25th May 2008

ПЕШТЕРНИТЕ ЦРКВИ ВО МАКЕДОНИЈА

 

или можност за спиритуален туризам

Македонија е библиска земја со огромно богатство на цркви, манастири, лековити води и чудотворни икони. Бројот и разноликоста на преку 155 комплетно сочувани манастири и деведесеттина кои се во различна фаза на изчезнување ни сугерираат минато на луѓе чија историја е исполнета со создавање, уметност и спиритуалност.

Доцната антика и преминот кон средниот век завршил со распадот на Римското царство на Источно и Западно. Територијално и временски овој период оставил неизбришливи траги врз археолошкиот и уметничкиот пејсаж на Македонија, со оглед на фактот што нашата земја отсекогаш била крстосница помеѓу културниот Запад и мистичниот Ориент. Место каде секогаш бил присутен дуализмот на страдања и воскреснувања. Како што духот се издигнува над пропаста, како што денот ја победува ноќта.

Оттука започнува историјата на Византија која како моќна држава опстанала се до падот на Цариград под Турците, оставајќи зад себе непроценливо културно-историско богатство преточено (покрај архитектурата) најмногу во богатата палета на икони и треперливото фреско-сликарство во црквите и манастирите кои битисувале во овој период.
…………………………

Почнувајќи од палеолитот, преку другите праисториски култури, периодот од времето на старите Грци, Римјаните, целиот Среден век па се до денеска, останати се траги во многу наши пештери. Некои од нив се ставени во рангот на археолошки наоѓалишта и со самото тоа се заштитени со законот. Во нив спаѓаат и т.н. пештерни цркви.

Црква Св.Лазар с.Бегниште (пештерна црква), KavadarciВеројатно восхитот и фасцинантноста се само дел од чувствата кои не преплавуваат кога се соочуваме со овие енигматски христијански зданија. Изградени на влезот од некои пештери или во нивната внатрешност, пештерните цркви мамат воздишки и стравопочит со својата импозантност, долготрајност и пред се мистичност.

Спојот на пештера и црква е навистина необичен и несекојдневен како за спелеолозите, кои ги проучуваат пештерите, така и за археолозите кои ги проучуваат сите траги врз кои печат оставила човечката рака. Невообичаен предизвик претставуваат посебно за историчарите на уметноста, но и за сите оние кои ги почитуваат древните култури. Како редок феномен со својата уметничка и историска вредност успеваат да го привлечат вниманието и на светската јавност.

За пештерни цркви обично се користеле природни пештери, понекогаш сместени високо во карпите, кои ако било потребно, можеле дополнително да се преградат со ѕид од кршен камен. Подоцна кај некои од нив се доградувале и конаци. Во пештерни цркви спаѓаат и голем број на монашки испосници. Поединечните испосници упатуваат на пустинаци кои се занимавале со мистика, чудотворство и пророкување, или можеби монаси кои сакале во посебен мир нивната душа да тргне по патот на светлината и да го најде својот дом блиску до Бога.

Почетоците на пештерното живописание

Започнати да се појавуваат околу деветтиот, некаде во периодот помеѓу 13 и 14 век настанале првите живописи кои можат точно да се датираат по трагите што на нив ги оставиле анонимните мајстори од т.н. ,,сликарки тајфи. Тоа биле иконописци кои припаѓале на помалку или повеќе карактеристични сликарски школи кои гравитирале на територијата на Балканот и затоа фреските во некои од пештерните цркви се сродни со фреско-сликарството во најпознатите манастири во Македонија. Така преку возвишениот енигматичен стил, во насликаните ансамбли можат да се следат уметничките тенденции кои провејувале во средновековнотот сликарство.

Честопати за овој тип на монументи отсуствуваат пишани извори, па денеска поради недостапностаСв. Стефан Панцир на повеќето од нив, како и поради продирањето на атмосверските влијанија во внатрешноста, отежнато е нивното проучување, анализирање и евентуална заштита. Најбројни околу крајбрежјето на Охридското и Преспанското Езеро, засега се регистрирани преку 50 пештерни цркви на територијата на Република Македонија, кои ги има и во долните текови на Бабуна, Црна Река, но и во Источна Македонија. Помеѓу нив спаѓаат Св. Марко и Св. Лазар на Тиквешкото Езеро, Св. Архангел Михаил, Св. Спас, Успение на Богородица, Св. Еразмо, Св. Богородица Пештанска крај Охрид (со најголем зачуван ансамбл), Св. Спас, Св Евла (Ресен), Монашка пештера и Црквиче (општина Чашка) и многу други.

Вечниот сон, мој духовен дом

Пештерна црква, СтругаСекако дека за сега ќе остане тајна кои биле луѓето што на вака мистичен начин ја пресликале својата духовност на ѕидовите од карпите!?? Гледајќи го сликарството во целост, ликовните карактеристики откриваат раце на вешти зоографи кои одлично го познавале својот занает, и со вонвременска љубов сликајќи ги познатите сцени од Светото писмо и Евангелијата, ги преточиле во непознати уметнички дела полни со вдахновение. На овој човек уметник и верник, суштинската концепција му била можеби, да подигне храмови на непристапни и осамени места како дел од величенствениот поход кон кралството на вечноста.

