Дома Антропологија Неконтактибилноста – причина за различност или личен избор?

Неконтактибилноста – причина за различност или личен избор?

3,493 views
1

 

Веста која го обиколи светот – во прашумите на Амазонија во Бразил, пронајдено уште едно племе кое до сега не е регистрирано на светската културна мапа. Скоро сите медиуми, дури и нашите локални, ги објавија видео снимките и фотографиите направени при едно прелетување со хеликоптер над амазонските прашуми.

На фотографиите пренесени преку речиси сите светски новински агенции, а снимени од страна на владата на Бразил, се гледа како припадниците на едно од овие “неконтактирани“ Индијански племиња, повеќето голи и офарбани црвено, стрелаат со лакови и стрели кон снимателот во авионот. Мотивот за објавување на овие фотографии, според Владата, е зголемувањето на свесноста од можното исчезнување, односно претопување на овие луѓе и нивната култура, пред се заради незаконското сечење на шумите во овој дел од светот, што подразбира населување на дојденци во близина на племињата а потоа, по расчистувањето на теренот, и на поголеми групи население од сиромашните предградија на поголемите градови.

Повеќето од овие племиња имаат повремени контакти со надворешниот свет и знаат за западната цивилизација, но веројатно токму заради тоа одбрале да останат изолирани. На светско ниво нивниот број се проценува дека на околу 100, а повеќе од половината од нив живеат токму на територија на Бразил и соседниот Перу.

од Етно-блогот

Од видео снимките и фотографиите се приметува дека гостопримливоста на овие луѓе е на многу ниско ниво. Она што за почеток мене ме интересира не се причините за нивната изолација, туку конкретно две работи:

1. На кој степен од својот технолошки развиток се наоѓаат овие луѓе? Поточно дали се работи за ловечко-собирачка заедница која отсекогаш била важна за социјалните, културно-антрополошките проучувања, но и за археологијата. Многу истражувачи меѓу кои спаѓаат Grahame Clark, Karl Marx и Emile Durkheim, своите идеи ги развиле токму преку истражувањата за овие заедници како најрана фаза на социјалната еволуција, а истите веројатно биле база за уште безброј теоретски расправи. Се до 12 000 год. п.н.е. скоро целото човештво било на степенот од ловечко-собирачките заедници, до почетокот на т.н. PPNА (Pre-Pottery Neolithic A), иако кај некои култури како што е Натуфиенот уште во мезолитот се исполиле земјоделски активности и доместификација на одредени растителни и животински видови, со што се означил преодот кон следниот тип на општества грубо окарактеризирани како седелечки.

2. На кој начин и каква ќе биде методологијата при истражувањето на оваа заедница, ако веќе знаат за западната цивилизација, а сепак одбрале да бидат изолирани? Ова прашање потекнува оттаму затоа што е познат фактот дека ваквите типови на луѓе кои претрпеле долг период на изолација, имаат различен имун систем од нас. Колку и да звучи смешно, тие не се отпорни на нашата синтетичка облека која може да биде причина за болести, бидејќои таа во себе содржи супстанци на сапун или некои други агенси на различни детергенти со кои овие луѓе до сега се немаат сретнато. Потоа современите нормални болести и друго. Историјата е полна со примери кога контактот на домородното население со цивилизацијата било причина за нивно масовно изумирање. Се надевам дека кога ќе дојде време за вистинско истражување, кон ова племе ќе се пристапи крајно методолошки внимателно.

Исто така сметам дека е погрешно толкувањето на некои светски медиуми кога зборуваат за lost tribes, бидејќи тие не се изгубени, туку едноставно поради изолација до сега не биле пронајдени затоа што тоа бил нивен избор. Во прилог на овој пост ви ја препорачувам книгата Hunter-Gatherers in History, Archaeology and Anthropology од Alan Barnard. Таа претставува компилација од текстови на тема ловечко-собирачки заедници презентирани на Ninth International Conference on Hunting and Gathering Societies, Edinburgh, 9-13 September 2002.


Клучни зборови: , , , , , , , , , , , , , , , , , , , , , , ,

1 КОМЕНТАР

  1. Иако сум за науката, во овој случај мислам дека треба да ги оставиме на мир. Не сум сигурен ниту дека преминот од ловци собирачи на земјоделие беше баш чекор напред…

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Внеси го тука твоето име