2008 April » Археолошки дневник vol.2.1/2 ©
26th April 2008

Христос воскресна, навистина воскресна

 

„Оној што некогаш ја затвори бездната сега мртов се гледа и завиткан во смирна и плаштаница. Бесмртниот како смртен во гроб се полага, а жените, плачејќи горчливо, дојдоа да Го помазат со миро, велејќи: ’Оваа сабота е најблагословена, зашто во неа Христос Кој заспа, по три дена ќе воскресне’.“

Оплакување на Христос, фреска Нерези, Скопје (1164 година)

Црковни ѕвона ѕвонат
оплакувањето Христово
го слават
во храмот со икони
свеќи за здравје палат
со молитва треба
врска со Бога
да воспоставиме
духовно да се прочистиме
избистриме освестиме
та не сме ние толку мали
та не сме ние толку ситни
додека не бараат
на картата на Балканот
нашите Амбасадори
на добра волја
од мајка родени
со љубов оплодени
не прикажуваат
не афирмираат
не именуваат
како големи
меѓу најголемите.

Патување во себе - Надица Тренчева

Овој пат си дозволив да ви посакам се надобро за престојните Велигденските празници со дел од поемата ,,Патување во себе”, за која еден блогер ја освои наградата Глигор Прличев во 2005 година. На сите православни, мои роднини, пријатели, читатели или попатни минувачи низ мојот блог, им ги честитам Велигденските празници. Нека ви е само за арно, и за многу години.

Христос воскресна, навистина воскресна.

напишано во Мои размисли за..., Уметност | 1 Коментар

22nd April 2008

Свеќа на Велики петок за загубеното богатство на Ирак

 

Да не беше владеењето на Садам Хусеин, досега археолошките локалитети Нимруд, Нинива, Вавилон, Ериду и Ур не ќе се ,,прочуеја”. Е па не е така. Тие со или без него си ја достигнаа светската слава. Иако, секој од нив и послужи и на Агата Кристи за дејствијата во некој од нејзините романи, насловени како: Murder on the Orient Express, Death on the Nile, Appointment with Death и секако Murder in Mesopotamia.

Додека Кристи ги смислувала нејзините романи, госпоѓицата Гертруда Бел која била археолог, лингвист и најдобрата жена планинар на нејзиното време, во Багдад 1921 година ги исцртала границите на земјата која подоцна стана Ирак. Најпознат од сите горенаведени локалитети на територијата на оваа денешна држава е Вавилон - град во древната Месопотамија, најмногу поради фактот што:

* бил изграден помеѓу реките Еуфрат и Тигар
* во него бил донесен Законикот на Хамураби
* бил престолнина на Бабилониа
* бил центар на Блискиот Исток по падот на Асирската империја
* бил rulled by Набукодоносор
* бил почитуван од Александар Македонски и од Селеукидите.
* бил повеќепати рушен и подигнуван
* бил ископуван од Robert Koldewey, ученикот на Heinrich Schliemann
* бил пример за т.н. империјалистички приод во археологија
* бил ,,сљуштен” од British Museum кој поседува колекција од отприлика 120 000 плочи кои споро се публикуваат
* и уште многу тоа бил… Но бил …

Осум порти се отворале кон срцето на Вавилон, заштитен со надворешен ѕид и внатрешен бедем. Осмата капија во северниот дел од градот т.н. Порта на божицата Иштар (чијашто најпрегледна реконструкција се наоѓа во Пергамонскиот Музеј во Берлин), е еден од неговите препознатливи знаци. Подигната во чест на вавилонската богинка на љубовта, била изградена околу 575 BC од кралот Набукодоносор II. Истиот оној кој ги подигнал Висечките градини на Семирамида, едно од седумте чуда на стариот свет. На видео клипот подoлу е снимката која ја направив при една посета на Музејот за ориентална култура, кој се наоѓа во Археолошкиот парк во Истанбул, заедно со уште три други музеи. На него се гледаат остатоците од оваа Порта која денеска се наоѓа распрчкана низ 15 музеја по светот.

На 5 Jануари 2008, на церемонијата која се одржа во организација на AIA (Archaeological Institute of America) во Чикаго, непрофитната организација посветена на зачувување на целокупното светско наследство - SAFE (Saving Antiquities for Everyone) ја додели наградата Beacon Awards за 2008.

Таа му припадна на д-р. Neil Brodie за неговите натчовечки напори како Research Director на Illicit Antiquities Research Centre при McDonald Institute for Archaeological Research (University of Cambridge) за подигнување на свесноста кај јавноста во борбата од последиците кои ги носат недозволената трговија со антиквитети и сквернавењето на древните локалитети и споменици ширум светот. Исто така награден беше и д-р. Donny George Youkhanna на кого му беше укажана чест како поранешен генерален директор на Iraq Museums за напорите кои ги вложи за да го зачува и заштити скапоценото археолошко богатство на Ирак.