И воопшто не зачудува зголемениот интерес на странските туристи во Македонија кои доаѓаат специјално само за да ги видат пештерните цркви, а тие пак како ретка културна вредност остануваат да бидат неми сведоци на нашата средновековна култура и уметност. Сега не ни преостанува ништо друго, туку од нив да направиме препознатлив бренд, фино да ги спакуваме и да ги понудиме на светскиот пазар.

п.с. за повеќе информации можете да ја консултирате книгата на Гоце Ангеличин – Жура : “Пештерските цркви во Охридско-преспанскиот регион”, или да го прочитате неговото интервју.


Текстот е репринт. Воедно беше публикуван во книгата – В. Димитровска, 2008, Археолошки дневник, Аквариус, Скопје, 15-21.


Дел од текстот беше искористен да се уреди истоимената статија на Македонската Википедија.

Bookmark and Share

posted in Археологија, Архитектура, Историја, Придонеси на Википедија, Туризам, Уметност | 1 Comment

20th May 2008

Универзитет во Верона – Повик за ископување на Castello di Ilassi

 

За разлика од моите македонски колеги кои генерално гледаат само да скријат некој податок или информација во врска со одредена стипендија или конференција, светот е отворено поле за соработка. Последната покана која ми стигна е упатена од Универзитет во Верона и се однесува на ископувањето во Castello di Ilassi. Дворецот кој се наоѓа во северо-источниот дел од провинцијата Верона потекнува од првата половина на 10 век, но со истражувањата во последните 2 години востановено е дека во неговата околина се простираат археолошки локалитети со дијапазон од протоисторијата, се до модерното време.

Археолошките ископувања во 2008 имаат за цел да ја истражат внатрешноста на ѕидините каде се откриени структури од разни објекти. Сите заинтересирани повеќе информации можат да добијат тука.

Bookmark and Share

posted in Археологија | 0 Comments

19th May 2008

Call for papers – AARG 2008 ЉУБЉАНА

 

Пред некој ден ме побараа колегите од Љубљана да прашаат што се случува со отворениот повик за годинешниот собир на Аerial Arcgaeology Research Group (AARG) кој во септември ќе се одржи во овој град. Им паднало чудно што конкурсот е веќе 2 и пол месеца поставен на мојот блог/сајт, а од овој дел на светот до сега не дошла никаква реакција. Бидејќи еднашка веќе напишав пост на оваа тема, заинтересираните партиципанти сите податоци од званичниот Call for papers можат да ги подигнат тука во ПДФ формат.

Зa да им помогнам некако на моите словенечки колеги, како дополнување можам само да додадам дека поканата за конференција во најкраток можен рок ќе ја проследам до архитектите, авијацијата, географите, топографите, историчарите, Министерство за животна средина и просторно планирање др. Поточно до сите оние дисциплини кои денеска ги употребуваат изворите на далечинска детекција, а се поврзани со природните предели (landscape) и урбаните области.

Исто така здружението нуди неколку грантови (стипендии) за студенти и млади истражувачи кои би сакале да учествуваат на овој собир.

Само да потсетам дека рокот за пријавување на абстраките е до 31 Мај, а адресата за пријава се упатува на dave.cowley@rcahms.gov.uk


 

И мала напомена. Колеги, ве молам немојте да пријавувате теми со кои имате намера да земете некој грант и ќе ви послужат само за да се прошетате до Словенија. Верувајте дека тоа ќе ви се тресне од главата.

Bookmark and Share

posted in Археологија, Стипендии | 0 Comments

18th May 2008

Дај бе еден череп, па џанам бил и кристален

 

Што е Индијана Џонс? Индијана Џонс е се она што не би сакала да бидам во претходните два, во следните 3 животи и класичен пример како не треба да делува еден вистински археолог. Но за жал Индијана Џонс е најпознататa и најприфатената изградена претстава што ја имаат луѓето пред себе кога ќе помислат на археолог. Толку е навлезен во сите пори од капиталистичката индустрија за експлоатирање на археологијата, што дури и некои од репликите на ,,артефактите” кои се најдоа во првите три дела од овој серијал се продаваат по баснословни суми. Но дали е Индијана Џонс само измислен филмски лик, или специјално создадена фигура да растресе еден цел нов археолошки поредок во зачеток?

На 16 Мај 2008 година во рамките на Канскиот фестивал се случи неофицијалната премиера на четвртиот дел од серијалот за Индијана Џонс насловен како: ,,Кралството на кристалните черепи“, које е инаку закажана за 22 Мај. Филмот е базиран на вистински археолошки артефакти познати како кристални черепи, кој за прв пат биле откриени во 19 век, а специјалистите ги припишуваат на различни ,,древни Мезо-американски” култури.

