Archive for January, 2008
Le temps du sacré (Свето време)
Се што имам во животот сакам еднашка,
а се што сакам го губaм два пати.
Сонце или месечина
дуализам на природата.
Во мојот свет го живеам
моментот на посебноста.
Свето е тоа или профано
во истиот момент доловено.
Оваа моја дамнешна песна ме потсети на тоа дека кај старите народи покрај многу други детерминации, времето се делело на ,,Свето” и ,,Профано”. Веројатно најдобро од сите интелектуалци овој аспект го има елаборирано Мирча Елијаде во неговата истоимена книга каде преку антрополошки, феноменолшки и психолошки аспекти ни го претставува човекот како homo adorans.
Она што мене ме интересирало отсекогаш е како луѓето ги доживуваат сакралните објекти кои се наоѓаат насекаде околу нив. Светите места не само во Македонија, туку било каде, не постојат на страна од луѓето. Тие се градени од луѓе за луѓе. Во внатрешната природа на човекот е неговото тежнеење да ги спои профаното (историското, друштвеното, обичното) со сакралното (духовното, светото, мистичното, бесмртното) чие всплотување најчесто се одвива за време на празниците, кога во овие свети објекти е присутен човекот. Ова е веројатно и најголемата причина зошто тие претставуваат исклучителни примери на ,,живо културно наследство”.
Жртвата на Аврам – црква Св. Софија, фреска од XIII век
Сакралното културно наследство постои насекаде во светот. Но во Македонија, каде што се уште живеат припадници на голем број религии, сакралните објекти опстојувале и опстојуваат едни покрај други со векови како редок, ако не и единствен пример на коегзистенција во Европа и светот. Кога луѓето едно место ќе го означат како свето, тоа е ,,вакавско” од вајкада. Овој термин сепак не би го именувала како проколнато, бидејќи е тоа многу јак збор. Но би го детерминирала како – ,,предодредено”.
Постои една непишана прикаска кај археолозите која и порано ја имам раскажувано. Ако се пронајде некоја средновековна црква, под неа е голема веројатноста да постои базилика. Ако се ископува подлабоко одоздола ќе се најде грчки храм, а ако се копа уште подлабоко можеби ќе се налета и на неолитско светилиште. Накратко – сакам да кажам дека она кое останало во колективната свест на луѓето тешко се брише, исто како што тешко се бришат обичаите, имињата и некои топоними кои живеат со столетија и покрај тоа што физички престанале да постојат. Многу е тешко со малку зборови да се успее да се долови светоста на едно место. Прашајте ги вашите родители за урбаните легенди кои кружат околу мистериозното умирање на работниците кога и да почнело на местото од возобновената Св. Богородица во Скопје да се гради друг објект кој не бил свет храм.
,,После утринска молитва “, Шарената џамија – Tетово, XVIII век
Tретманот на еден сакрален објект во културен предел е од огромно значење. Покрај тоа што еден објект ќе се реконструира (значи ќе му се врати неговиот поранешен познат облик), исто така е од огромна важност каква ќе биде неговата функција во урбаниот простор на едно место, на пример во овој случај во едно градско јадро кое функционира самото за себе како сакрално-профано-културен пејсаж. Т.е. простор кој е од материјално, духовно и културно значење за една заедница. Во природата сите работи одат во пар, така да е скоро невозможно да се издвoи сакралното од профаниот простор кој го опкружува и со кој се сродил. Во 21 век со сите благодети на модерното време, светите места многу тешко го задржуваат својот автентичен карактер. А би требало. Инаку која би била причината повторно да се возобновуваат.
Духовноста во еден сакрален објект секој од нас ја чувствува на најразличен начин и со различен степен на интензитет. Според мене, секој човек носи по еден храм во своето срце. Тогаш зошто би му бил потребен објект на сред град, секому експлицитно да му го покаже тоа.
***
Во текстот се користени фотографии од каталогот за изложбата ,,Свето време” од Панче Велков.
Археоблог, Кими и Новица во Радио Равел
На покана од Игор Анѓелков, авторот на емисијата Мезанин, на 23.01 (во среда) јас, Кими и Новица ќе гостуваме во Радио равел од 21 до 00 часот. Темите ќе бидат разнородни почнувајќи од блогот како медиум, па се до лиценците на Криејтив комонс и Слободниот Софтвер.
Пред тоа како што е редот, ќе појдеме во културниот центар Точка каде во рамките на Сподели кино овој пат ќе бидат предавања од 24c3, хакерската конференција која се одржа во Берлин на крајот на 2007 година. Така да ни се простува ако закасниме малку во Равел. Ќе пробаме да компензираме со добра музика која ќе ја понесеме, бидејќи ни беше предложено музичката концепција на емисијата да ја направиме самите ние.
Интернет линкот на Равел можете да го симнете тука, а ако некој има било какво прашање за кое смета дека треба да отиде во етерот, слободно нека напише.



