По двете случки кои следеа во последните 20 години, денес светски познатиот локалитет Вавилон (Babylon), е само една руина. На почетокот од 80-те години ирачкиот диктатор Садам Хусеин нареди локалитетот да биде реставириран и конервиран, но археолозите и конзерваторите не го послушаа. Тоа не беше најлошото. Да биде катастрофата и разорувањето поголемо, по падот на Садам во 2003 год. полските војници го употребија како воена база. Овие две ,,несреќи” го принудија UNESCO да го симне Вавилон од Светската листа на културни добра, со што светот веројатно го загуби еден од најмоќните локалитети засекогаш. :(

За да се задоволи силогизмот на настани дека несреќата не доаѓа сама, во периодот од 10-12 април 2003 год. breaking news во светот беше веста дека од Националниот музеј во Ирак систематски беа украдени и уништени вредни предмети, при што се утврди дека недостасуваат околу 7000 артефакти. Оваа бројка до денес е веројатно дуплирана, а настанот се случи по повод упадот на ,,цивилизираните” USA трупи при влегувањето во Багдад.

Видео клипот на SAFE во спомен на настанот кој придонесе луѓето да бидат лишени од нешто што во минатото го носеше епитетот ,,Лулка на цивилизациите” е направен во соработка со Donny George Youkhanna, поранешен директор на Ирачкиот музеј во Багдад, кој говори за настаните од април 2003 - та година.

А јас палам една свеќа на Велики петок. Во мојата душа се уште гори кандилце. Без ова богатство сум посиромашна и јас, а богами и ти читателе мој.


Додаток:
Датабаза на написи поврзани со уништувањето на Ирачкото богатство
Законикот на Хамураби
Babylon загубен засекогаш

напишано во Археологија, Архитектура, Историја, Политика | 0 Коментари

21st April 2008

,,Мали разлики” помеѓу научно-популарен и научен текст

 

До крајот на животот да не прочитам ништо за археологија, можам да пишувам текстови и постови. Но ако мислите дека со истата леснотија со која се пишуваат научно-популарни постови може да се напише и научен текст, сте се прелагале.

Настанот има своја хронологија која започна некаде пред 4 години. Тогаш во Гевгелија се одржа 18 симпозиум на Македонското Археолошко Научно Друштво на кој имав свое излагање. Како што минуваше времето, а пари за публикување немаше, така јас сосема поздраборавив на веќе напишаниот текст. Се до оваа пролет, кога ми го побараа за официјално печатење. Прво имав проблем да најдам толку стара статија во компјутерот, а потоа се соочив со фактот дека во меѓувреме знаењето ми се зголемило, па следствено на тоа решив да седнам и да го преработам.

И се заебав.

Памет за друг пат. Или да не седнувам да корегирам веќе напишани текстови, или одново да ги напишам со моменталниот дискурс кон третираниот научен проблем. Не е баш лесно човек да излезе од сопствениот текст кој го напишaл пред многу години, и да го гледа со очите на некој друг. Корекцијата мора да биде видена од надворешна позиција, а тоа е една психолошка состојба која се увежбува или со работа или на многу други начини. Како на пример:

- да имаш привремена амнезија и да го заборавиш текстот
- друг да ти го чита
- сам да се снимиш како спикер и да си бараш грешки
- разно

Работите треба да се кажат едноставно со карактеристики кои во најелементарен смисол го објаснуваат она кое сака да го каже авторот, а сепак притоа да се задржи едно научно ниво. Замката во која влегов е тоа што јас си ги познавам своите мисли. На нив сум се навикнала како на своја облека. Читам, како да не читам. Поминувам низ текстот и мислите ми доаѓаат автоматски. Всушност не правам ништо друго, туку се потсетувам на сопствените мисли и текстот ми изгледа сосема во ред. Би рекла дека тоа е голем проблем во пишувањето на научен текст, со кој се соочува секој новопечен научник од дигиталната ера.

Бидејќи си го искомплицирав животот, му се јавив за помош на еден мој колега. Кога тој почна да ми го поправа техничкиот изглед на текстот, да ми отфрла еден куп заменки во и онака предолгите реченици, јас се збунив. Испадна како да сум елементарно граматички неписмена, а сепак од друга страна можам да напишам супер читлив пост на блогот. Па богати, издадов дури и книга.

Но, човекот по природа е визуелен тип. И секогаш е подобро да го гледа тоа што го работи, отколку да го работи напамет. Всушност она кое се случува при овој процес е тоа што луѓето запаѓаат во стереотипи. Се добро функционира во говорниот јазик, па дури и на блог, но е сосема поинаку на хартија. Работата е во тоа што постои мислење дека со појавата на компјутерите и word-от во многу е олеснето пишувањето. Но дали е така? Да се пишува по некој автоматизам, притоа не мислејќи за формата и структурата на текстот во која е употребена говорната а не литературната граматика, има огромна разлика.

Во секој случај добив добра животна лекција дека не е се така како што изгледа, или како што јас мислам дека треба да игледа еден научен текст. Да сме живи и здрави, во моментот кога ќе биде публикуван, а тоа би требало да се случи во септември, ќе го поместам за симнување на блогот.

напишано во Разно | 1 Коментар