Човечките черепи никогаш не биле вон фокусот на вниманието, а минатата година благодарение на уметникот Дамиен Хирст го достигнаа врвот на современата кич митологија. Но, да се вратиме малку назад во времето кога черепите на кои има розови дијаманти вредни повеќе од 8 милиони долари, не претставувале победа над смртта, туку нешто сосема поинку.

Во депоата на неколку светски музеи се уште постојат артефакти кои недефинирано ја кријат мистеријата за своето потекло. Тие се означени како OOPArt или out-of-place artifact, бидејќи не е познат нивниот археолошки стратиграфски контекст. Помеѓу нив спаѓаат и т.н. кристални черепи.

Crystal skull

На секој кој има барем малку познавање од светот на минералогијата, му е јасно дека воопшто не е лесно да се направи избрусен човечки череп од горски кристал. Имено, горскиот кристал е најпрочистениот тип на кварц, а кварцот според Мосовата скала за тврдина има има индекс 7. На прво место како најслаб е талкот, а на последно – дијамантот како најтврд досега познат минерал кој потекнува од геолошките творби на Планетата Земја.

Кристалните черепи генерално се мали стилизирани реплики на човечки черепи направени одCrystal scull полиран кварц или стакло. Создадени најверојатно кон средината на 19 век, кога ново настанатите држави во потрага по свој идентитет креираат лажни артефакти, овие кристални черепи се долгогодишна тема на контроверзност. Полемиките се засилија, особено по некои научни испитувања кои тврдат дека тие не се со автентично пре-колумбиско, туку со европско потекло. По овој повод во последниот број на престижното списание Acrheology, официјална публикација на AIA (Archaeological Institute of America), излезе написот ,,Легендите за Кристалниот Череп“. Во него е поместена авантурата на антропологот Jane MacLaren Walsh од универзитетот Smithsonian, додека го анализирала артефактот кој послужи за инспирација на Индијана Џонс и Кралството на кристалниот Череп.

Уште на почетокот од 20 век станало јасно дека археологијата е наука тесно поврзана со историјата и антропологијата. Првата и најосновната фаза од теоретската мисла на археологијата, симплифицирано била наречена културно-историска или само културна археологија. Најголемиот противник на оваа културна археологија бил правецот кои се појавил на почетокот од 60-те год. од 20 век, т.н. Процесуална археологија (New archaeology). Овој нов тек на чело со Luis Binfors ја пореметил идилата на претходно зацврснатата мисла за нормалната состојба на археологијата, со слоганот ,,Archaeology as anthropology“.

Crystal skull - British museum

На почетокот од 80-те години од 20 век археологијата и палеонтологијата во САД беа во огромна криза. Приврзаниците на Процесуалната или т.н. Нова Археологија, кои се претежно американци, почнуваат да го губат приматот кој го имаат стекнато во изминатите дваесеттина години. Тежиштето пополека почнува да се префрла кон Европа, која е во суштина лулка и иницијално жариште на оваа наука.

Помеѓу 1977 и 1982 година станало јасно дека почнува нова правец во археологијата. Oсновната тенденција се движела на релацијата симболизам -> структурализам -> мисла, потиснувајќи го долгогодишното задоволството со кое археолозите се сретнувале на својата теренска работа. Првиот дел на Индијана Џонс (Raiders of the Lost Ark) излегува во 1981 година, една година пред да се случат клучните настани во историјата на теоретската археологија кои сериозно ќе ги разнишаат нејзините основи. Побуната против стариот поредок доаѓа во форма на когнитивна археологија на чело со Јан Ходер (Ian Hodder), а центар е Универзитетот во Кембриџ. Имено, во 1982 година излегуваат две книги на Јан Ходер кои засекогаш ќе сменат многу работи, а студентите на Кембриџ за последен пат во рацете ќе го држат бројот на American Antiquity.

Во врска со овие настани археолозите незванично се сложуваат дека и покрај тоа што Стивен Спилберг (Steven Spielberg) никогаш не важел за ангажиран режисер, сепак филмовите за Indiana Jones и Jurassic Park му се специјално нарачани од американската влада за популаризација на археологијата и посебно на палеонтологијата, која рака на срце навистина ја има во огромни количини во САД.

Crystal skull - Smitsonian University

Независно какви се претпоставките за понатамошниот развиток на археолошката мисла и какви реакции ќе предизвика овој дел од серијалот за Индијана Џонс, се уште остануваат дебатите од типот “А што тоа сега доаѓа по пост-процесуализмот“? Археологијата во основа е филозофија на животот со посебен дискурс кон материјалните предмети и досега не сум сретнала човек кој не ја сака. Но сепак, ако видите некој археолог кој премногу ви филозофира, верувајте дека ќе ви преседне.

Bookmark and Share

posted in Архео TV 2.0, Археологија | 2 Comments

Get Adobe Flash playerPlugin by wpburn.com wordpress themes