (Вилендорф, Леспиг, Долни Вестонице, Лосел…). Овие мали статуетки имаат нагласена стеатопигија, односно предимензионирани гради, колкови и стомак. Независно дали го отсликувале тогашниот свет на нашите претци, тие имаат една заедничка карактеристика - нереална претстава на нивното тело.

Вилендорфската венера, 30 - 15 000год. п.н.е.Венерата од Леспиг, 23 000 год. п.н.е    Венерата од Лосел, 22 000 год. п.н.е.

Египќаните сакале ред и прецизност како во животот така и во уметноста. Единствен пример кој претставува exeptio probabat regulam се статуите на владетелот Екнатон (познат и како Amenhotep IV) претставен со сите свои несовршености.  Екнатон бил револуционер кој сакал да ја промени традиционалната вкочанетост на египетската уметност. Oчевидно е колку склуптурите кои припаѓаат на т.н. Амарна стил отскокнуваат од целата уметност на древниот Египет, заглавена во времето и негувана преку три милениуми. Сепак останува загатката зошто и покрај нивната високо развиена цивилизација, Египќаните се решиле уметноста да им остане на исто ниво без да претрпи било какви влијанија однадвор.

Древните Грци отишле еден чекор понатаму. Кога ќе се погледне во прекрасно извајаните атлетски склуптури, станува јасно дека нешто не е во ред со нивната анатомија. Со одредени пренагласени делови од телото тие изгледаат толку совршено човечки, дури и пореално отколку што е самиот човек. Следејќи го примерот на Polyclitus, старите Грци кај своите склуптури развиле физички потенцијал на атлети фатени во миг кога се релаксирани, но истовремено и спремни во секој момент да се придвижат.

Greek Sculpture  - BBC: How Art Made The World

Човекото тело било опсесија за уметниците и благодарејќи на него се создадени  повеќе ремек делата во историјата на уметноста. Но сите овие тела независно од медиумот во кој се појавуваат имаат нешто заедничко.

Не сте се запрашеле ли досега зошто нашиот свет е толку преокупиран и во него доминираат нереалистични тела? Упс, мислам, дали навистина сте виделе во живо некоја фигура која можеби личи на склуптура од Хенри Мур?!

напишано во Антропологија, Археологија, Уметност | 0 Коментари